1.4. Најдобар доказ на верата

1.4. Најдобар доказ на верата

„А верата е подлога за увереноста во она на кое се надеваме – убеденост во она што не се гледа.“

Евреите 11,1

Според библиската хронологија, Аврам бил роден 19 векови пред нашата ера во Ур, град во јужна Месопотамија. Пораснал во семејство кое истовремено му служело и на вистинскиот Бог и на незнабожечките божества. Меѓутоа, лично Аврам целосно му бил предаден на единствениот и вистински Бог, верен меѓу неверни и послушен меѓу непослушни.

Сјајот на Аврамовата вера и долгиот живот посветен на исполнувањето на Божјата волја светлат од многу страници на Библијата. Уште додека Аврам живеел во својата татковина, Бог нашол во него свој соговорник. Библијата го објавува нивниот разговор во градот Ур: „Бог на славата му се јави на нашиот татко Аврам, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан, и му рече: ’Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татка ти, па појди во земјата, што ќе ти ја покажам‘“ (Дела на апостолите 7,2.3).

Во времето на Аврама градот Ур бил прочуена престолнина на сумерските владетели и важен културен, научен и трговски центар. Археолошките ископувања изнеле на виделина многу негови повеќекатни градби, палати и храмови. Аврам бил повикан да ја напушти таа висока цивилизација, својот род и своите пријатели. Кога неговата вера е ставена на проба, Аврам се решил. Библијата известува: „Со вера Аврам, бидејќи повикан, послуша да појде до местото, што сакаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи, каде оди“ (Евреите 11,8).

Најголем доказ на Аврамовата вера била неограничената послушност кон Бога. Библијата ја истакнува неговата вера, но и неговите дела како доказ на таа вера: „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност, и тој се нарече – пријател Божји“ (Јаков 2,23).

За Аврама верата во Бога не била скок во мрак на безумие, туку – напротив – излез на пат на кој го водел разумот од мрак во светлина. Неговиот посветен ум бил основа на неговата вера. Аврамовата вера била мост што преку понорот го поврзува сфатливото со несфатливото. Резултатите покажале дека мостот на верата е составен дел на патот на разумот и мудроста.

За да може да се оспособи за големото дело на чувар на вистинската вера, Аврам морал да се одвои од средината во која живеел. Неговата вера требало да биде проверена, неговиот карактер пречистен, а самиот тој поцврсто поврзан со Небото. Неговите идолопоклонички пријатели биле пречка во развојот на неговата вера и затоа ги напуштил. Библијата секогаш верата ја поврзува со делата. Таа нѐ известува дека Аврам својата вера ја докажал со дело: пошол, иако не знаел каде оди.

Своето преселување од Ур Аврам не можел да им го објасни ниту на своите најблиски пријатели. Колку и да им објаснувал, тие не можеле да сфатат. Веќе стапил во поодминати години и неговото напуштање на родниот град значело извонредна жртва. Без ниеден знак на сигурност дека Божјето ветување ќе се исполни, Аврам го напуштил својот дом, својот род и својата земја. Единственa потпорa му била довербата во Божјата реч. Неговото излегување значело „жива претстава за она, за кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа“ (Евреите 11,1).

Тоа всушност била применета вера онака како што е дефинирана во овој библиски текст. Аврамовата послушност била најдобар доказ за неговата вера. „Со вера се пресели Авраам во ветената земја, како во туѓа, и се настани под шатори со Исака и Јакова, наследниците на истото ветување“ (Евреите 11,9). За Аврама најубаво место на светот било она каде што сакал Бог да биде. За него верата значела лично пријателство со Бога и неограничена доверба во неговото ветување.

Прва населба во Ветената земја што ја посетил Аврам била Сихем. Тоа била добра земја. Во неа имало многу „потоци, извори и езера, што извираат во долините и планините“. Аврам со своето семејство стапил во земја богата со „пченица, јачмен, лозја, смокви и калинки; во земја, каде што има маслиново масло и мед“ (5. Мојсеева 8,7.8). Но овој високообразован Сумерец не можел да ѝ се препушти на радоста, зашто „тогаш во таа земја живееја Хананејци“ (1. Мојсеева 12,6).

Кога Аврам стигнал на целта од својот пат, во Ветената земја затекол еден непознат и идолопоклонички народ. На околните ритчиња се гледале високи олтари посветени на лажни богови. Додека го подигнувал својот шатор, Аврам не можел да се ослободи од мрачни претчувства. Но токму тогаш, во право време, уште еднаш „и му се јави Господ на Аврама и му рече: ’Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство‘“ (1. Мојсеева 12,7).

Бог бил со него, и тоа за Аврама било доволно. Бил сигурен дека нема да биде препуштен на милост и немилост на незнабошците. Неговата вера се засилила. Покрај местото на кое подигнал шатор. „Му направи таму Аврам жртвеник на Господа, Кој му се јави.“

Секаде каде што Аврам подигнувал шатор, веднаш крај него подигнувал и жртвеник што служел како олтар и како споменик. Аврам одел понатаму, а жртвениците останувале како доказ на неговата вера и послушноста на Божјата заповед. Дури и кога земјата била погодена со суша, кога пресушиле потоците во долините и кога се исушила тревата на ливадите, Аврам не се посомневал во Божјето водство, ниту го враќал својот поглед кон старата татковина. Неговата доверба во Бога не се поколебала. Бил сигурен дека е негов пријател.

Аврам не знаел да ги објасни патиштата на Провидението. Иако не го видел исполнувањето на сите свои надежи, сепак цврсто се држел за Божјето ветување сметајќи го толку сигурно, како веќе да се исполнило, зашто „Го сметаше за верен Оној, кој беше ветил“ (Евреите 11,11). За Аврамовите дела, како најдобри докази на верата, Исус им рекол на Евреите:„Ако бевте чеда Аврамови, вие ќе ги вршевте делата Аврамови.“ Укажувајќи на Аврама, и апостол Јаков нагласил: „Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера?“ (Јаков 2,24)

Драги пријатели, зар не би било прекрасно кога и нашето име би стоело покрај Аврамовото име и кога и ние би се нарекле Божји пријатели!