15.1. Пред огледалото на Божјиот закон
„О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови.“
Исаија 48,18
Пред огледалото на Божјиот закон сите ние изгледаме толку грешни што и најдобрите меѓу нас можат слободно да кажат заедно со апостол Павле: „Вистината е речта и достојна сите да ја примат: „Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас“ (1. Тимотеј 1,15). Овие зборови биле доказ дека Божјиот Дух влегол во Павловото срце, зашто сам Исус кажал: „А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд“ (Јован 16,8).
Кога пред огледалото на Божјиот закон кај нас ќе оживее свеста за нашата грешност, Светиот Дух нè теши укажувајќи на Христа како на силен Спасител на сите луѓе, зашто сите луѓе пред Бога се грешници.
Апостол Павле и пред својата средба со Христа бил грешник, но дури по таа средба станал свесен за својата несовршеност. Никој не може да се сретне со Христа и потоа да остане она што бил. Кога го посматраме Божјиот закон во светлината на Христовата праведност, тогаш како пред огледало ја увидуваме нашата грешност. Христовиот крст на Голгота нè упатува на оваа основна христијанска мисла: „А мене, да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Галатјаните 6,14).
По средбата со Христа фарисејот Павле се променил. На оваа промена на умот и сфаќањето гледал како на премин од периодот на детството во зрел период. Тој не го скршил огледалото за да не му зборува повеќе колку е извалкан, ниту пак помислил да го погази Божјиот закон, за да не му открива повеќе колку е грешен!
Својата преродба по средбата со Христа Павле ја опишал како искуство на растење и созревање: „Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детското“ (1. Коринќаните 13,11).
Во нашето детство ни зборувале: „Ако бидеш добар, ќе добиеш играчка, слатки, чевли или нова облека“. И денеска често некој зборува во тој дух: „Јас сакам да се спасам, но чувствувам дека не сум доволно добар“. Но во небото никој не може да влезе затоа што е добар, подобар или најдобар. Ако дојдеме на небото, тоа ќе биде само затоа што на огледалото на Божјиот закон и во светлината на Христовиот крст сме ја увиделе нашата грешност и сме пекале за проштавање. Сознанието за сопствената грешност пред огледалото на Божјиот закон е најдобар доказ дека во нашите срца делува Божјиот Дух.
За да увидиме дека сме грешни, потребно ни е духовното огледало на Божјиот закон. Кога ќе го ставиме пред себе, ја гледаме нашата вистинска состојба. „Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено. Од главата до петите нема во тој народ здраво место, модрици, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со масло“, ни кажува Светиот Дух преку пророкот Исаија (Исаија 1,5.6). Христос е единствениот Лекар и единствениот Лек од гревот. Над вратата на неговата Црква пишува: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните“ (Лука 5,31.32).
Апостол Павле пред својата средба со Христа бил еден од најревните верници на еврејската Црква. Строго се придржувал кон прописите, обичаите и церемониите на својата прататковска религија, мислејќи дека со тоа може да се пофали пред Бога. Многу современи христијани исто така мислат дека можат да се откупат од гревот со добрите дела или со припадноста на некоја црква. Меѓутоа, големиот Христов апостол кажува дека помирувањето со Бога доаѓа само со вера во Исуса Христа, „зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој“ (Римјаните 3,20).
Мнозина погрешно мислат дека Христос на крстот го укинал Божјиот морален закон и со тоа сите грешници ги сторил праведници. Некои сметаат дека Исус ѝ оставил на Црквата право да ги дополнува и да ги менува Божјите заповеди. Напротив, Христовиот крст е доказ за неповредливоста и непроменливоста на Божјиот свет закон.
Кога Законот би можел да се промени, Исус не би морал да умре. Неговата пролеана крв на крстот на Голгота засекогаш ги поврзала сите делови на камените плочи на Божјиот закон од Синај што ги скршил човекот. Во подножјето на крстот на секого без разлика „верата му се засмета во праведност“ ако „верува во Оној, кој го оправдува“ (Римјаните 4,5) и својата вера ја докажува со извршување на Божјите заповеди.
Дали некогаш сте погледнале во Десетте Божји заповеди за да видите како изгледате во Божјите очи? Ако не сте погледнале, да го сториме тоа заедно сега!
I
»Јас сум Господ, Бог твој, кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене!«
II
»Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш, бидејќи Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено, ако тие Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници поколенија, што Ме сакаат и ги чуваат Моите заповеди.«
III
»Не изговарај го напразно името на Господ, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори Неговото име.«
IV
»Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни добитокот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.«
V
»Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и за да поживееш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.«
VI
»Не убивај!«
VII
»Не врши прељуба.«
VIII
»Не кради!«
IX
»Не сведочи лажно против својот ближен!«
X
»Не пожелувај го домот на ближниот свој, не пожелувај ја жената на ближниот свој, ниту неговата нива, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни магарето негово, ниту нешто друго, што му припаѓа на ближниот твој!«
(2. Мојсеева 20,1-17)
Божјиот закон е огледало што кажува: „О, да беше ги слушнал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови“. Тој нè повикува да стекнеме мир со вера во Христа и правда со послушност на неговите заповеди.