8.2. Сјајот од Гората на блаженствата

8.2. Сјајот од Гората на блаженствата

„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани.“

Матеј 5,7

Безимената гора крај Генизаретското Езеро станала позната во целиот свет под името Гора на блаженствата. Нејзините зелени падини ги осветлила небесна светлина, зашто од една падинка на таа гора Исус му се обратил на човештвото со поздравот што е вообичаен во небесното царство на светлината. Во тој миг од неговите усни потекла река благослови наменети за сите луѓе. Неговата проповед станала образец за среќата на секоја човечка душа. Таа ги изнесува водечките принципи на Христовото царство на милоста.

Почетни зборови скоро на секоја реченица во почетокот на Христовата проповед се „блазе на оние“. По овие зборови оваа безимена гора станала Гора на блаженства за оние што веруваат, но и за оние што не веруваат. Блажените суштества се среќни суштества. Блажениот е среќен. Во царството на Божјата милост среќата е стварност а не желба, таа таму не се очекува туку се доживува. Блаженствата се искуство а не очекување. Само оној што има чисто срце може да го види Бога. Милостив е само оној што е помилуван. Со правда се исполнети само оние што се гладни и жедни за праведност. Божји деца се оние што градат мир. Сите што се чувствуваат сиромашни со дух, практично ги откриваат Божјите богатства. Исус ги поздравил како блажени, зашто тие навистина се среќни граѓани на царството на милоста.

Милоста е основен принцип на Христовото царство. Горделивоста се смета за најголем грев, зашто го претворила најголемиот ангел во ѓавол. Меѓу оние што копнеат за Божјето царство не може ни да се замисли некој да ја истакнува својата личност. „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“ (Матеј 5,7), рекол Исус. Милоста е најважна особина, зашто таа го навела Божјиот Син понизно да слезе од престолот и да стане наш Спасител.

Овој вид блаженства и среќа им бил непознат на фарисеите и на книжевниците кои внимателно ја следеле Исусовата проповед. Неговите зборови биле туѓи за оние што мечтаеле за сјај, за слава и за богатство на една израелска светска империја. Тие доаѓањето на Избавителот го сликале како триумфален настан на Лавот од племето на Јуда. Попусто Јован Крстителот ги повикувал да ги променат своите желби што биле вдахновени со национална горделивост. Напразно гласот на старите пророци ги повикувал наместо лав да очекуваат јагне; наместо завојувач, градител на мир. Залудно ги предупредувал: „Еве Го, Јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1,29) Јагне доаѓа во свет на волци. Оваа вистина ниту малку не била пријатна за нивниот карактер и за нивните честољубиви надежи. Па сепак, врз Исусовите зборови почивала роса на божествена љубов како цветен мирис.

Блаженството е доживување на душата што е проникната со божес­твена милост. Вратата на Божјето царство се отвора со допир на малечко дете. Во царството на милоста не влегуваме како теолози и филозофи, како научници и професори, туку како понизни грешници, кои како деца со доверба се држат за Бога верувајќи му на зборот. Единствено наше право е Божјата милост; наша единствена молба е помилувањето.

Милоста е она што му треба некому кој нема никакво право. Да бидеме милостиви значи да бараме прилика да сториме нешто што не сме должни да го сториме, да задоволиме нечија потреба а не барање. Сите имаат потреба од проштавање, од доброчинство и од пријателство. Блаженство е да се дава а не да се зема или да се бара. Во проповедта на Гората не блаженствата најголемиот Учител на сите времиња ни дал практична формула за среќата. Ако ја примениме, најголем дел од нашите проблеми бргу ќе бидат решени.

Библијата е книга на милоста. Божествениот принцип на милоста е насликан со еден вистински настан од старозаветната историја. Да го читаме во 2. Книга за Царевите, во 6. глава. Во тоа време стариот Израел се наоѓал во голема неволја поради ненадејни и чести упади на непријателски чети од Сирија. Но во времето на пророкот Елисеј сирискиот  цар не успеал да ги оствари своите војнички цели, иако сите свои планови ги држел во тајност. Каде и да се обидел да упадне на израелска територија, бил дочекуван и одбиван.

Најпосле, кога веќе станало јасно дека израелската одбрана ги знае сите негови тајни, ги повикувал своите соработници и ги обвинил за предавство. „Ќе ми кажете ли кој од нашите му пренесува на израелскиот цар?“, ги прашал отворено.

Тогаш еден од неговите министри одговорил: „Никој, царе, господаре мој; туку пророкот во Израел, Елисеј, му ги пренесува на царот Израелов зборовите што ги зборуваш ти во собата во која спиеш“.

Тогаш царот веднаш заповедал: „Одете, дознајте каде се наоѓа, за да испратам да го фатат“. Сиријците веднаш собрале голема војска и во текот на една ноќ го опколиле градот во кој живеел пророкот Елисеј.

Изутрината, кога се разбудил младиот слуга на пророкот, видел редови непријателски војници и извикнал: „Леле, господаре, што ќе правиме сега?“ „Не бој се“, одговорил пророкот, „зашто повеќе се нашите отколку нивните“. Тогаш Елисеј се помолил Господ да му ги отвори очите на младичот. Наеднаш слугата на околните планини видел воени позиции од огнени коњи и коли на небесни армии.

А потоа Елисеј му се обратил на Бога со оваа необична молитва: „Ослепи го овој народ!“ Но ова уште не е крај на настанот. Да прочитаме што им рекол потоа пророкот: „Не е ова патот, не е ова градот; одете по мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате“.

Елисеј ги одвел право во израелската престолнина Самарија. Кога стигнале таму, го замолил Господа да им ги отвори очите. Сиријците избезумени виделе дека се опколени со израелска војска.

„Треба ли да ги убијам, оче мој?“, прашал царот.

„Немој да ги убиеш“, му одговорил Елисеј. „Изнеси им леб и вода да јадат и да пијат и нека се вратат при господарот свој“.

Библијата ја опишува оваа чудна гозба: „Царот им приреди голема гозба, и откако јадоа и пиеја, ги отпушти, и тие се вратија кај својот господар“.

А сега, конечниот исход: „Оттогаш тие сиријски ограбувачки групи не одеа веќе во Израиловата земја“. Ова дело ги спречило натамошните непријателства. Елисеј не им го дал она што го заслужиле, туку она што им било потребно. Со помош на Христовиот образец на милоста Елисеј го решил судирот меѓу двата народа.

На ист начин и Бог го решил прашањето на помирувањето со нас. Тој ни го дал она што ни било потребно: својата љубов. Трогнат со неговата љубов, апостол Јован рекол: „Ние Го љубиме, бидејќи Тој отпрвин нè возљуби“ (1. Јованово 4,19). Тој не постапува со нас онака како што сме заслужиле, туку според својата љубов. Тој не бара да казни, туку да спаси. Милоста е формула на среќата. Да се одлучиме за неа. Да ја примиме милоста за да можеме да бидеме милостиви!