23.3. Во долината на џиновите
„Но јас точно го следев Господа, мојот Бог.“
Исус Навин 14,8
Џиновите во Библијата се споменуваат на самиот нејзин почеток, во Првата книга Мојсеева 6,4: „А имаше во тоа време џинови на земјата“.
Од повеќе различни имиња за џиновите, името Рафаи меѓу израелскиот народ било најпознато. Долината што се протегала од Ерусалим кон Киријат-Јарим се викала Рафајска долина или Долина на џиновите.
За растот на тие џиновски луѓе можеме да судиме врз основа на извештаите на израелските извидници по враќањето од Ханан: „И таму видовме исполини, од родот Енахов; ние изгледавме пред нив како скакулци, такви бевме и во нивните очи“ (4. Мојсеева 13,34).
Десетмина од дванаесеттeмина извидници се исплашиле од џиновите и тој страв е познат под името „комплекс и скакулци“. Исклучок биле Халев и Исус Навин, наследникот на Мојсеја. Сите други ја оставиле својата вера во Долината на џиновите. Своето неверување го пренеле и на народот со зборовите: „Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас“ (4. Мојсеева 13,32).
„Комплексот на скакулци“ дошол до полн израз во однесувањето на десетмината извидници. Од нивната храброст со која пошле во Ханан не останало ништо кога се вратиле назад. Впрочем, за нив одењето во Ветената земја било само една авантура, а не исполнување на Божјето ветување. Пошле уверени во себе, а се вратиле не само разочарани во себе туку и во Бога. „Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал“ (Псалм 78,11).
Во нивните уши громогласно се одгласувало довикувањето на џиновите. За шепотот на Божјиот Дух немало место. „Тие ја презреа саканата земја, не Му веруваа на зборот Негов; и роптаа во шаторите свои, не го слушаа гласот Господов“ (Псалм 106,24.25). Не сакале да знаат за зборовите: „Господовиот глас е силен, Господовиот глас е величествен. Гласот Господов крши кедри; ќе ги скрши Господ кедрите ливански… Гласот Господов фрла огнен пламен, Гласот Господов ја потресува пустината; ќе ја затресе Господ пустината Кадис“ (Псалм 29,4-8).
Гласот Господов бил глас на Божјиот Дух. Десетмината исплашени извидници не се придржувале кон неговиот глас и затоа не биле негови. Неустрашивиот прповедник на евангелието – апостолот Павле – ја потврдил таа оценка на „случајот“ на десетмината од границата на Ханан: „Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов… Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји“ (Римјаните 8,9.14).
Исус Навин и Халев повеќе го слушале Господовиот глас отколку гласовите на џиновите. Ништо не можело да ја поколеба нивната доверба. Во нив бил „друг дух“ (4. Мојсеева 14,24).
Бог луѓето не ги разликува според висината, туку според духот што е во нив. Господ му рекол на пророкот Самоил за Елијава, синот на Есеја Витлеемецот: „Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Самоилова 16,7).
Срцето на Исуса Навина и на Халева било полно со Божји Дух и со Божји глас. Затоа можеле да им кажат на извидниците и на народот: „Ако Господ нè сака, ќе нè воведе во неа и ќе ни ја даде – таа земја… Но не отстапувајте од Господа и не плашете се од народот на таа земја: тој е мал залак за нас; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив“ (4. Мојсеева 14,8.9).
Сите тие извидувале исти краишта, сите гледале исти тврдини и сите виделе исти џинови. Сите гледале исто, но виделе поинаку. По четириесет години, кога Халев повторно бил со Исуса Навина во Долината на џиновите, ја покажал блиската гора каде што се повлекле џиновите од долината и рекол: „Дај ми ја таа гора… бидејќи Ти чу во тој ден, дека тука живеат Енаковите синови, и тие имаат градови големи и утврдени; можеби, Господ ќе биде со мене, и јас ќе ги истерам, како што ми рече Господ“ (Исус Навин 14,12).
Халев го паметел она што го кажал Господ, а не што го кажале луѓето. Гласот Господов сè уште му зборувал на неговото срце. Четириесетте поминати години талкање во пустината не го измениле. Сега стариот Халев ја открил тајната на својата младешка храброст: „Но јас точно го следев Господа, мојот Бог“ (Исус Навин 14,8). Тој не им поднел извештај на луѓето, туку на Бога – онака како „што ми беше во срцето“ (Исус Навин 14,7). А во срцето му бил само гласот Господов.
На секое место и во секоја прилика Духот Господов Халева го потсетувал на Божјите зборови, на ветувањата и на заповедите. Халев постојано во себе ја повторувал мислата што ја ставил псалмистот во зборовите: „Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној, кој ги очистува сите твои беззаконија, кој ги исцелува сите твои болести; кој го избавува од пропаст твојот живот, кој те овенчува со милост и со добрини. Кој го исполнува со добра животот твој, како на орел ти ја обновува твојата младост“ (Псалм 103,2-5).
Орелот е величествена птица. Големите перја на неговите силни крилја се обновуваат и во длабока старост од стотина години. Во Долината на џиновите Халев личел на орел готов да полета во гнездото на стрмните карпи. Халев при тоа кажал: „Сега, еве, јас сум на осумдесет и пет години, но и сега сум толку цврст, како и тогаш, кога ме прати Мојсеј: колку што имав сила тогаш, толку имам и сега, да влегувам, да излегувам и да војувам“ (Исус Навин 14,10.11).
Во Долината на џиновите Халев бил орел. Тој можел да каже како што рекол Духот Господов: „Која си ти, планино голема, пред Зоровавела? Та ти си рамнина“ (Захарија 4,7). Што се за орлите планинските висови? Огромните тешкотии и неволји, годините на чекањето, талкањето и сиромаштвото, за Халева не значеле ништо. Тој ги прелетал џиновските гори со крилјата на верата и станал пример на човек во кој живеел и преку кого зборувал Господовиот Дух. Конечно, Библијата вели: „Затоа Хеврон остана и до денес во наследство на Јефунеовиот син Халев… бидејќи постојано се покоруваше на заповедите на Господа, Израеловиот Бог“ (Исус Навин 14,14).
Хеврон бил град на џиновите што „Халев ги истера“ (Исус Навин 15,14). Она што можел да го стори Халев, можете да го сторите и вие. Обрнете внимание на гласот Господов во сите прилики од својот живот. Слушајте го неговиот шепот: „Само немојте да се одметнувате од Господа и не плашете се!“ Зар верноста и храброста не ни се потребни и нам секој ден?