19.2. Знаците на Христовото враќање

19.2. Знаците на Христовото враќање

„Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки.“

Лука 17,26

Знаците во Библијата имаат важност на труба и значење на знаме. Трубата повикува на слушање, а знамето на гледање. Да го цитираме пророкот Исаија 18,3: „Сите вие, што ја населувате вселената и живеете на земјата, ГЛЕДАЈТЕ кога ќе се крене знаме на планините, кога ќе затруби трубата, СЛУШАЈТЕ!“

Стражарите на ѕидовите на старите градови трубеле во труба направена од рог. Звукот на нивните труби значел предупредување: „И тој, штом ќе го види мечот кој се протега врз земјата, ќе затруби со труба и ќе го предупреди народот, па, ако некој го чуе трубниот глас, но не обрне внимание, тогаш кога ќе дојде мечот и ќе го достигне, крвта негова ќе падне врз главата негова. Трубниот глас тој го чул, но не обрнал внимание… а кој ќе обрне внимание, тој ќе си го спаси животот“ (Езекиел 33,3-5).

Трубата е предупредување, а знамето повик. Времето на трубата и знамето е сериозно и свечено. Знамето се истакнува на највисоко место, на кула или на јарбол, за сите да го видат. Знамето повикува на гледање и на готовност. „Ќе крене знаме за далечни народи и ќе им даде знак на оние што живеат на крајот од земјата, и ете, тие лесно и брзо ќе дојдат“ (Исаија 5,26).

Времето на знаците е време на опомена пред најголемиот настан на сите времиња – второто Христово доаѓање. Во тоа сериозно време, додека Исус ја завршува својата првосвештеничка служба на небото, „ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти. Ќе велат: ’Каде е ветувањето на Неговото доаѓање?’“ (2. Петрово 3,3.4). Хумористичкото прикажување на верата во повторното Христово доаѓање претставува сериозен знак што буди и опоменува. Апостол Петар пишувал: „Еве, возљубени, како веќе ви го пишувам второто послание во кое со напомнување ви го разбудувам вашиот чист разум за да се потсетите на зборовите, порано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господ и Спасителот, дадени преку вашите апостоли“ (2. Петрово 3,1.2).

Опишувајќи го времето пред второто Христово доаѓање, пророкот Даниел рекол: „Ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сè до денес“ (Даниел 12,1). Потсмевањата упатени на сметка на ветувањето во Христовото второ доаѓање не се смешни. Подбивачите и жалното време се два знака со исто значење. Тие нè потсетуваат на сета тежина и сериозност на времето во предвечерјето на второто Христово доаѓање: „Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“ (2. Тимотеј 3,1-5).

Исус жалното време на моралната криза го опишал како Ноево време и подвлекол дека тоа е еден од значајните знаци на неговото враќање: „Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки: јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сè до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите… така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки“ (Лука 17,26.27.30).

Ноевите современици ја потцениле Ноевата труба и нејзиниот повик. Биле обземени со страсти и сласти – „прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот“ (Лука 21,34). Подбивачите не веруваат ниту во потопот ниту во второто Христово доаѓање. Тие му припаѓаат на времето на неверството пред Христовото враќање. Христос дал најјасно објаснување на значењата на сите преадвентни знаци: „Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата“ (Матеј 24,33).

Знаците значат дека Христос е пред врата. Оние што му се потсмеваат на ветувањето на неговото доаѓање ги затвораат очите пред библиската стварност. Сите што ѝ се смееле на Ноевата идеја за потопот на крај заплакале – кога – „водата се засилуваше многу и се умножуваше на земјата, и ковчегот пливаше врз водата“ (1. Мојсеева 7,18). За жал, „и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сè“ (Матеј 24,39).

Духовната нечувствителност кон ветувањето за второто Христово доаѓање е исто така знак. Но „како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24,37). Нечувствителноста е свесно занемарување на вистината: „Тие намерно забораваат…  Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сè што е на неа, ќе изгори“ (2. Петрово 3,5.9.10).

Свесното незнаење е знак на второто Христово доаѓање, иако тоа за мнозина не значи ништо. Затворањето на срцето пред вистината дове­ло до заладување на љубовта кон ближниот. Во христијанскиот свет сè по­веќе има недела, а сè помалку солидарност. „Тогаш мнозина ќе се соблаз­нат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат…  бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24,10.12).

Овој знак за непосредност на второто Христово доаѓање исто така бил знак на близината на потопот кога „лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време“ (1. Мојсеева 6,5). Ное ги повикувал сто и дваесет години, но напразно. Тој проповедал, но ништо не се случувало; сè изгледало исто. Потоа еден ден бродот го примил својот товар и вратата се затворила.

Знаците не биле веќе потребни. Ное не се слушнал повеќе. Пророчката труба занемела. Сè било завршено, но подбивањето околу Ноевиот брод не престанало. Смеата била посилна од кога и да е порано. Одненадеж молснала молња и дувнал ветер. Земјата се затресла како во шепа на џиновски сили. На небесата одекнала експлозија, а планините се распаѓале. Многу дрвја се кршеле. Подбивачите се припиле еден до друг. Било доцна за поправка и за извинување. Исус рекол: „Така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки“ (Лука 17,30).

Знаците значат негов повик: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со мене. На оној што победува, ќе му дозволам да седне со мене на мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот свој на Неговиот престол“ (Откровение 3,20.21).

Драги пријатели, отворете му ја вратата на своето срце на Оној кој вам ви ја отворил вратата на животот. Немојте да бидете меѓу оние што „се подбиваа со испратените од Бога и не се грижеа за зборовите Негови, ги понижуваа пророците Негови, додека гневот на Господ не падна врз народот Негов, та немаше за него спасение“ (2. Летописи 36,16). Христос е пред врата! Знаците зборуваа: „Еве, ќе дојдам скоро, и отплатата Моја е со Мене… Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите“ (Откровение 22,12-14).