18.5. Скоро и брзо

18.5. Скоро и брзо

„Стражарете, зашто не знаете во кој ден ќе дојде вашиот Господ.“

Mатеј 24,42

Последниот и најславен знак на скорешното Христово второ доаѓање е проповедањето дека Тој ќе дојде. Христос нема да дојде по вторпат на оваа Земја а за тоа да не ги извести сите нејзини жители. Најголемата тајна на неговото враќање е – дека тоа не е тајна. Секој може да го знае и треба да го знае времето на неговото славно повторно стапување на големата сцена на човештвото. „Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците“ (Амос 3,7).

Сам Исус Христос рекол дека проповедањето на веста за неговото второ доаѓање во слава ќе биде последен знак: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24,14).

Некои мислат дека цитирањето на пророците и апостолите застарело. Некои пак се склони сосема да му ги предадат на заборавот. Во црквите исто така ќе се занемари проповедањето на второто Христово доаѓање. Пред да дојде Исус, меѓу христијаните по име ќе се појават подбивачи кои ќе ѝ се подбиваат на веста за неговото враќање. Апостол Петар претскажал таков однос кон проповедањето на овој настан: „Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби. И ќе велат: ’Каде е ветувањето на Неговото доаѓање?‘“ (2. Петрово 3,3.4).

Пророците не очекувале нивната вест за Христовото скорошно враќање да ја пречекаат сите со одобрување. Напротив, тие ја предвиделе иронијата на своите слушатели, подбивањето и потсмевот. Но Христос не рекол дека пророштвото за неговото доаѓање поради тоа ќе пропадне. Во последната глава на последната книга на Библијата се наоѓа и најзначајниот збор на гарантираното ветување: „Еве, доаѓам скоро; блажен е оној, кој ги пази пророчките зборови на оваа книга“ (Откровение 22,7).

Христос рекол дека ќе дојде, и ќе дојде. Мнозина знаат дека Христос еднаш веќе бил на Земјата, но не сакаат да мислат на тоа. Исус рекол дека пак ќе дојде, но тие не го сакаат неговото враќање. Тоа не одговара на нивните желби. Германскиот цар Вилхелм II на ист начин ја примил веста на пророштвото на пророкот Данило за второто Христово доаѓање: „Не, јас тоа не го прифаќам; тоа не се вклопува во моите планови“. Неговиот план бил да стапи во Прва светска војна.

Кога Христос еднаш веќе бил овде, зошто не би можел да дојде уште еднаш. Тој рекол дека ќе се врати. Тој е верен и вистинит Сведок. Сите христијански цркви второто Христово доаѓање го нарекуваат парусија или адвент. Скоро сите цркви веруваат во него и според тоа скоро сите христијани се адвентисти како и нивните свештеници и проповедници. Тогаш зошто толку малку се слуша за Христовиот адвент од црковните проповедални? Зар Христос не рекол: „Ете, идам скоро: држи, што имаш, за да не го земе никој венецот твој!“ (Откровение 3,11).

„Парусија“ е грчки збор што значи Христово лично, видливо и јавно доаѓање. Тој значи негово лично присуство; негова лична појава, без ништо таинствено и тајно. Но доказ за близината на Христовото враќање не е само тој збор. Исус тропа на вратата од човештвото со многу знаци, додека сигналите на неговото доаѓање се гледаат на сите страни на светот.

Никаде во Библијата не пишува ниту за годината, ниту за месецот, ниту за денот кога Христос ќе дојде. Никој не го знае тој час. Секое одредување на кој и да е датум на Господовото враќање е голема грешка. Сам Исус рекол за тој ден: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец“ (Матеј 24,36).

Ако светот биде изненаден со Христовото доаѓање, тоа нема да биде затоа што не знаел ништо за тоа, туку затоа што нема да биде готов. Но нема потреба некој да биде изненаден и неподготвен. Христос го предупредил светот дека ќе дојде одненадеж: „Стражарете, зашто не знаете во кој ден ќе дојде вашиот Господ. Запомнете го ова: кога домаќинот би знаел во кој час ќе дојде крадецот, би бдеел и не би дозволил да му провалат во куќата. Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот човечки ќе дојде во часот кога не очекувате“ (Матеј 24,42-44).

Проповедањето на евангелието за Христовото повторно лично и видливо доаѓање е претставено во четиринаесеттата глава во Книгата Откровение со појавата на тројца силни ангели со тројна порака до сите жители на светот. Првиот од нив „зборуваше со висок глас: Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори!“ (Откровение 14,7).

Проповедањето на Христовото доаѓање содржи повик за обожавање на Творецот. Зашто „за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (2. Мојсеева 20,11).

Веста на вториот ангел е вест за паѓањето на „големиот Вавилон“, симболот на паганско-христијанската филозофија: „И извика силно, зборувајќи со висок глас: ’Падна, падна великиот Вавилон, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици; зашто со отровното вино на своето блудство ги напои сите народи“ (Откровение 18,2.3).

Третата вест за Христовото второ доаѓање исто така содржи свечен повик за подготовка: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини, бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини“ (Откровение 18,4.5).

Симбол на отпадот на стариот Вавилон од Бога била неговата кула со врвот што требало да допре до небото. Гревовите на формалното христијанство пред второто Христово доаѓање исто така ќе допрат до небото. Бог повторно ќе каже како и некогаш: „Ајде да слеземе…“ (1. Мојсеева 11,7).

Проповедањето на Господовото доаѓање содржи повик против престапувањето на Божјиот закон и враќање на послушноста на Божјата волја. Затоа третиот ангел ја заклучил својата порака и повик со зборовите: „Тука е трпението на светиите; тука се оние, што ги пазат заповедите Божји и верата во Исуса“ (Откровение 14,12).

Христос ги држел сите Божји заповеди. Тој ја истакнал Библијата како единствено мерило на вистината и Божјиот закон како единствено мерило на правдата. Исус сака својата вера да ја всади во срцата на сите човечки суштества. Тој повикува: „И Духот и невестата велат: ’Дојди!‘ И кој ќе чуе, нека каже: ’Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22,17).

Драги пријатели, и нашиот одговор нека биде: „Да, дојди, Господи, Исусе!“ (Откровение 22,20)