19.5. Пред нашите очи

19.5. Пред нашите очи

„Твоето видение, царе, беше вакво: ете некаков си голем, огромен лик, стоеше пред тебе во голема светлина…“

Даниел 2,31

За да ја разбереме сегашноста, мораме да знаеме нешто од минатото. Историјата е учителка на народите. Изучувањето на историјата на светот во светлината на библиските пророштва ни влева доверба не само во сегашноста туку и во иднината. Нема потреба да се изненадуваме со настаните на сегашното време. Во својата Реч Бог ги објавил своите планови за иднината на светот. Сегашноста е дел на таа претскажана иднина што сè уште се наоѓа пред нас.

Секој може да ја запознае сегашноста ако посвети доволно време и волја на истражување на знаците на времето. Никој не мора да остане во незнаење. Несфаќањето на своето време не може да се оправда. Христовата забелешка упатена до фарисеите се однесува и на нас: „Навечер велите: ќе биде ведро, оти небото е црвено; а наутро: денес ќе има невреме, зашто небото е матно… Изгледот на небото можете да го распознаете, а знаците на времињата не можете?“ (Матеј 16,2.3).

Сите замрсени движења на современата историја на европскиот континент се откриени во списите на библиските пророштва. Сегашноста е мост на историјата од минатото кон иднината, кој почива на два силни столба, на првото и второто Христово доаѓање. Настаните што се одигруваат пред наши очи ќе можеме да ги разбереме само ако ги поврземе со пророчките погледи. Пророците однапред го гледале одот на историјата. Ги виделе сите решителни маршеви на светските империи во борбата за владеење со светот. Но тежиштето на библиските пророштва не лежи толку во претскажувањето на идните, колку во толкувањето на сегашните настани. Овој единствено исправен принцип на примена на библиските пророштва го поставил сам Христос кога рекол: „И сега ви кажав, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате“ (Јован 14,29).

Ако овој принцип се примени исправно на ненадејните настани околу нас, тогаш тие не можат повеќе да нè чудат. Така откриваме дека Божјата реч е „светило што свети на темно место“ (2. Петрово 1,19). Тогаш збиднувањата во сегашноста се само доказ повеќе за верата во Божјата реч во очекувањето на настаните што уште не се одиграле.

Вавилонското царство е едно од царствата со кои почнува историјата на светот. Она за што мечтаел неговиот најсилен цар било царство без граници и престол без соперник. Сонот што го сонувал тој на јаве бил прекинат со друг сон што го сонил на својата перница. Пророкот Даниел го опишал и го протолкувал: „Твоето видение, царе, беше вакво: ете некаков си голем, огромен лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и изгледот му беше страшен. Главата на тој лик му беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни. Потколениците железни, а нозете дел железни, дел глинени. Додека го гледаше, еден камен не се откачи од планината сам, удри во идолот, во неговите железно-глинени нозе и го скрши. Тогаш заедно сè се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни целата земја“ (Даниел 2,31-35).

Во Даниеловото толкување на овој сон нема човечка логика, но има Божје посредување во историјата на светот. Златото се заменува со сребро, посилниот со послаб, додека најпосле каменот не ги заменува металите што одминуваат како плева со ветерот. Имало доволно смелост во ова пророштво да ги предизвика сите војници на светот да го побијат. Тие и се обиделе тоа да го сторат, но до денеска не успеале. Небесната Карпа им кажала на златото и среброто на Земјата: „Вие сте ништо, и делото ваше е ништожно“ (Исаија 41,24).

Симболот и основата на националната економија на Вавилонското царство било златото. Но тоа не го осигурало од сиромаштво. Навухо­доносор бил златна глава на тоа златно царство во долината на реките Тигар и Еуфрат. Но Бог бил негов мерач. За време на Навуходоносоровиот внук Валтазар, големиот и златен Вавилон пропаднал. Кога „се подигна против Небесниот Господ“, раката која „ги соборува и ги поставува царевите“ – ги прекинала неговите оргии со писмото: „Мене, Мене, Текел, Парсин – го изброи Бог царството твое и му стави крај…Царството тие е разделено и им е дадено на Мидијците и Персијците“ (Даниел 5,23.25-28).

Златото не е божествено мерило на вредноста. Сјајот на златото спореден со сјајот на послушноста е ништо. Историјата почнала со па­ѓа­ње­то на златото, но не се запрела ниту на среброто. Персиското царство го сменило Вавилонското, но неговата слава, споредена со славата на претходното, е иста што и сјајот на среброто спореден со сјајот на златото – помалечкото го победило поголемото. Писмото на ѕидот е единствено објаснение.

Царството на Александар Велики ја заменило Персија. Оклопена со бронза, армијата на Александар ја победила сребрената Персиска империја и запленила толку големо богатство, што ѝ требало еден месец да го собере. Бронзовото царство на Александар Велики било потемно од сребреното, но сепак завладеало со светот.

Четвртото царство било железното Римско царство. Римските шлемови биле направени од железо. Пророкот рекол: „Како што железото троши и дроби сè, така и тоа железо што крши сè, ќе дроби и ќе уништува“ (Даниел 2,40). Римското царство незапирливо напредувало кон Еуфрат, кон Дунав, Рајна и Атлантскиот Океан. Па сепак, историјата ја потврдува неговата поделба на современите држави на Европа онака како што најавил пророкот: „Царството ќе биде разделено“ (­Даниел 2,41).

Таа поделба ја извршиле варварските племиња од север и исток. Никаков цемент не успеал повеќе да ги поврзе парчосаните делови на некогашната Римска империја. Сè уште немаме соединети држави на Европа. Божјиот пророк рекол: „Нема да се слеат едно со друго, како што ни железото не може да се измеша со глината“ (Даниел 2,43). Времето на таа разделеност е наше време.

Пророкот и денеска може да го пружи прстот кон картата на Европа и да каже: „Во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ“ (Даниел 2,44). Тогаш ќе се исполни и најголемиот сон на сите времиња – царство без граници и живот без смрт. Петтото царство ќе биде Божјето царство кое „нема да се разруши никогаш“ (Даниел 2,44). Тоа ќе се случи кога небесата ќе објават: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во сите векови!“ (Откровение 11,15).

Драги пријатели, сегашноста е залог на иднината која почива врз Христовото второ доаѓање. Сегашноста е очекување: „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3,13). Да се чека правдата значи да се чека Христовото враќање од небото. Апостол Петар благословува и вели:

„Зашто, таква е волјата Божја, – со добротворство да го замолкнуваме незнаењето на безумните луѓе… Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2,15.21). „Затоа, возљубени, додека го очекувате тоа, погрижете се пред Него да излезете во мир, неосквернати и непорочни“ (2. Петрово 3,14).