25.1. Пастири на Христовата црква

25.1. Пастири на Христовата црква

„Јас сум добриот пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците… Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене.“

Јован 10,11.14

Давид бил син на Есеја, цар на Израел и прадедо на Исуса Христа. Неговото име значи „сакан“. Кога пророкот Самоил првпат го видел, Давид бил уште момче – „рус, со убави очи и со убава става“ (1. Самоилова 16,12). Како и многу други палестински момчиња, рано добил должност да го чува стадото на својот татко „во пустината“(1. Самоилова 17,28).

Давид бил најмлад меѓу своите браќа, но изгледа сепак не бил галениче. Не бил дури ни повикан на семејната свеченост пред Самоила. Но ова заборавено овчарче станало „маж, кој е високо поставен, помазаник на Јакововиот Бог и на слаткопевецот Израилев“ (2. Самоилова 23,1). На витлеемските полјанки сам Бог бил негов Учител. Од пастир станал цар и најголем поет на Библијата. Истовремено бил и пастир и јагне во Божјето стадо.

Пастирската служба е стара колку и светот. Авел бил прв чувар на стадо пред рајската врата. Библијата вели: „Авел стана пастир“ (1. Мојсеева 4,2). Од Авела до Давида пастирската служба останала непроменета. Пастирот го водел стадото на вода и пронаоѓал пасишта, го воведувал под покрив и подигнувал ограда околу него, го чувал од крадливци и го бранел од ѕверови. Давид бил вистински пастир. Не била празна фалбата кога му рекол на царот Саул: „Твојот слуга ги пасеше татковите си овци, и кога се случуваше да дојде лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото, јас потрчував по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна; ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав“ (1. Самоилова 17,34.35).

Царот Саул од висината на својот престол гледал во Давида незначителен пастир од витлеемските пасишта, но Давид уште тогаш бил Божји помазаник. Неговиот пастирски дух, неговата срченост и верност биле дарови на Христовиот Дух. Кога Бог го отфрлил Саула, го испратил Самоила да го помаже младиот Давид за цар. Оваа церемонија е изведена во тајност и нејзиното вистинско значење не го разбрале дури ни членовите на Давидовото семејство. Библијата кажува: „Самоил го зеде рогот со масло и го помаза среде браќата негови, и Духот Господов почиваше врз Давид од тој ден“ (1. Самоилова 16,13).

Давид се вратил во пустината да ги чува стадата. Ниту тој самиот не бил свесен дека во него „Господ си најде човек според срцето свое“, и дека „го назначи за владетел над народот Негов“ (1. Самоилова 13,14). Но, на крајот од својот живот понизно рекол: „Духот Господов говори преку мене, и словото Негово е на јазикот мој“ (2. Самоилова 23,2).

Давидовиот пастирски дух бил Христов дух. И Давид и Христос се родиле во Витлеем, обајцата биле пастири и обајцата биле со ист дух. Христос рекол за себе: „Јас сум Корен и род Давидов, сјајна ѕвезда Деница“ (Откровение 22,16). Иако по тело бил Давидов потомок, всушност силниот Давидов корен бил Христос и Давидовиот карактер бил род на Христовиот дух. Ако некогаш некој со голи раце одел во борба против непријателот, тоа бил Давид против Голијата и Исус против ѓаволот. Давид во таа прилика му викнал на Голијата со Христовиот глас: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваота, Бог на Израилевата војска“ (1. Самоилова 17,45).

Пастирите на Божјето стадо, слугите на Христовата Црква, никогаш ниту оделе ниту зборувале во свое име, туку само во Христово име. Тие го паселе стадото на Христовата Црква секогаш само „според Божјата волја“. На сите старешини на младата Христова црква Петар како апостол им пишал: „Пасете го Божјото стадо, што ви е предадено, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Божјата волја“ (1. Петрово 5,2). За секоја потреба на Божјето стадо, Христовите потпастири во сите времиња му се обраќале на Христа како псалмистот Асаф: „Пастиру, Израилев, послушај! Ти, кој го водиш Јосифа како стадо, кој седиш на херувимите, заблескај!“ (Псалм 80,1).

Поглавар пастирски е Исус Христос. Давид, иако цар, бил само потпастир, но и јагне на Христовото стадо. Само доброто јагне може да биде и добар пастир. На сите пастири и на целото стадо Исус им рекол: „Јас сум добриот пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците… Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене“ (Јован 10,11.14).

Давид го познавал Христа, „големиот Пастир“ (Евреите 13,20) на стадото на Црквата. Тој од сопствено искуство можел да ги каже Христовите зборови: „овците го слушаат гласот негов, и тој ги вика своите овци по име; и ги изведува. Кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат… оти гласот на туѓиот не го познаваат“ (Јован 10,3-5). Давид во Стариот завет го следел како јагне Пастирот на Црквата на Новиот завет, но неговиот живот не поминувал во пладнување. Често бил гонет и како пастир и како јагне. Најпосле, кога Саул дознал дека Давид ќе биде негов наследник, го замразил. „Саул почна да се плаши од Давида, зашто Господ беше со него, а од Саула отстапи“ (1. Самоилова 18,12).

Иако Давид бил јагне, Саул почнал да го гони како ѕвер по камењарите на јудејските планини. Прикаската за Саула и Давида е прикаска за волкот и овците на поток. Но Господ бил на Давидова страна. Давид, горски лав, кога имал прилика да го убие Саула, проговорил понизно како јагне. На другата гора Саул го препознал гласот на Давида: „Татко, погледни ја полата на облеката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката тво­ја, а тебе не те убив; знај и увери се дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја за да ја од­земеш“ (1. Самоилова 24,12).

Иако прогонуван, често гладен и жеден, Давид му пеел на својот голем Пастир ненадминати химни. Тој бил вдах­новен поет и понизен поклоник. Читајте ги неговите псалми! Тие му носат храброст и надеж, сила и сигурност на стадото на Христовата црква. Неговото искуство станало искуство на милиони Божји деца низ сите векови. Давид рекол: „Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, Тој ме одмора на зелени пасишта и ме води на тихи води, ја закрепнува душата моја, ме води по патот на правдата заради името свое. Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезол и Твојата палка ме успокојуваат“ (Псалм 23,1-4).

Драги пријатели, кога Петар размислувал за себе и за нас, рекол: „Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обративте кон Пастирот и Чуварот на вашите души“ (1. Петрово 2,25). Таа вистина нека се исполни и во вашиот живот. Бидете јагне од Христовото стадо. Вратете се кај Пастирот и Тој ќе ве сочува за вечен живот“.