3.1. Најголемо сознание
„Ти си Единствен, Господи! Ти го создаде небото, и небесата над небесата, и сета нивна војска, Земјата и сè што е на неа, морињата и сè што е во нив. Ти го оживуваш сè тоа, и небесните војски Ти се клањаат Тебе.“
Немија 9,6
Библијата ни го претставува Немија како човек од доверба на дворот на персискиот цар Артаксеркс I од петтиот век пред нашата ера. Царот два пати го поставувал за гувернер на Ерусалим и Јудеја. Бил современик и соработник на големиот свештеник и духовен водач во Ерусалим, Езра. Како гувернер, Немија ги обновил урнатите ѕидови на Ерусалим и спровел значајни верски и социјални реформи.
Иако Немија не бил ниту свештеник ниту пророк, прочуена е неговата молитва при повторното воспоставување на јавното читање на Божјиот закон. Овој високообразован војник, способен организатор и вешт управител, со својата молитва ја потврдил својата вера во основното учење на Библијата за Бога како Творец на небото и Земјата. Подигнувајќи ги рацете кон небото, Немија му се обратил на Бога со зборовите: „Ти си Единствен, Господи! Ти го создаде небото, и небесата над небесата, и сета нивна војска, Земјата и сè што е на неа, морињата и сè што е во нив. Ти го оживуваш сè тоа, и небесните војски Ти се клањаат Тебе“ (Немија 9, 6).
Со својата молитва Немија нè упатува да ја отвориме Библијата. Во нејзините први стихови Бог се објавува како Творец на небото и Земјата. Само Бог можел да ја отстрани непроѕирната темнина „над бездната“ (1. Мојсеева 1,2). За Немија Бог бил единствен извор на животот, на светлината и силата. Сиот свет испливал од мракот на непостоење во светлината на животот на негова реч и заповед.
Немија знаел дека да се создаде значи „да се доведе во постоење“. Бог создал сè – материјата и сите нејзини облици, живи и неживи – од ништо и без учество на каков и да е природен процес. Библијата кажува дека „преку словото на Господа се зацврстија небесата, и преку Духот на устата Негова – сета нивна војска“ (Псалм 33,6). При создавањето на вселената Бог не користел никаква порано постоечка материја како што мора да го прави тоа вајарот кога го делка и го обработува грубиот камен во благородна скулптура.
Ваквото создавање се нарекува „прво создавање“, што не значи дека Бог во натамошното формирање на светот не ја користел веќе создадената материја. Библијата истакнува, на пример, дека Бог го создал „од земниот прав“ (1. Мојсеева 2,7).
Во својата пристапна молитва Немија го објавил Бога како творечка личност, чијашто мудрост и намера се гледаат во планирањето и во создавањето на вселената. Ниту Немија ниту кој и да е друг писател на Библијата зборува за Бога како за некоја нежива, механичка „прапричина“ или „принцип“.
Подигнувајќи го погледот кон небото, Немија видел совршена хармонија и ред, единство и промисла во вселената, како и насекаде во физичкиот свет околу себе. Ѕвезденото небо, Земјата со својот разнообразен животински и растителен свет, разнобојните птици во воздухот и рибите во водата не можеле да бидат производ на една случајност. Еден прочуен професор по биологија имал обичај да им каже на своите студенти дека можноста за настанување на светот сосема случајно е рамна на можноста на настанување на еден речник со експлозија на една печатарска машина!
Немија не бил научник, но знаел дека вселената не е илузија туку стварност. Не можел да не види насекаде на светот длабока прецизност, математичка пресметка, геометриска правилност, разум, цел и убавина. Библијата зборува за создавањето на нашиот свет во времето и во просторот. Уште повеќе, таа прва објавила дека Земјата лебди во просторот, зашто Бог „ја држи земјата, необесена на ништо“ (Книгата за Јов 26, 7).
Иако Бог во своето провидение не им дозволил на луѓето да го видат ниту почетокот ниту крајот на неговата творечка сила, сепак им ја дал својата Реч да ги води од почеток до крај. Немија секој миг од животот го сметал толку важен, што секогаш барал совет и помош од Божјата реч. Безброј докази во природата му сведочеле дека зад сè што е создадено стои Творец, разум, а не слеп случај. На секое место и на секоја должност неговото срце се издигнувало кон Бога. Пред именувањето за гувернер на Ерусалим, кога царот го прашал дали нешто сака, Немија пред да даде одговор, за миг му се обратил на небесниот Бог во молитва. За тој миг самиот кажал: „Тогаш му се помолив на небесниот Бог“ (Немија 2, 4).
Немија не верувал во случај, туку во Божјата семоќ, во неговото сеприсуство и сознание и ништо не сакал да му препушти на случајот. Ги застапувал интересите на својот народ и пред царот и пред Бога. Неговата молитва била примена и тој добил од Бога и од царот сè што барал за својот народ. Како гувернер, Немија никогаш не си ги припишувал успесите себеси. Во Ерусалим пред народот изјавил дека за сè му благодари на Бога, „зашто добрата рака на мојот Бог беше над мене“ (Немија 2,8).
Немија не ја знаел суштината на животот, зашто и тогаш, како и денеска, проблемот на животот бил обвиткан со таинственост. И денеска научниците за животот судат само според неговите надворешни манифестации. Но, иако Немија не можел да ја долови тајната на животот, сепак сфатил дека неговиот извор лежи во Творецот. Видел дека животот нема ниту тежина ниту која и да било друга димензија, но дека има сила. Животот ја оживувал природата, но природата никогаш не била творец на животот. Само Бог дава живот!
Немија не можел да ја сфати Божјата сила, но редовно се радувал за нејзиното постоење. Тој ја истакнувал величествената вистина дека Бог е извор на сигурноста на сиот живот и на небото и на Земјата. Немија покажал што можат да постигнат верата и молитвата, мудрата и енергична акција, светите намери, возвишените надежи и посветувањето. Тој го изградил не само ѕидот околу Ерусалим, туку и целиот град го вдахнал со својата вера и храброст. Својот народ го учел да чита, да пишува и да постапува онака како што пишува и учи Божјата реч. Неговата молитва станала пример на вистински однос кон Бога како Творец и Одржувач на сè.
Немија и како гувернер имал време да го обожава небесниот Бог. Тој го запознал не само како Творец и покровител на вселената, туку и како Бог на својата душа и не се срамувал да признае дека има нешто што ја надминува моќта на неговото сфаќање.
Еден од најголемите лекари во светот, Келвин ги кажал овие значајни зборови: „Ако размислувате доволно научно, науката ќе ве принуди да верувате во Бога“.
Докторот Келвин имал право. Логиката бара да веруваме дека невидливата Божја рака сите појави во растителниот и животинскиот свет ги наредила според законите што ние луѓето допрва треба да ги откриеме.
Драги пријатели, Творецот можеме да го почитуваме и да го љубиме, да го сакаме и да му се молиме. Тоа нека биде и ваше најголемо сознание и предимство!