8.3. Повик на свадба

8.3. Повик на свадба

„Ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе.“

Лука 2,10

Датумот на раѓањето на нашиот свет не е забележан во архивата на Библијата. Но овој радосен настан сепак е забележан уште на првите страници на светата Книга. И сам Бог, Творецот на светот, тогаш пеел. Не можел да остане на страна на мигот кога во негова слава „ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост“ (За Јов 38,7).

Световите над нас се домови на радосни жители. Вселената е семејство на среќни суштества. Иако појавата на гревот на Земјата го ожалостила целото небо, пронајден е излез од неволјата, и ѕвездите повторно затрепериле од песна и радост. Ноќта, кога е роден Божјиот Син во Витлеем, небесата пламтеле со невидена радост. Еден силен ангел на сите поколенија им ја објавил таа среќна новост со зборовите: „Ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе“ (Лука 2,10).

Тоа било завештание на небесна радост за земните суштества. Залог на таа радост било отелотворувањето на Божјиот Син. Исус станал гаранција на новата поплава радост во човечките срца. Создавањето морало да се повтори. Веста за раѓањето на Принцот на радоста била најскапоцена вест во вселената. Само Бог ја знае нејзината вистинска цена. Само Тој можел да ја плати, и ја платил.

Исусовото отелотворување всушност било раѓањето на единствениот и законит наследник на вселенската власт. Библијата нѐ известува дека Бог „го постави за наследник над сè, преку кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1,2). Со своето доаѓање на светот Исус на Земјата донел „мир и радост во Светиот Дух“ (Римјаните 14,17). Исус радоста на своето царство ја споредил со една голема и свечена вечера.

Ова значајно Христово споредување ни зборува за можноста сите земни суштества да влезат во Христовото царство на радоста. Да читаме во Евангелието на Лука 14. глава од 16-24 стих: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина; и кога настапи време за вечера, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ’Дојдете, оти сè е готово!‘ И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ’Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘ Вториот рече: ’Купив пет чифта волови и одам да ги пробам; те молам – извини ме!‘ Третиот рече: ’Се оженив и затоа не можам да дојдам!‘ Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ’Отиди бргу по раскрсниците и улиците градски и доведи ги тука бедните, слабите, хромите и слепите!‘ И рече слугата: ’Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘ И му рече господарот на слугата: ’Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, за да се наполни мојот дом! Зашто, ви велам: никој од поканетите нема да вкуси од вечерата Моја!‘“

Во ова Исусово споредување има неколку точки од суштествена важност. Да обрнеме посебно внимание на тие места. Најпрво, времето на вечерата е навечер. Слугата бил испратен пред нејзиниот почеток, „кога настапи време за вечера“. Во Палестина скоро и нема квечерина. Штом сонцето ќе зајде, настапува ноќ. Веќе паднал мрак кога поканетите го примиле повикот и почнале да се изговараат. Првиот рекол: „Купив нива и ќе треба да одам да ја видам“. Но како можел да ја разгледа нивата по мрак? Во најдобар случај, неговиот изговор бил нелогичен.

Вториот рекол: „Купив пет чифта волови и одам да ги пробам“. Зар постои Евреин кој купува волови, а пред тоа да не ги проба? И овој изговор бил сомнителен, но третиот изговор бил смешен: „Се оженив и затоа не можам да дојдам“. Општеството во кое живеел Исус воопшто не се осврнувало на правата на жената; тие вределе мал­ку повеќе од еден роб. Познато е дека евреј­ските момчиња биле учени секое утро да му благодарат на Бога што не се родиле како девојчиња. А на тоа ги учеле нивните родени мајки!

Изговорот дека човекот не може да дојде на вечера затоа што е оженет звучел смешно, зашто Исус сакал да покаже дека никој не може да најде ниедна паметна причина за да го оправда одбивањето на повикот да дојде во неговото царство. Најсиромашните и најзаостанатите, како и најбогатите и најобразованите можат да најдат место во Христовото царство на радоста, зашто повикот е широк како светот и привлечен како гозба.

Христовиот повик е вест за радост и христијанството нема врска со солзите. Ние сме му благодарни на Бога што нашиот Господ бил готов да страда и да умре, но Тој не се наоѓа повеќе на крст туку на престол! Неговото царство не е тажна процесија, туку свадбена поворка на венчавање на љубовта со радоста, на храброста со довербата. Синовите и ќерките на Христовото царство се деца на „светлината“  (Јован 12,36), а не на тагата.

Доаѓањето на Божјиот Син во тело ѝ дава на оваа Земја опустена со гревот нова убавина. Исус дошол со повик на свадбена гозба на повторно соединување на небото и Земјата. На свадбата нема тага. Исусовото божество човечката душа ја прави среќна.

Од своето раѓање па сѐ до крстот, Исус непрекинато докажувал дека Божјата љубов е таква што Бога ништо не може да го спречи да нѐ љуби. Кој ќе ја оспори Божјата љубов кога го посматра неговиот Син од Витлеем до Голгота? Кој може да каже дека Бог не дал сѐ што имал кога ни го дал својот Син за да стапиме со него во заедница на радоста? Љубовта е единствен двигател на правдата, на мирот и радоста. Љубовта што ја покажал Исус кон нас е Божја љубов.

И пред Христа имало учители кои ја нагласувале важноста на љубовта кон ближниот. Но љубовта што ја покажал Исус ја ослободила религијата од човечките сфаќања според кои таа е студен правилник за тоа што може да се прави а што не може. Божјиот Син дошол не само да живее за другите, туку и да умре. Тој знаел дека само неговата смрт и воскресение можат на луѓето да им обезбедат бесмртност. Љубовта е повисока од правилата. Љубовта, правдата, мирот и радоста му даваат смисла на животот.

Некој Кинез, кој никогаш ништо не слушнал за Христа, му пристапил на еден христијанин и рекол: „Кажете ми нешто за вашата религија. Не знам во што се состои таа, но знам дека во вашиот дом слушнав песни како и во домовите на моите соседи кои ја примија вашата религија. Ако имате нешто што ги прави луѓето среќни, дајте ми го тоа!“

Повикот на гозба во Христовото царство на радоста е небесен повик. Да ја подадеме раката и со вера да го прифатиме овој повик. Никој, освен Исус Христос, не го рекол она што го објавил Исус: дека дошол на светот за луѓето „да имаат живот вечен и да имаат изобилие“ (Јован 10,10).

Да одлучиме да одговориме на повикот и да извикнеме заедно со пророкот Исаија: „Да се радуваме и веселиме за спасението од Него!“ (Исаија 25,9)