22.5. Пламен во бардаче

22.5. Пламен во бардаче

„Господовиот Дух го укрепи Гедеона…“

Судии 6,34

На Блискиот Исток бардачето било неразделен дел на секојдневниот живот. Имало со разни големини и облици, со имиња што ја означувале нивната намена. „Асук“ бил нарочен сад за масло, висок околу триесет сантиметри со три дршки и со широка овална испакнатина што се стеснувала кон тесниот отвор на врвот. Еврејскиот збор „кад“ означувал голем ќуп или стомна за вода, со две дршки и со дно со јајчест облик. Во слични ќупови, само со големи димензии, се чувало брашно. Пророкот Исаија ѝ рекол на жената вдовица во Сарепта Сидонска: „Брашното во ноќвите нема да сврши, и маслото во масларникот, нема да се намали до оној ден, во кој Господ ќе даде дожд на земјата“ (1. Царевите 17,14).

Имало исто така садови од печена глина со различни облици, како оние за вино и жито, кои едноставно се викаат „земјени садови“, за разлика од оние што биле од алабастер, еден вид мек камен што можел да се обликува. Покрај тоа имало и садови од злато, сребро и дрво. Апостол Павле ги споменал во 2. Послание до Тимотеј 2,20: „Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени и земјени“.

Прекрасна е старозаветната слика на девојката со стомна на рамо на извор. Тоа е сликата на Ревека, внуката на Аврамовиот брат Нахор. „Со стомната на рамо… таа слезе при изворот, ја наполни стомната и појде угоре“. Кога Аврамовиот слуга ја замолил за малку вода, Раве­ка покажала совршена љубезност. Рекла: „Еве, пиј, господару. И брзо ја спушти стомната на раката своја, и му даде да пие. Па рече: ’И на камилите твои ќе им налеам додека сите не се напијат’“ (1. Мојсеева 24,15-20). Познато е колку вода можат да испијат жедни камили. Но љубезноста на Ревека била знак од Бога дека е одредена да стане жена на Исака, прамајка на Христа.

Бардачето имало различна намена, но во него никогаш не се чувал оган сè додека еден ден богобојазниот Гедеон не се сретнал со еден ангел. Тоа се случило за време на жетвата. Гедеон штотуку вршел пченица, но тоа го правел скриен во лозјето на својот татко Јоас „за да се сокрие од Мадијамците“ (Судии 6,11).

Во тоа време Мадијанците ја преминувале границата и упаѓале преку реката Јордан во израелските краишта. Библијата кажува: „Ги уни­ш­туваше земните плодови… и не му оставаше за исхрана на Израел“ (Судии 6,4). Гедеон решил да им се спротивстави. Неговата храброст влегла во ста­розаветната историја под името „Гедеонов дух“. Меѓутоа, под неговото име лесно е да се препознае името на Светиот Дух, зашто Библијата из­говорот на Гедеоновата храброст го открива со овие зборови: „И Духот Господов го поткрепи Гедеона, тој затруби со труба и племето Авиезерово се собра да оди по него“ (Судии 6,34).

Храброста и понизноста биле првото Гедеоново оружје со кое го вооружил Господовиот Дух. Понизноста секогаш е знак на идната слава. Кога ангелот го повикал Гедеона да поведе ослободителна војна против Мадијанците, овој вреден жетвар го оборил погледот кон Земјата и рекол: „Господи, како ќе го спасам Израел: ете, и племето ми е најбедно во коленото Манасиево и јас сум најмал во домот на мојот татко?“ (Судии 6,15).

Човекот со Божји Дух е најголем тогаш кога се чувствува најмалечок. На сличен повик да го изведе Израел од Египет, Мојсеј му одговорил на Господа: „Кој сум јас, та да одам кај Фараонот, царот египетски и да ги изведам синовите Израилеви од земјата египетска?“ (2. Мојсеева 3,11).

Историјата за Гедеона е историја за пламен во барде. Гедеон го испразнил бардето и го наполнил со запален факел, но ниту идејата ниту огнот не биле родени во него, туку во Божјиот Дух. Понизноста и храброста, мудроста и вештината доаѓаат однадвор, од Светиот Дух.

Како го избавил Гедеон својот народ? Каква сила имал запалениот факел во свртеното барде? Никогаш дотогаш не се слушнало некој да војува со такво чудно и смешно оружје. Но, по она што се случило, никој повеќе не се смеел ниту се чудел. Борбата почнала со триста луѓе против триста илјади! И што мислите, кој победил во оваа очигледно нерамноправна борба?

Воениот извештај почнал со записот: „И ги распореди тристоте души на три чети и на сите им даде по една торба и празно барде и факел во бардето“ (Судии 7,16).

„Факелот во бардето“ бил пламенот во бардето. Тоа е слика на Светиот Дух во човекот. Гедеон горел со вера и блескотел со разум од Божјиот Дух. Неговата стратегија не била човечка туку Господова. Неговата сигурност и неустрашивост не можеле да му се припишат на човекот туку на Бога. Знаменити се Гедеоновите зборови: „Гледајте ме мене и правете го истото… Што ќе правам јас, тоа правете го и вие“ (Судии 7,17).

Мадијанците со своите сојузници веќе преминале на израелска територија и поставиле логор „во долината Езраел (Судии 6,33). Веќе поминала полноќ. Стражарите се смениле. Сè било мирно. Од далечината веќе се слушнале првите петли. Мадијанците длабоко спиеле, но Гедеон и неговите другари биле будни. Факлите во ќуповите не се гледале. Го опколиле логорот. На даден знак од Гедеона сите „затрубија сите три чети со труби, и ги скршија стомните… и викаа: ’Меч Господов и Гедеонов!‘ И секој стоеше на местото свое околу логорот; тогаш во целиот логор се растрчаа, развикаа и почнаа да бегаат“ (Судии 7,20.21).

Каква слика! Меѓу Гедеоновите војници немало плашливи и малодушни, уморни и сонливи. Кога ги скршиле грнињата, ноќта се распрскала на парампарчиња. Светлината однела победа.

Драги пријатели, огнените факли не можат да влезат во грнето ако тоа не се испразни. Ние мораме да се испразниме од себичноста и од гревот. Светиот Дух ќе биде пламена енергија во нас ако умреме себеси за да живееме за Бога и за нашите ближни. Смртта на нашата стара природа е претставена со скршеното грне. Апостол Павле го доживеал тоа кога рекол: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Галатјаните 2,20). Христос живее во нас и свети со својот Дух. Светиот Дух „ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Ису­са Христа светло. Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизо­билната сила да Му се припишува на Бога, а не нам“ (2. ­Коринќаните 4,6.7).

Тоа богатство во нас ќе биде Светиот Дух ако го бараме!