20.4. Пресврт во Ниневија

20.4. Пресврт во Ниневија

„Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“

Матеј 4,17

Ниневија била најстар град на послепотопниот свет во Месопотамија. Го подигнал Нимрод, внукот на Ноевиот син Хам. Градот се наоѓал на левиот брег на реката Тигар (библиски Хидекел) чиишто води истекувале од заедничкиот праизвор на реките Фисон, Геон и Еуфрат. Изворот поаѓал „од Едем, за да го наводнува рајот, а потоа таа се раздвојуваше во четири реки“ (1. Мојсеева 2,10).

Пророкот Софонија Ниневија ја опишал како „весел град, кој живее безгрижно и во срцето свое си вели: ’Јас сум и нема друг освен мене!‘“ (Софонија 2,15)

Овој весел град, полн со вода и со зеленило, бил древна престолнина на Асирија, но исто така и прибежиште на свирепите луѓе „полни со лага и со грабеж“, метропола на една од најсуровите империи на сите времиња. Пророкот Наум пророкувал против Ниневија: „Тешко му на крвничкиот град!… грабењето не престанува во него“ (Наум 3,1).

Археолозите успеале да откријат само малку од некогашното богатство на Ниневија. На виделина  излегла палатата на Сенахирим од седумдесет соби, ходници и сали чиишто ѕидови целосно биле покриени со украсни плочки од алабастер. И денеска на источниот брег на стариот Тигар се наоѓаат остатоци од ѕидовите на некогашната велелепна Ниневија, преку патот од современиот ирачки град Мосула.

На оваа моќна престолнина на Асирското царство Бог ѝ го испратил пророкот Јона со најсмела вест што можела да се замисли: „Стани и оди во Ниневија, град голем, и проповедај во него, зашто неговите лоши дела стигнаа до Мене“ (Јона 1,2).

Истовремено тоа била една од најголемите пораки на Божјата милост што воопшто е забележана. Пророкот знаел дека Божјата вест за судот што доаѓа значи вест замилоста која уште трае. Што се однесува до Ниневија, според мислењето на Јона, таа не требало да биде опомената, туку веднаш уништена!

Но колку се измамил овој пророк во својата проценка! Откако се обидел да ја упати историјата во друга насока, сепак морал да дојде во Ниневија иако по заобиколен пат – по престојот во мевот на кит. Своето возбудливо искуство со среќен завршок го опишува со следните зборови: „Кога животот ми згаснуваше, се сетив на Господ, и молитвата моја стигна до Тебе, до светиот храм Твој, но Ти, Господи, Боже мој, ја изведе душата моја од јамата“ (Јона 2,7.6).

Веста за скорешната пропаст на големиот град Ниневија всушност била јасен и сериозен повик упатен до Ниневјаните да им го свртат грбот на своите богови, да ги променат своите лоши патишта и да појдат по патеката на правдата. Пророкот Јона влегол во градот и почнал да објавува: „Уште четириесет дена, и Ниневија ќе биде уништена!“ (Јона 3,4).

Во споредба со Христа, Јона не бил голем проповедник, но колку Ниневија внимателно го слушала. Ниневија се покајала! Ниневија им покажала на жителите на сите градови и на сите времиња дека ќе се спасат ако ја примат и ако ја послушаат Божјата вест за судот како вест за милост.

Јона проповедал само еден ден во оваа голема пре­столнина, а веста веќе одела од уста до уста. Впечатокот бил длабок, и градот се покајал, почнувајќи од царот па до последниот слуга. „И поверуваа Нинев­јаните во Бога, прогласија пост и се облекоа во вре­ќи, мало и големо. Таа проповед дојде и до царот на Ниневија, и тој стана од престолот свој, ја соблече царската облека, се облече во вреќиште и седна во пе­пел, па заповеда да се прогласи и да се каже во Ниневија од името на царот и од неговите големци, ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не ја­дат ништо и да не одат на пасење и да не пијат; и лу­ѓето и добитокот да бидат покриени со вреќишта и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од неправдите што ги вршел. Кој знае, можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас Својот разгорен гнев, и така да не загинеме“ (Јона 3,5-9).

Каков извештај! Какво покајание! Ниневија се споменува до денешен ден, но не затоа што салите ѝ биле покриени со скапоцен алабастер, туку првенствено затоа што станала покајнички град. Ниневија е живо охрабрување за сите оние што денеска ќе ја слушнат последната вест на опомена упатена до светот: „Бојте се од Бога и подајте му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (­Откровение 14,7). Ниневјаните се одвратиле од гревот. И Бог отстапил од казната со која им се заканил. „И ги виде Бог нивните дела, оти тие се одвратија од својот лош пат, па се сожали на злото, за кое беше рекол дека ќе го нафрли врз нив, и не го нафрли“ (Јона 3,10).

Ниневија се понизила и се покајала. Не останала рамнодушна кон Божјата вест за судот. Никој не е во поголема опасност од оној што одбива да го признае својот грев. Никој нема да страда и да го мачи грижа на совеста толку како оној што ќе одбие да се врати на вистинскиот пат. „Кој ќе ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се освестува и ги остава, ќе биде помилуван“ (Мудри изреки 28,13). Апостол Павле додава: „Сите ќе застанеме пред судот Христов. Оти е напишано: Жив сум Јас, вели Господ, пред Мене ќе се преклони секое колено и секој јазик ќе Го исповеда Бога. Секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14,10-12).

Христос во еден свој расказ времето на своето второ доаѓање го опишал како време на жетва. Апостол Јован исто така Христовото доаѓање го објавува со истата слика: „И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Тој имаше златен венец, а во раката  остар срп. И друг ангел излезе од храмот и извика со силен глас на Оној што седеше на облакот: ’Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: бидејќи житото на земјата е зрело!‘“ (Откровение 14,14.15).

Веста за Божјиот суд не би била целосна кога не би ги упатувала луѓето кон Бранителот кој прифаќа да го брани секого што ќе му се довери. Еве ја таа утешна порака: „Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исуса Христа, Праведникот: а Тој е жртва за измирување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2,1-2).

Веста за судот упатена до Ниневјаните била вест за потребата од итно покајание, и Ниневија се покајала. Тоа била вест за Божјата милост. Сам Господ рекол: „А Мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади души, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата“ (Јона 4,11). Веста за судот е последна вест за милоста. Таа е иста како и онаа охрабрувачка и радосна вест што ја проповедал Исус: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 4,17)