23.1. Ново име и нов живот
„Брате Савле, Господ Исус, кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати, за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.“
Дела на апостолите 9,17
Во Христовите денови да се биде фарисеј значело да се биде „издвоен“ од другите верници на еврејската Црква. „Издвоен“ е токму и значењето на името „фарисеј“. Фарисеите биле највисоки претставници на верата и фанатични следбеници на прататковските обичаи и традиции. Фарисеите сочинувале една третина на Големиот совет на старешините што се викал Синедрион. Другите две третини им припаѓале на садукеите и на иродовците. Од редовите на фарисеите излегувале најугледните и највлијателните верски водачи во еврејскиот народ.
Во духот и во учењето на фарисеите се гледала религија на самоправедност. Фарисеите се фалеле со личните заслуги и со извршувањето на прописите, на законот и обичаите. Се сметале за повикани да го укорат дури и Христа покажувајќи на неговите ученици со зборовите: „Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Оти не си ги мијат рацете, кога јадат леб?“ (Матеј 15,2). Таквото миење всушност било традиционален обред, а не хигиенска навика.
Фарисеите верската традиција ја сметале за светиња. Сето внимание го полагале во почитувањето на словото на законот. Ги занемарувале вистинските побуди и состојбата на срцето. Поради тоа Исус остро ги укорил и ги нарекол лицемери: „Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор“ (Матеј 23,26).
Кога познатиот фарисеј и еврејски кнез Никодим разговарал со Исуса ноќе на Маслинската гора, Исус јасно му укажал на преродбата како на вистинска потреба не само на секој фарисеј, туку и на секое човечко суштество: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божје… зашто, роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е“ (Јован 3,3-6).
Еден од најугледните фарисеи бил Савле или Саул, подоцна наречен Павле. Според неговите сопствени зборови, тој бил „фарисеј, син на фарисеј“ (Дела на апостолите 23,6).
Колку гордо звучело тоа во неговото срце? Бил далеку од христијанството и од раѓањето со Светиот Дух, но кога еднаш го доживеал, рекол: „Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христа го сметав за штета. Затоа сметам дека и сè друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и сè сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа“ (Филипјаните 3,7.8).
Ако некој од фарисеите можел да се фали со традиционалната побожност, тоа можел да го стори апостол Павле додека уште бил Савле, фарисеј од фарисеј. За своето навидум беспрекорно минато тој кажува: „Ако некој друг мисли да се надева на телото, тогаш уште повеќе јас… од родот Израилов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по закон фарисеј, по ревност – гонител на Божјата црква, според правдата на Законот – непорочен“ (Филипјаните 3,4-6).
Наеднаш, кога можело тоа најмалку да се очекува, настанала промена. Од фарисеј станал христијанин, од Савле – Павле.
Во разговорот со Никодима Исус секоја ваква промена ја нарекувал преродба. Пресвртницата на Савле е плод на делувањето на Светиот Дух. за оваа своја чудесна промена Павле подоцна пишувал: „Најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче, зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква“ (1. Коринќаните 15,8.9).
Својата лична средба со Христа Павле ја нарекува преродување, иако понизно се нарекува недоносче. Неговата понизност е целосен доказ за откажувањето од фарисејството. Пред средбата со Христа на патот за Дамаск, фарисејот Савле бил сушта слика на празната, телесна побожност. По средбата со Христа, Павле со своето длабоко каење и со искреното признавање станал пример на обратување и преродување со Светиот Дух. Тој рекол: „Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас“ (1. Тимотеј 1,15).
Долго Савле фарисејски ја чистел чашата на своето срце само однадвор. Премногу долго го замолкнувал гласот што му зборувал дека христијаните се во право. По обратувањето зборувал и пишувал со длабока тага: „Навистина, така и јас мислев дека треба да извршам многу работи против името на Исус од Назарет; така и направив во Ерусалим и… многумина свети затворив, а кога ги убиваа, и јас одобрував, и често ги мачев по сите синагоги и ги принудував да хулат на Исус и, разјарен, без мерка ги гонев нив дури и до туѓите градови“ (Дела на апостолите 26,9-11).
Но промената настапила одвнатре и ја очистила чашата до дното. Слепиот „фарисеј и син на фарисеј“ наеднаш духовно прогледал. О, колку ѝ се чудел на својата поранешна заслепеност! Тоа никогаш не си го простил себеси иако сето му било простено. Во Дамаск се сетил за лицата на христијанските мајки на кои им ги грабал децата од прегратките. Во тишината на својата соба повторно ги слушал молбите и воплите на децата на кои им ги одземал мајките и татковците. О, колку сега би ги прегрнувал и би ги љубел плачејќи на нивните рамена! Како можел да биде толку слеп?! О, кога повторно ќе ги сретне при воскресението, во вториот живот на небесата! Сите оние што ги мачел и што ги убивал! Христијаните што му останале верни на Христа до крај! Колку долго ќе плаче во нивните прегратки!
И не помислувал повеќе – како некогаш – да го праша за мислење првосвештеникот ниту својот учител Гамалеил! „Не го прашав ни телото, ни крвта!“ (Галатјаните 1,16), извикнува полн со Свети Дух. „Телото и крвта“ го завеле, националната горделивост го измамила, традицијата го прелагала! Ништо и никого повеќе ниту прашал ниту чекал: „И веднаш почна да проповеда во синагогите за Исус дека е Тој Син Божји. И сите што го слушаа, се чудеа и зборуваа: ’Не е ли ова оној, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го повикуваа тоа Име, та затоа и овде дошол за да ги доведе врзани пред првосвештениците?‘“ (Дела на апостолите 9,20.21).
Кога настанала оваа преродба кај Савле? – Настанала тогаш кога во Дамаск Исус му го испратил својот ученик Ананија со зборовите: „Брате Савле, Господ Исус, кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати, за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети“ (Дела на апостолите 9,17).
Драги пријатели, огнениот следбеник на татковските преданија и на верско-националната јудејска традиција се обратил од фарисејството во христијанството без никакво „убедување“ од страна на христијаните! Павле се родил во христијанството со Светиот Дух. Ако можел тој, некогашен „хулник и силник“, тогаш што ни пречи нам да се родиме наново со Светиот Дух? Еве ја молитвата на Павле и за нас: „Би Му се молел на Бога и за малку и за многу не само ти, но и сите, што ме слушате денес, да станете такви, каков што сум и јас“ (Дела на апостолите 26,29) – преродени синови и ќерки Божји!