9.3. Во љубовта на Отецот

9.3. Во љубовта на Отецот

„Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“

Матеј 21,40

Исусовата вера е вера на син а не вера на роб; таа е верност за љубовта а не за надница, доверба во зборот а не на меница, слобода во Законот а не во беззаконие. Исус никогаш не бил „незаборавлив слушател, туку извршител на делото“. Исусовата вера најдобро се гледа во неговите сопствени зборови: „Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова“ (Јован 15,10).

Исус „останал во љубовта на Отецот“ извршувајќи ги Божјите заповеди како Син а не како слуга, доброволно а не од должност. Тој бил послушен од љубов а не од страв, и не се обѕирал на последиците. Исусовата вера е вера што раѓа дела како „својот род го дава навреме“ (Псалм 1,3). Прв и најважен род на верата е послушноста.

Постои нераскинлива врска меѓу Божјите заповеди и Исусовата вера. Библијата кажува: „Тука е трпението на светите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14,12).

Најголема грешка на Христовите современици била таа што го држеле Законот а ја отфрлиле верата, како и денеска многу христијани што веруваат во Христа а го отфрлаат Божјиот закон. Евреите не го сфатиле единството на Исусовата вера со Божјите заповеди. Тие ги признавале Божјите заповеди а го отфрлиле Христа, како што мнозина денеска го признаваат Христа, но ги отфрлаат Божјите заповеди иако Христос рекол: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам“ (Матеј 5,17).

Божјиот закон отсекогаш служел само како огледало што го откривало гревот и упатувало кон Христа како Спасител од гревот – „преку кого ќе биде оправдан секој што верува“ (Римјаните 10,4). Христовата смрт на крст го овозможува тоа оправдување.

Колку се приближувал крајот на Христовата мисија, непријателството кон него сè повеќе растело. Исус зборувал сè попретпазливо. Тој не сакал да стори ништо со што би го забрзал времето на својата смрт. Уште од вечни времиња неговата смрт била планирана за одредено време. Сепак, не можел погрешно да се сфати неговиот расказ за домаќинот што посадил лозје и им го доверил на лозарите. Со расказот за лошите лозари Исус им покажал на водачите на еврејскиот народ дека му се поз­нати нивните намери и дека смртта кон која Тој оди во пресрет е последица на престапот на Божјите заповеди. Расказот гласи:

„Имаше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако го предаде на лозарите, си отиде. И кога наближи времето за берба, тој ги испрати при лозарите своите слуги, за да му ги приберат плодовите. Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа. Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите, но и со низ направија исто. Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: ’Ќе се засрамат од сина ми‘. Но лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа, помеѓу себе: ’Овој е наследникот, ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово‘. Па, како го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија. А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари? Му одговорија: ’Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме‘“ (Матеј 21,33-41).

Во овој расказ лозарот-домаќин е Бог а синот на лозарот е Исус. Во него е изнесена вистината за Христовата смрт за гревовите на светот. Зошто Божјиот Син морал да умре?

Библијата кажува дека смртта е последица на гревот. Тогаш зошто Исус умрел кога Тој никогаш не згрешил? Смртта на безгрешниот Божји Син била нешто несфатливо за целата вселена. Исус ги одржувал сите Божји заповеди и останал во неговата љубов, а сепак бил распнат на крст. Било неопходно потребно Христос да објасни дека неговата смрт ќе биде последица на човечките гревови. Затоа и им го раскажал овој расказ.

Ниеден Христов расказ не ги открива неговите мисли толку одредено како овој. Во него Тој јасно се изделува себеси од низата други пророци. Тој не бил слуга туку Син. Како Законодавец бил над Законот, а сепак ги држел сите заповеди од љубов. „Љубовта е извршување на Законот“, кажува Библијата на секој чекор.

Односот на еврејскиот народ кон Божјите пророци и пратеници бил непријателски – тие едни од нив претепале, други убиле, а трети засипале со камење… Најпосле Бог го испратил кај нив својот Син мислејќи: „Ќе се засрамат од сина ми“. Но, наместо да имаат обѕир кон Синот, тие „го фатија, па го изведоа надвор од лозјето и го убија“. Каков драматичен крај!

Обраќајќи им се на своите слушатели како на духовни лозари на „домот Израелов“ (Исаија 5,1-7), Исус ги праша: „Кога Ќе дојде господарот на лозјето, како ќе постапи со тие лозари?“ Тие одговориле: „Злосторниците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги даваат плодовите навреме“.

Ниту еден друг одговор не доаѓал во обѕир. Тие го отфрлиле Христа и со оваа своја изјава се осудиле самите себеси. Со неа ја претскажале својата сопствена пропаст. Најпосле, кога сфатиле дека Исус зборува за нив, наместо да признаат дека им е потребен Христос и неговото проштавање, тие се разгневиле: „па гледаа да го фатат, но се плашеа од народот, зашто го сметаа за пророк“ (Матеј 21,46).

Фарисеите, книжевниците и свештениците на еврејскиот народ сакале да се мијат со Законот како огледало наместо со Христовата крв пролеана на крстот на Голгота. Држењето на Законот без вера во Христа не може да го очисти срцето како и огледалото што не може да го измие лицето без вода и сапун. Законот осудува, а Исус спасува од гревот, но не ослободува од Законот. Божјите заповеди се непроменливи како и сам Бог. Исусовата вера го прави Божјиот закон „голем и славен“ (Исаија 42,21). Со својата доброволна смрт Исус покажал дека Бог не може да се помири со гревот и со злото, а со своето воскресение ја покажал својата моќ и сила да го спаси од гревот и од смртта секого кој верува во него.

Исус е центар, а Библијата единствен темел на науката за спасението. Исусовата вера ослободува од гревот, а не од послушноста на Божјите заповеди. Радоста, мирот и надежта доаѓаат со слободата од гревот, а не со отфрлањето на Законот! Библијата ве повикува: „Да не грешите“. И ветува: „Ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот. Он е очистување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2,1.2). Исусовата вера и послушност одат заедно!