16.5. Секојдневна жртва

16.5. Секојдневна жртва

 „Ова е телото Мое, кое се крши за вас.“

1. Коринќаните 11,24

Христос рекол: „Јас сум лебот на животот… што слезе од небото“ (Јован 6,48.51). Лебот бил симбол на неговото тело што ќе се „даде за живот на светот“. Земајќи го лебот на последната вечера, го скршил и им го дал на своите ученици зборувајќи: „Ова е телото Мое, кое се крши за вас“ (1. Коринќаните 11,24). Кога е скршено неговото тело на крстот на Голгота, правдата била задоволена. Тој умрел за ние да живееме. Го дал својот живот за животот на светот. Нè заменил нас и умрел наместо нас. Ја примил казната за нашите кривици. Ударот, наменет за нас, паднал врз него.

Христовата смрт на крстот на Голгота е единствената жртва со која човекот може да се спаси од вечната смрт. Кога Бог објавил дека правдата е задоволена, отворен е „нов и жив пат“ на спасението „со приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш“ (Евреите 10,10). Бараната жртва е принесена и ниедна друга не била потребна повеќе. Била доволна иако Христос принел „само една жртва за гревовите“ на светот. Тој се вознел на небото и „засекогаш седна оддесно на Бога“, зашто „преку едно принесување Тој осветуваните ги направи засекогаш совршени“ (Евре­ите 10,12-14). Христос нема да умре два пати.

Христос е не само единствена жртва, туку и единствен првосвештеник: „Еден е Бог, и еден е Посредникот помеѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус, кој се даде себеси како откуп за сите“ (1. Тимотеј 2,5.6). Во Христа ја имаме „надежта, што ни е дадена… која е за нашата душа цврста и сигурна котва, и кој влегува дури зад завесата, каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник“ (Евреите 6,18-20).

Учењето за Христовото свештенство е едно од главните учење во Новиот завет. Само преку Христа, како првосвештеник, на човекот му е овозможен пристап кон Бога. Исус можел да го реши проблемот на човековото спасение само ако стане човек. Како Бог Тој не можел да страда за човековиот грев ниту да служи како свештеник. Свештеникот морал „да личи на браќата“, па дури тогаш можел да „биде милостив (кон луѓето) и верен првосвештеник пред Бога“ (Евреите 2,17). Неговото свештенство било условено со неговото отелотворување. Само така Тој можел истовремено да биде и свештеник и жртва. Меѓу нас и Бога стои само Христос.

Оваа голема вистина Бог му ја дал на својот народ уште во времето на старото Светилиште во Синајската пустина. За таа вистина можело да се каже како и за логорот на Божјиот народ: „Колку се убави домовите твои, Јакове, и живеалиштата твои, о Израиле! Тие се распростираат како потоци, како градини крај река, како куќи што ги изградил Господ… Благословен да биде, оној што те благословува и проклет – оној што те проколнува!“ (4. Мојсеева 24,5.6.9) Вистината за Христа како првосвештеник е прекрасна.

Надежта е спасоносна уште пред нејзиното остварување. Христовата жртва на крстот е незаменлива. Таа ни е потребна како секојдневен леб. Христос е жив леб на трпезата на душата. Никој не може да го замени. Христовата жртва на крстот не можат да ја заменат никакви жртви на илјадници олтари, ниту признавањето на гревот пред Бога да се замени со признавање пред човек!

Апостол Павле Христовата жртва ја споредил со секојдневните утрински и вечерни жртви во времето на Мојсеја. Господ наредил: „Едното јагне принесувај го наутро, а другото принесувај го навечер“ (2. Мојсе­е­ва 29,39). Павле ни укажал на нивното симболичко значење: „И секој свеш­теник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите“ (Евреите 10,11).

Во предхристијанското време на споредувањата и симболите Бог ја примал само верата на верникот како услов за проштавање. Утринските и вечерните жртви ја илустрирале Христовата жртва на Голгота за паднатите луѓе. Тие ја претставувале Христовата смрт, зашто Тој „вкуси смрт за сите“ (Евреите 2,9).

Утринската и вечерната жртва му го откривала на стариот Божји народ патот на ослободување од гревот. Таа се принесувала секој ден во годината без оглед дали тоа бил празникот Пасха, Педесетница, Помирување или некој друг свечен ден. Тоа биле жртви кои според Божјата промисла се принесувале „секој ден без прекин… пред вратата од Шаторот за состанок пред Господа“ (2. Мојсеева 29,38.42). Тоа биле секојдневни и непрекинати жртви паленици. Во посебна смисла тие укажувале на делотворноста на Христовата жртва и на неговото свештенство што „останува вечен свештеник“ (Евреите 7,3), зашто и сам Исус „засекогаш седна оддесно на Бога“ (Евреите 10,12).

Овие жртви се принесувани за народот како целина. Тоа не била индивидуална жртва принесена на Бога. Тоа била Господова жртва за неговиот народ. Таа е принесувана без оглед дали некој ќе ја прифати или не.

Овие жртви секој член на израелската заедница го учеле на лекцијата за постојана зависност од помирувачот Исус Христос. Тие верувале во идните заслуги на ветениот Откупител, и небесниот Отец милостиво им ги проштавал гревовите. Каде и да живеел некој Израелец, во времето на вечерната жртва можел да се сврти кон Ерусалим. Признавајќи ги своите гревови, знаел дека неговиот Господ ќе му прости (1­. Царевите 8,47-50). Сиот народ знаел дека гревовите можат да му се простат секој ден ако верува во Божјето Јагне.

Овие утрински и вечерни жртви се принесувале секој ден како секојдневниот „наш леб“. Тие го овозможиле принесувањето на индивидуалните жртви. Израелецот принесувал своја лична жртва за гревот, но не како средство за спасение, туку само како доказ на верата. Со други зборови, утринските и вечерните жртви биле основни, пред сите и над сите други. Тие покажувале дека Христос ќе се жртвува за спасението на човештвото.

Индивидуалните жртви биле принесувани како одговор на откупувањето, а не за откупувањето. Тие не се принесувале секој ден, туку обично три пати годишно, во деновите на големите празници. Ниеден Израелец немал никакво учество во утринските и вечерните жртви. Тие го претставувале Божјето средство за човековото спасение, додека индивидуалните жртви го претставувале човековото прифаќање на спасението. Тие биле плод на обратувањето и значеле преродба што во Новиот завет се нарекува преминување „од смртта во живот“.

Драги пријатели, Христовата смрт на Голгота за откуп на човештвото е централна вистина на Бојжата реч. Таа е незаменлива и потребна како леб, но тој вистински леб може да ни го даде само нашиот првосвештеник, Исус. Да се молиме гледајќи на Христа: „Лебот наш насушен дај ни го денес“ (Матеј 6,11). Да се молиме секој ден, наутро и навечер, да „преку Него живееме“ (Дела на апостолите 17,28).