25.5. Воскресението на девојчето на Jаира

25.5. Воскресението на девојчето на Jаира

„Јас сум воскресението и животот, кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.“

Јован 11,25

Јаир бил угледен старешина на синагогата во Капернаум во која Исус често проповедал. Секое Христово навраќање во тој град значело и одење во синагогата. Секоја сабота Јаир љубезно го поздравувал Христа, го дочекувал и го испраќал. Таа сабота Лука опишал во својот извештај за Исуса: „И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови. И се чудеа на Неговата наука, зашто Неговото слово беше силно“ (Лука 4,31.32).

Старешината во синагогата во Капернаум бил еден од оние што му се восхитувале на Христа, но тоа не било доволно. Во споредба со гласовите на рабините, Христовиот глас му се чинел како музика, но ни тоа не било доста за спасението. Иако во Христовата уста вистината се откривала на наједноставен начин и во божествена убавина, Јаир се притеснувал јавно да го признае Исуса за Месија дури и тогаш кога со сопствени очи ги видел чудата што ги правел Исус. Долго се задржувал меѓу оние чиешто восхитување кон Исус се сведувало само на коментари што ги изменувале меѓу себе: „Какви се овие зборови? Зашто со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат!“ (Лука 4,36).

Поминала уште една сабота. Јаир ниту овојпат не го повикал Исуса во својот дом. Исус од синагогата отишол во домот на својот ученик Симон Петар. Јаир повторно ја пропуштил приликата. „Но зар не е доволно тоа што му дозволувам на овој млад Назареќанец да зборува во синагогата?“, се правдал Јаир пред самиот себе.

Еден ден Јаир не се двоумел повеќе. Со брзи чекори пошол да го повика Исуса во својот дом. Лука соопштува: „И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Па кога падна пред нозете Исусови, Го молеше да дојде во неговиот дом“ (Лука 8,41).

Единственото дете на Јаира, неговата единствена радост, умирало. Девојчето имало само дванаесет години. Било во цутот на младоста. Јаир бил среќен и се гордеел како татко. Му била добра и послушна ќеркичка, негова радост и надеж. Нејзиниот живот му бил помил од сопствениот живот. Убавината на нејзиното срце и лице го приближувала кон Бога, но нејзината ненадејна болест го фрлила пред нозете на Спасителот на светот. „Зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше“ (Лука 8,42).

Во последниот миг Јаир се сетил за Исуса. Во неговото срце нешто се скршило. Без оглед дали е старешина на црквата или не, мора да го доведе Исуса Христа во својот дом, и тоа веднаш! И онака веќе премногу долго се двоумел. Во Капернаум немало лекар од кого Јаир не барал помош, но сè било залудно. Останал само уште Исус од Назарет. Совеста постојано му зборувала дека Тој е Месија и Бог во тело. Побрзал во пресрет на Исуса и пред мноштво свои сограѓани паднал пред неговите нозе. „Го молеше многу, говорејќи: Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“ Библијата вели: „И појде со него“ (Марко 5,23.24).

Небесниот Отец чекорел пред земниот татко. Тоа било живо остварување на пророчката визија на псалмистот Давид: „Како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“ (Псалм 103,13.14).

Ќерката на Јаира не била далеку, но Исус одел полека, зашто насекаде околу него „врвеше многу народ и Го притискаа“ (Марко 5,24). Секундите биле драгоцени, но не можело побргу. Кога биле веќе сосема близу, „дојде некој од управникот на синагогата, и Му рече: ’Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!‘“ (Лука 8,49).

Весникот шепотел, но Исус го слушнал сето тоа. Всушност, Тој знаел што се случило. Исус и понатаму одел, но Јаир одвај чекорел. Тука, пред неговиот дом, неговата надеж згаснала. Неговото девојче умрело. Се надевал дека Исус ќе го излекува, но сега сè било доцна. И не помислувал на воскресение. Но Исус го тешел Јаира: „Не бој се, а само верувај!“ (Марко 5,36).

О, силна Христова веро! Што да верува Јаир кога е сè загубено и кога го нема повеќе неговото девојче? Како да не се плаши кога нема повеќе да го види живо! Но Исус и понатаму чекорел и секој негов чекор го одгласувал неговото ветување: „Јас сум воскресението и животот, кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11,25). Јаир престанал да се плаши тогаш кога почнал да верува!

Во куќата затекле „смут, плачење и силно врескање“ (Марко 5,38). Смртта била тука. Немало повеќе сомневање. Тажачките веќе почнале да редат. Никој не забележал дека заедно со Христа во домот дошол животот! Кој меѓу нив верувал дека Христос е оној ист Творец кој го создал првиот човек од правот и му дувнал во носот животен дух? Меѓу нив бил Оној на кого ништо не му е тешко, но тие тоа не го знаеле. Иако во него не го гледале Бога, сепак сите слушнале кога ја кажал божествената вистина за смртта: „Детето не е умрено, туку спие“ (Марко 5,39).

Девојчето заспало како што по него заспал синот на вдовицата од Наин и Лазар од Витанија, како што спијат и сите други што умреле.

Сите тие ќе ги слушнат Христовите зборови кога ќе дојде по вторпат: „Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав!“ (Исаија 26,19).

Девојчето лежело неподвижно и спиело со смртен, но не и со вечен сон. Нејзиниот живот бил скриен во нејзиниот Творец, Исус. Нејзиниот загубен здив се наоѓал во Христовиот здив.

Исус се приближил кон постелата на умреното девојче и го зел за рака. Тоа бил потресен знак на неговата татковска љубов кон целото човештво. Сцената била невидена и возбудлива. Потоа му рекол на девојчето: „Талита, куми! – што значи: Девојко, тебе ти велам, стани!“ (Марко 5,41).

Наеднаш, бледото лице на единицата на Јаира било облеано со руменило на животот. Ги отворила очите и погледнала. Библијата вели: „Девојката веднаш стана, и почна да оди… и сите се зачудија многу“ (Марко 5,42).

Драги пријатели, животот не е помалечко чудо од воскресението. Христовото воскресение е наша сигурност дека ќе воскреснат сите мртви. Исус рекол: „Иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и, штом го чујат, ќе оживеат“ ­(Јован 5,25). На Бога ништо не му е неможно! Веруваме ли ние во тоа?