18.2. Судење за спасение

18.2. Судење за спасение

„Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло.“

2. Коринќаните 5,10

Животот е дело, а Бог е негов судија. Прашањето на лична одговорност е прашање на живот или смрт. Личната одговорност е одговорност што ја бара Бог од секој човек за сите добра што му ги доверил. Секој има чувство на одговорност. Секој има во својот разум и во срцето макар и малку од онаа светлина што „го осветлува секој човек, што доаѓа во светов“ (Јован 1,9). Библијата вели: „Така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14,12).

Од таа сметка зависи нашата вечна иднина. Секој повик на судот содржи нота на сериозност, но повикот на небесниот Суд е најсериозен. Без оглед дали ние го знаеме тоа или не, дали веруваме или не, против одлуката на тој Суд нема право на жалба. „Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ (2. Коринќаните 5,10).

Младите нагло и безгрижно брзаат кон Судот; старите одат полека, чекор по чекор, во истиот правец; сиромашните пеш, а богатите во раскошни коли; едните одат на суд со звуци на оргулји, а другите со ритам на џез – зашто „им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд“ (Евреите 9,27).

Секој од четириесетте писатели на Библијата разгледува по некоја фаза од Божјиот суд. Тој се споменува повеќе од илјада пати во Божјата реч. Бог го одредил не само времето на судот туку и Судијата. Во Делата на апостолите 17,31 читаме: „ зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите“. На човекот ќе му суди Човек, но тој Човек во исто време е и Бог, зашто Синот човечки е и Син Божји: „Отецот не суди никого, но целиот суд Му го предаде на Синот“ (Јован 5,22). Како наш Првосвештеник и Судија, Исус веќе ја врши работата што му е доверена.

Судењето на небото се одвива во три фази, слично на оној ред според кој се одвивало во некогашното земно Светилиште на Денот на помирувањето или судот. Првата фаза е истрага или испитување на секој случај. Цитираме: „Зашто Бог ќе го изведе на суд секое дело“ (Проповедник 12,14). Втората фаза е изречување на пресудата. Кога ќе биде решен и последниот случај, Бог ќе објави: „Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште“ (Откровение 22,11). Третата фаза е извршување на судската одлука на денот на Христовото доаѓање: „За овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адама, зборувајќи: ’Ете, иде Господ со илјадници Свои свети ангели, за да изврши суд над сите’“ (Јуда 14.15).

Сите ќе бидат повикани пред Христовиот суд. Тоа е вистина која се однесува на секого од нас, „зашто сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3,23). Секој од нас е под осуда. Сепак, постои еден начин да не бидеме осудени. Самиот небесен Судија вели: „Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот“ (Јован 5,24).

Судот не е страшен за оној што го познава Судијата и ужива негова благонаклоност. Забележете го неговото ветување: „Нема да дојде на суд!“ Со други зборови: нема да биде осуден. Тоа не е заобиколување на правдата – далеку од тоа! Тоа е Божји излез за откуп на секој грешник што ќе ја прифати неговата милост и спасение.

„По Божја благодат“, Христос „вкуси смрт за сите“ (Евреите 2,9). Божјиот Син за секого вкусил смрт за секој да се спаси од осудата, но и секој за себе мора да ја прими неговата спасоносна милост. Милоста не се укажува групно, туку поединечно. Бог го испитува секој случај и секогаш донесува вистинска оцена: „А оној слуга кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен. Кој, пак, не знаел и направил нешто што заслужува тепање, ќе биде малку тепан“ (Лука 12,47.48). Бог секого го смета за одговорен, но не на ист начин. Прашањето на вечниот живот или смрт е прашање на нашата лична одговорност пред Бога. Животот зависи од нашиот избор: „Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое; да го сакаш Господа, Твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто тоа е твојот живот и долговечност“ (5. Мојсеева 30,19.20).

Пророкот Даниел ја видел истражната или преадвентната фаза на небесниот суд. Тој кажува: „Видов најпосле дека се поставија престоли и седнат Старец“ (Даниел 7,9). Бог-Отецот претседава на судот. Нашиот голем Првосвештеник, Исус го испитува секое дело, секој случај. Тој е наш милостив Застапник и силен Бранител. Тој има власт да нè признае за свои и да нè ослободи од осудата. Тој ги признава на небото оние што го признаваат него на Земјата. Тој  ги усвојува оние што веруваат во него и покрај нивното име го става својот знак: „Нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели“ (Откровение 3,5).

Кога умрел на крстот, Христос го помирил светот со Бога. Кога станал од мртвите и се вознел на небото, го почнал своето завршно дело на преадвентниот или истражниот суд што ќе трае сè додека не се испита и последниот случај и додека не го просуди и последното дело. Да не заборавиме дека секој случај мора да помине низ рацете на нашиот Господ, Бранител и Застапник на небото, Исус Христос.

Никој не може во целост да ја сфати Христовата првосвештеничка служба, но може да се радува што Тој е наш Посредник – единствен Посредник меѓу Бога и луѓето. Кога ќе му пристапиме со покајание и со признавање, Тој ги прима нашите несовршени молитви, ги зема нашите гревови и ги испраќа пред нас на судот, како што кажува Божјата реч: „Гревовите на некои луѓе се познати и однапред ги водат на суд, а на некои по нив одат“ (1. Тимотеј 5,24).

Драги пријатели, со нашето признавање ние ги испраќаме нашите гревови пред себе на судот за да не мораме сами ние да паднеме под судот. Еден ден нашиот небесен Застапник ќе ја заврши својата првосвештеничка служба на Посредник, и како Судија ќе ја изрече конечната пресуда. Тогаш засекогаш ќе помине приликата за помирување со Бога. Еден ден ќе биде доцна, но денеска уште не е. „Одберете си сега, кому да му служите… а јас и домот мој ќе му служиме на Господа“ (Исус Навин 24,15).