6.5. Осамениот Назареќанец

6.5. Осамениот Назареќанец

„Зар од Галилеја ќе дојде Христос?“

Јован 7,41

Фарисеите во Христово време му придавале посебно значење на местото на Исусовото раѓање. Погрешно верувале дека Исус се родил во Назарет, беден и неугледен град. Подбивно го нарекувале „пророк од Галилеја“, зашто од Галилеја не се очекувал ниеден пророк. На народот му зборувале: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос?“ (Јован 7,41). А на членот на Синедрионот и на тајниот Христов ученик, Никодим, во една прилика му префрлиле: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк од Галилеја не се јавува“. Сепак, овој најсилен доказ на фарисеите против Исусовото Божество бил без вредност: Исус е роден во Витлеем, а во Назарет пораснал.

Историјата на Исусовиот живот, од зачнувањето до раѓањето и од раѓањето до вознесението, е историја на натприродно Божје посредување. Детето од Витлеем е наречено Човекот од Назарет. Би било сосема природно Божјиот Син да се родил во Назарет каде што живеела неговата идна мајка – „една девојка свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов, а името на девојката ѝ беше Марија“. Исто така и Исусовиот старател пред законот, Јосиф, живеел и работел во Назарет како дрво­делец. Па сепак, Божјиот Син не е роден во Назарет, туку во Витлеем, околу сто километри јужно од местото на живеењето на својата мајка.

Кога Исус би се родил во Назарет, како што можело најприродно и да се очекува, пророштвото на пророкот Михеј, старо седум векови, би останало неисполнето. Еве го тоа пророштво за местото на Исусовото раѓање: „И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, кој треба да владее во Израил и чие потекло е од почетокот, од вечноста“ (Михеј 5,2).

Една од најтешките лекции што ние луѓето треба да ја научиме е таа дека Божјите патишта не се наши патишта. Никогаш тоа не било толку јасно откриено како тогаш кога Бог го презел остварувањето на својот план да го промени светот.

Во мигот кога трагите на Божјиот лик во човекот скоро исчезнале. Бог го испратил својот Син на светот закоравен и расипан со гревот. Бог не го штедел својот Син ниту пред ниту по неговото раѓање во тело. Жртвата што ја поднел била доброволна и од љубов.

Исус требало да дојде на светот да го обнови во човекот ликот на Творецот. Љубовта ризикува сè. За да го подигне човекот од правот, Бог морал да се спушти и да стане човек. Уште нероден, Исус морал да помине тежок и мачен пат, полн со опасности, од Назарет до Витлеем. Божјите патишта не се наши патишта, но поминатите километри се поминати заради нас.

Очекувајќи го радосниот настан на Христовото раѓање, блажената девојка од Назарет, Марија, и не помислувала дека некаде ќе патува. Но историјата на отелотворувањето на Божјиот Син е историја на невидливото Божје посредување за нашето спасение, Исусовото натприродно зачнување од Светиот Дух и раѓањето од девојката Марија биле знаци на новото време, знаци на директното Божје посредување за спасението на грешниците на Земјата.

Императорот Август во Рим издал декрет за голем попис на населението. Зад таа наредба стоел сам Бог. Провидението со својот прст ја покренало лавината на однапред одредените настани. Бог потресол цело едно царство за да се роди неговиот Син во Витлеем, како што е претскажано преку пророкот. По Божја намисла, а според царскиот декрет, „отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше бремена. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, го пови и го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата“ (Лука 2,3-7).

Божјиот Син се родил на дофат на рацете на нечовечкиот цар Ирод, римски намесник во Јудеја. Тоа бил неодолив предизвик за сатаната. Ќе се обиде да го убие новородениот Исус, Војсководителот на небесните армии, Бога во тело. Но во судирот со Божјиот Син повторно ја загубил битката. Еден ангел ноќе на сон го упатил Јосифа да бега со Мари­ја и со малечкиот Исус во Египет. Рекол: „Стани, земи го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе го бара Младенецот за да го погуби“ (Матеј 2,13).

Повторно Бог посредувал за спасението на светот. Мудреците кои исто така примиле на сон заповед да не се враќаат веќе при Ирода, туку да си заминат по друг пат за својата земја (Матеј 2,12). Бог ги предвидел настаните и интервенирал! „Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и испрати да ги погубат сите машки новороденчиња во Витлеем и по целата негова околина од двегодишна возраст и помали, според времето што точно го беше дознал од мудреците. Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Еремија, кој говори: ’Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем: Рахила ги оплакува своите чеда и не сака да се утеши, зашто ги нема’“ (Матеј 2,16-18).

Така Исус ја избегнал првата застрашувачка закана за насилна смрт. Запишан во книгите на родените во Витлеем, Исус пребегал во Египет, а оданде се вратил во Назарет „за да се исполни кажаното преку пророците дека Он ќе се нарече Назареец“ (Матеј 2,23).

Божјиот Син добил неславна титула: „Исус од Назарет“. Таа требало да ја означува неговата осаменост, неговото сиромаштво и безначајност, но всушност значела изедначување на Божјиот Син со состојбата на грешниците.

Во Назарет Исус ги поминал своите први години на детството, момчештвото и младоста, приготвувајќи се за својата голема мисија. Во Назарет ова единствено Момче, Синот Божји и Синот човечки, со истражување и со размислување стекнал јасна визија за иднината. Една класична слика нашиот Спасител го прикажува како трча како дете со раширени раце во прегратките на својата мајка, додека неговата сенка се оцртува во вид на крст. Оваа илустрација станала повеќе отколку слика – таа станала возбудлива и страшна вистина.

Дрводелецот од Назарет станал градител на човечкото спасение, неимар на повторното создавање на Божјиот лик во човекот. Тоа можел да го стори само Бог. Тоа можела да го стори само Божјата љубов. Бог го дал својот „Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16). Исус од Назарет бил Бог со нас, наш единствен Спасител. Зар да не го примиме?