25.4. Чекаме воскресение

25.4. Чекаме воскресение

„Ти би викнал, а јас би Ти дал одговор!“

Книгата за Јов 14,15

Денеска мнозина имаат различно мислење за смртта. Едни мислат дека човекот веднаш по смртта оди право во чистилиште. Други велат дека умрените одат во рај или во пекол. Трети сметаат дека духот на човекот по смртта на телото оди во царство на духовите од каде што може да сообраќа со живите. Мнозина се убедени дека мртвите се преселуваат во вечноста без враќање. Тогаш кој е во право? Вистина за смртта може да биде само една и неа ја наоѓаме во Библијата.

Зборувајќи за човечката поминливост, Библијата нашиот поглед го упатува кон Давателот на животот. Таа кажува: „им го одземаш ли духот нивни – умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој – се создаваат“ (Псалм 104,29.30). Праведниот Јов исто така укажал на Бога како свој Творец: „Кое од сите созданија не знае дека раката на Господ го создаде тоа? Во Неговата рака е душата на сè што е живо и духот на секоја човечка плот“ (Книгата за Јов 12,9.10).

Името „Јов“ значи: „Каде е мојот татко?“ Јов го барал и го нашол. Тој сфатил од каде доаѓа животот и каде оди. Бог му објаснил дека животниот дух му се враќа на Бога, а телото во правот од кој е земено. Во својата болест, гледајќи ѝ на смртта во очи, Јов ја изразил својата вера во воскресението: „Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Тој во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во телото мое ќе го видам Бога. Јас сам ќе го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат“ (За Јов 19,25-27).

Но, иако бил пример на вера во Бога, Јова го снашле неволји и страдања. Трагедијата во која упаднал никако не може да се објасни од човечка гледна точка. Ни самиот Јов не можел да сфати зошто морал да страда. Па сепак, ниеден миг не ја загубил живата вера во Бога. Својата вера и доверба во својот Творец ги изразил со овие херојски зборови: „Он, може да ме убие, но јас ќе се надевам… И тоа ми е веќе спасение“ (За Јов 13,15.16).

Својата вера во Бога и во воскресението на мртвите во овој текст Јов му ја спротивставил на филозофското толкување на Бога и на неговиот однос кон луѓето. Неговите тројца пријатели биле претставници на едно погрешно учење за Божјето постапување со луѓето. Нивното толкување на привидната Божја рамнодушност кон Јова сам Господ го прекинал со зборовите: „Кој е тој, што го помрачува Провидението – со зборови што не ги разбира?“ (За Јов 42,3)

Бог, кој создал сè и кој одржува сè, не е рамнодушен кон суштествата што ги создал. Тој се разгневил на пријателите на Јов затоа што не зборувале за Бога право како Јов. Спротивно на нивното докажување, Јов го искусил во својот живот исполнувањето на Христовото ветување од Новиот завет: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќа, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен“ (Марко 10,29.30). Сатаната го прогонувал Јова, но Бог го избавил и го наградил.

Јов зборувал право не само за Бога туку и за смртта и за воскресението на мртвите. За него смртта била само сон од кој Бог ќе го разбуди во денот на воскресението. Тој рекол: „Истечуваат водите од морето, и реката секнува и пресушува: така човекот ќе легне и нема да стане; до свршетокот на небото нема да се разбуди и нема да се разбуди од својот сон“ (За Јов 14,11.12).

Воскресението на мртвите нема да се случи пред Христовото враќање на Земјата. Другиот свет или новиот живот се добива со воскресението а не со смртта. Смртта е престанок на животот а не негов почеток. Зачетник на идејата дека смртта е вовед во бесмртноста е сатаната. Уште во Рајот им рекол на првите луѓе: „Не, вие нема да умрете!“ (1. Мојсеева 3,4). За него Исус рекол: „Тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина… зашто е лажец и татко на лагата“ (Јован 8,44).

Смртта е состојба на целосно отсуство на свест за времето, и умрените немаат учество во „ништо, што се случува под сонцето“ (Проповедник 9,6). Тие почиваат во гробот, „таму почиваат изнемоштените. Таму затворениците заедно се насладуваат од спокојство и не ги слушаат викотниците на надзирателот. Мал и голем таму се рамни; робот е слободен од господарот свој“ (За Јов 3,17-19).

Верата на Јова во воскресение е Христова вера дека смртта е само сон од кој Бог ќе ги разбуди оние што го чекале. За смртта на ќерката на Јаира Исус им рекол на нејзините родители: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие“ (Лука 8,52). За умрениот Лазар по неговата смрт и закоп рекол: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам“ (Јован 11,11).

Смртта е чекање во гробот а не на небото, на облаците или меѓу ѕвездите. „Во сите денови на одреденото време би чекал“, рекол праведниот Јов. Тој ќе чека Господ да застане над правот. „Ти би викнал, а јас би Ти дал одговор!“ (За Јов 14,14.15). Јов бил сигурен во Божјата љубов.

„Чекајќи“, рекол светиот апостол Петар, „сакаме што поскоро да дојде Божјиот ден“, зашто тогаш ќе настане и воскресението и почетокот на новиот свет и живот. „Според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3,12.13).

Апостол Павле му пишувал на својот соработник Тит дека на овој свет треба да живееме праведно додека „чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасителот, нашиот Исус Христос“ (Тит 2,13).

И апостол Јуда живеел „очекувајќи милост од нашиот Господ, Исуса Христа, за вечен живот“ (Јуда 21).

Драги пријатели, ако веруваме во воскресението и ако го чекаме Христовото доаѓање, тогаш и ние ќе се преобразиме „одеднаш, во еден миг, при последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме“ (1. Коринќаните 15,52). Кога Исус ќе дојде, сите што го чекале ќе го видат и ќе извикнат: „Ете, Он е нашиот Бог! на Него се надевавме, и Он нè спаси! Он е Господ; Него Го чекавме; да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него!“ (Исаија 25,9)

Бидете и вие во бројот на овие Христови чекатели!