18.4. Сѐ поблизу и поблизу

18.4. Сѐ поблизу и поблизу

„Приготви се… да го дочекаш твојот Бог.“

Амос 4,12

Светот никогаш немал повеќе приоди а помалку излези од своите проблеми одошто денеска. Ниедно поранешно поколение на човештвото немало повеќе технички а помалку морални и естетски вредности. Науката постигнала највисок степен во лекувањето на болестите, но исто така човештвото го довела во атомска опасност. Пророкот Исаија ја опишал состојбата на светот пред второто Христово доаѓање: „Нажалена е земјата; изнемоштена, жалосни се и очајни нејзините жители, без сила се народните поглавари“ (Исаија 24,4). Единствен излез и надеж е второто Христово доаѓање. За приближувањето на своето второ доаѓање Христос рекол: „А кога ќе почне тоа да става, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение“ (Лука 21,28).

„Секој си одеше по својот пат“, кажува пророкот Исаија (Иса­ија 53,6). Човештвото едноставно го загубило својот божествен пат. За нашето време Христос ни дал најутешна вест за своето враќање: „Да не се плаши срцето ваше; Верувајте во Бога и во Мене верувајте!… Пак ќе дојдам!“  (Јован 14,1-3).

За Христовото враќање од небото Бог „зборуваше од древноста преку устата на Своите свети пророци“ (Дела на апостолите 3,21). Бог секогаш „му ги објавува замислите Свои на човекот“ (Амос 4,13). „Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците“ (Амос 3,7). Нема ништо тајно во Христовите преадвентни знаци. Тие се ѕвона на пророчкиот будилник на крајот од ноќта на гревот. Тие велат: „Приготви се… да го дочекаш твојот Бог“ (Амос 4,12). Тие молат: „Затоа, царе, нека ти биде благоугоден мојот совет: искупи се за гревовите свои со правда, и за беззаконијата твои – со милосрдие спрема бедните; ете со тоа може да се продолжи твојот мир“  (Даниел 4,27).

Еден од големите знаци на близината на второто Христово доаѓање е споменат во пророштвото на Даниел: „И ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сè до денес“ (Даниел 12,1). Среде таквата душевна состојба на светот пред второто Христово доаѓање, луѓето ќе бараат излез: „Многумина ќе испитуваат и знаењето ќе се намножи“ (Даниел 12,4).

Овој опис на преадвентниот период го дал Даниел, пророк и прв министер на стариот Вавилон. Неговите зборови првенствено се однесуваат на ширењето на знаењето и на разбирањето на Божјата реч, но и на зголемувањето на општото ниво на знаење. Суперсоничните брзини и вселенските бродови, џамбо-џетовите и атомските подморници, радиото, радарот и телевизијата, претставуваат дел на секојдневјето. А што да кажеме за зраците на ласерот што претвораат во пареа сè пред себе?! Зошто не постоеле тие во времето на Аврама или Цезара? Зошто токму денеска? – Затоа за да те предупредат на брзината на Христовото доаѓање.

Во времето кога „ќе има… тага кај народите од неизвесноста“ (Лука 21,25), кога христијанскиот свет ќе го преплават „беззаконијата, кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24,12), сигналите на небото и на Земјата ќе им укажат на Христовите чекатели на непосредноста на неговото второ доаѓање. Бог објавил преку пророкот Јоил: „Ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим“ (Јоил 2,30). Овие знаци ќе се покажат „пред да настапи денот Господен, великиот и страшниот“ (Јоил 2,31).

По знаците на небото, Бог објавил појавување на знаци на Земјата. Други пророци пишувале за затемнување на Месечината и за паѓање на ѕвезди – големи метеорски дождови (Откровение 6,12.13), а Јоил споменува „оган“ и „столбови од дим“.

Што има чудно во овие знаци? Улогата на огнот е позната уште од најраните времиња, а според движењето на димот денеска може да се предвиди доаѓањето на убаво или лошо време. Квалитетот на огнот никогаш не се менувал иако начинот на неговото добивање се усовршувал. Така било сè до неодамна. Но наеднаш, огнот добил сосема нови особини и димот ново значење.

Во 1945 година, науката одненадеж светот го вовела во атомска ера. Уништувањето на јапонскиот град Хирошима ја окончало војната на Далечниот Исток, но и ја покажало страотната огнена сила на атомот. Тоа е „чудо“ на нашите денови, знак „на небото и на Земјата“. Ни малку не се повеќе чудни Христовите зборови што се обвистинуваат во наше време: „Луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“ (Лука 21,26).

На прашањето што сака да биде кога ќе порасне, едно момче одговорило: „Жив!“ Осигурувањето на животот е прва грижа на современиот свет, но осигурителните заводи не можат да го заштитат животот. Денеска стравот е постојан придружник на животот. Светот упаѓа од една во друга криза и веќе се навикнал да живее во состојба на постојана тревога, токму онака како што рекол Христос однапред: „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата тага кај народите од неизвесноста“ (Лука 21,25).

„Тага кај народите од неизвесноста“ всушност значи чувство на беспомошност. Единствен лек од оваа современа болест на стравот е гласот што ни доаѓа од Маслинската гора. Овој глас влева сигурност и надевање. Исус од витлеемските јасли, Човекот од Голгота, при разделбата со своите ученици ни оставил сигурност во зборовите на ангелите: „Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак во истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“ (Дела ­на апостолите 1,11).

Христос е единствен вистински приод кон мирот и спокојството. Неговото второ доаѓање е единственото вистинско доаѓање на Небото на Земјата. Тоа не е човечки план, туку Божји. Тоа не е утопија, туку стварност. За сите наши надевања Библијата го повторува Христовото ветување: „ПАК ЌЕ ДОЈДАМ!“

Исус нема да го заборави своето ветување. Голгота гарантира за тоа, неговиот крст е залог на таа љубов со која Бог толку го „возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен“ (Јован 3,16). Верата во Христа е вера во неговото второ доаѓање. Тоа е вера што се гледа во делата, во покајанието и во преобразувањето на животот, во послушноста и во надежта!