21.1. Сите генерации заедно

21.1. Сите генерации заедно

„Овој Исус, кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак.“

Дела на апостолите 1,11

Нашата Земја планета била дом на многу генерации, но тие никогаш во него не биле заедно. Една која настапувала сменувала друга која си заминувала. Погледот на Библијата е насочен кон славниот ден на второто Христово доаѓање кога сите генерации ќе бидат заедно. Да го насочиме сега и ние нашиот поглед кон таа, не повеќе далечна иднина!

Во почетокот на животот на Земјата, во станот на првиот господар на светот, Адам, се вселил вселенскиот бездомник со своите паднати ангели „што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија своето живеалиште“ (Јуда 6). Овие изгнани демонски духови со измама го замениле својот стан со Адамовиот и Адам останал без земниот и без небесниот дом. Бил прелаган. Земјата станала „ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух“ (Откровение 18,2).

Оваа несреќна размена на станови се случила во почетокот на светот, но Библијата го гледа враќањето на човештвото во неговите загубени станови кога Христос повторно ќе дојде. Уште повеќе, не само што Бог ќе ги истера демоните, туку и самиот ќе се пресели на Земјата и својот стан ќе го уреди на обновениот свет. Пророкот ја видел таа голема промена, обновувањето на светот. Со восхит рекол: „Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив… И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе… бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21,3.4). Веста за доаѓањето на Божјиот стан меѓу луѓето е вест за второто славно доаѓање на Ису­са Христа.

Пред скоро дваесет векови Христос дошол голорак во тврдината на демоните и ја разорил со својата победа на крстот. Четириесет дена по воскресението ги приготвил своите ученици за нивната задача. При разделбата им рекол: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28,19.20).

Христос им рекол на своите ученици да ја проповедаат неговата наука а не своја, и да ги научат луѓето на неговите заповеди. Крајот на проповедањето ќе се случи во времето кога не ќе има повеќе време. Сите пророштва ќе бидат исполнети. Сиот свет ќе биде определен за Христа или против него. Нема да има среден пат. Веста за второто Христово доаѓање ќе му биде однесена на цел свет во една генерација. Тоа време е нашето време.

Првпат во историјата денеска станало изводливо веста за Господовото доаѓање да му се објави на целиот свет во текот на животот на само една генерација. Нема повеќе непристапни краишта на нашата планета. Хеликоптерот се спушта на врвот на планината како и среде прашумата. Радиото и телевизијата му овозможуваат на еден човек да му зборува на цел свет во исто време. Веста за Христовото враќање е вест упатена до една генерација за средба на сите генерации. Кога ќе биде остварен тој состанок?

Апостол Павле јасно и со сигурност одговара: „Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1. Солуњаните 4,16.17).

Ете ја причината за Христовото враќање! Дали некогаш сте присуствувале на некоја средба на родители и деца по многу години разделба? По долго патување, надежи и очекувања, најпосле на перонот саканите лица: возбудени пријатели, прегратки на мили и драги, родени на едно исто огниште и одгледани во иста колепка. Солзи и неми прегратки, треперливи гласови, но толку мили! Христос доаѓа од семејни причини. Во пресрет на своите деца од сите генерации!

Каква невидена средба и сцена за Земјата и за небото! Тоа е содржината на Христовото ветување од Горната соба во Ерусалим, ред да појде на Маслинската гора и во смрт на Голгота. Како небесен цар и Господар над Земјата го дал своето божествено ветување: „Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење… Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14,2.3).

Ова ветување влеало надеж во скршените срца на учениците при разделбата со Христа. Блажена надеж на нивниот макотрпен живот се зборовите: „Овој Исус, кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак“ (Дела на апостолите 1,11). Христос ќе му појде во пресрет на своето семејство. Тогаш „поранешните жалости ќе бидат заборавени… нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат“ (Исаија 65,16.17). Сите генерации ќе појдат заедно на облаците во пресрет на Господа на небото.

Нашите мили и драги, од кои нè разделила смртта, ќе се разбудат и ќе станат кога Исус повторно ќе дојде. Тоа е она славно чекање на „ блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос, Кој се даде самиот Себе за нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да нè очисти, та да Му бидеме народ избран“ (Тит 2,13.14). Љубовта ќе го доведе назад нашиот Господ. Љубовта и нас ќе нè приготви за средба со него!

Кога Христос повторно ќе се појави, сите генерации првпат ќе бидат заедно. По многу работа и труд, солзи и надежи, човечкото семејство на спасените ќе дојде во небесните станови додека не се обноват земните. Тоа ќе се случи сосема скоро, „кога ќе се појави Исус Христос, Кого Го сакате иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискажана и прославена радост“ (1. Петрово 1,7.8).

Воскресението е поврзано со Христовото доаѓање: „Ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав!“ (Исаија 26,19). На секоја ујадена мајка, која долго тагувала за своето загубено дете, Христос со своето доаѓање ќе ѝ каже како што ѝ кажал некогаш Илија на вдовицата во Сарепта Сидонска: „Еве, син ти е жив!“ (1. Царевите 17,23). Сите генерации на воскреснатите и преобразени праведници ќе се соединат кога ќе го чујат Христовиот глас: „На север ќе му кажам: дај; и на југ: не задржувај; доведи ги синовите Мои оддалеку и ќерките Мои – од краиштата земни“ (Исаија 43,6).

„Тајната на човечкото суштество е не само да живее, туку и да има за што да живее“, кажал Достоевски.

Семејното пријателство со Христа е вистинскиот мотив на животот и надежта, на личната и заедничката среќа. Да не ги заборавиме следните зборови на Христовиот омилен апостол: „И секој што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Тој“ (1. Јованово 3,3). Тоа е вистинска подготовка за средба на сите генерации!