10.3. Во правец на крстот

10.3. Во правец на крстот

„Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“

Јован 1,29

Уште од своето детство Спасителот на светот постојано одел како жртва кон жртвеникот. Со цел на другите да им стане светлина на животот. Тој постојано се движел во сенката на смртта. Секогаш на крајот на неговиот пат се наѕирал крст. Сепак, тоа не бил пат на загубени надежи, туку пат на исполнување на планот на спасението. Само со Христовата смрт луѓето можеле да се спасат од вечната смрт.

Исус имал само дванаесет години кога потполно го сфатил вистинското значење на својата земна мисија. Тогаш е поведен во Ерусалим според обичајот да присуствува на пасхалното богослужение во Храмот и да стане, како и сите еврејски момчиња, „син на законот“.

Оваа прва посета на Храмот оставила длабок впечаток врз неговиот млад дух. Во таа прилика Исус ги разбрал старозаветните пророштва во сета нивна длабина. Посматрајќи ги жртвите што умирале на окрвавениот олтар, сфатил дека секој чин на пасхалниот церемонијал е поврзан со неговата сопствена жртва. Три дена поминал во Храмот гледајќи се себеси како божествена Жртва што ќе биде принесена за гревовите на светот.

Традицијата кажува дека Јосиф од Ариматеја – подоцна се погрижил за Христовиот гроб – бил Исусов вујко. Тој бил член на црковниот учителски колегиум. Затоа било природно момчето Исус да се најде во училницата каде што учените доктори на верата им предавале на своите ученици. Една од главните теми на дискусијата меѓу рабините била и темата за доаѓањето на Месија. Вдахновени со национална гордост, тие и тој ден зборувале за славната иднина на еврејскиот народ што го очекува по доаѓањето на Месија.

Младиот Поклоник од Назарет, кој пророштвата ги видел во вистинска светлина, нивните мисли во текот на расправата ги упатил кон зборовите на пророкот Исаија. Можеме да го замислиме изненадувањето на овие учени луѓе кога од устата на едно момче ги слушнале текстовите што зборувале за Месија како за страдалник, кој нема да има никакви надворешни привлечности. Со детска понизност им ги повторувал зборовите од Писмото откривајќи им ја длабочината на сопственото сфаќање на текстот. Рабините знаеле дека Исус не бил поучуван во нивните школи, а сепак неговото разбирање на Писмото било извонредно, особено што станувало збор за дете. Тој им го цитирал текстот од 53. глава на Книгата на пророкот Исаија според кој Месија ќе биде одведен „како јагне на колење“ и дека „самиот себеси ќе ѝ се предаде на смртта“ за ние да се излечиме со неговата рана а не, како што замислувале тие, со неговата војничка слава.

Сè што видел и слушнал за време на тие неколку дена, врз Исуса оставило длабоки духовни впечатоци. Колку поинаку се чувствувал Тој од сите други деца на своето поколение! Додека тие трчале да го разгледуваат градот, Исус бил задлабочен во истражување на Божјите намери да го спаси не само својот народ туку и целото човештво.

На секој чекор Исус го чувствувал огорчувањето на Евреите спрема римскиот јарем. Тој видел дека тие пропуштиле да сфатат оти всушност носат уште потежок јарем на горделивост, самоуважување и нетрпелив национализам. Требало да се ослободат од тоа, но кој ќе донесе ослободување? Некои текстови од Книгата на пророкот Исаија го трогнувале неговото срце: „Ќе дојде Сион Избавителот и ќе ја отстрани безбожноста од Јакова“ (Римјаните 11,26).

Некој рекол дека секој човек што оставил траги во историјата има два почетока – денот кога се родил и денот кога открил зошто е роден. Посетата на пасхалната свеченост во Ерусалим засекогаш ја врежала во душата на младиот Назареќанец целта на неговиот живот. Тој во себеси го препознал Божјето Јагне „кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1,29)

Замислете го Исуса и неговиот притатко Јосиф како носат јагне во Храмот. Храмот бил величествена градба полна со вдахновение за поклониците. Според сведоштвото на еврејскиот историчар Јосиф Флавие, неговиот покрив бил покриен со златни плочи, а ѕидовите обложени со бел мермер. Осветлен со Сонцето, Храмот пружил сцена што го запирала здивот. Радост го исполнувала младото Христово срце додека пристапувал кон Храмот. Но она што го видел таму го ужаснало. Од мноштвото жртви воздухот бил заситен со мирис на свежа пролеана крв.

Иако бил под тежок впечаток на оваа сцена, Исус забележал дека повеќето свештеници, и покрај тој поток крв, немаат никаква свест за Божјето присуство. Сиот тој жртвен церемонијал за никого не претставувал ништо друго освен обичај наследен од предците. Но за него, божественото Момче, кој сето тоа првпат го гледал, секој дел од Мојсеевата обредна служба имал длабоко симболично значење што се однесувало на него и на неговата мисија.

Во мислите отишол далеку од сè што се случувало околу него за време на таа тридневна посета на Ерусалим. Размислувал за Божјиот план да го откупи светот. Во самотија повторно ги прелистувал светите страници на Божјиот план и си припомнувал за сите пророштва што се однесувале на него и на неговиот народ.

Кога биле завршени пасхалните церемонии, Исус не го напуштил Храмот. Кога мноштвото дојденци почнале бучно да се враќаат во своите домови, Тој останал во градот. Во него имало разбудено едно ново чувство. Чувствувал дека мора на мир да ги открие сите тајни на својата мисија во Израел и во светот. Му било јасно дека израелските учители го загубиле вистинскиот пат. Главно занимање им станало принесувањето на жртвите и вршењето на церемониите, а го испуштиле од вид сопственото посветување. Иако сè уште бил дете, Исус сфатил дека мора да се одигра нешто за народот повторно да добие вистинска слика за својот Спасител. Видел дека Тој мора еврејската религија да ја оттргне од традицијата и од самоувереноста. Уште тогаш Исус се движел во правец на крстот.

Подоцна, кога неговите ученици го препознале како Месија и кога Тој почнал да им зборува за своето страдање и за очекуваната смрт, тие не можеле да сфатат за што зборува. Не можеле да замислат дека Месија може да умре. Целиот живот рабините ги учеле дека доаѓањето на Месија ќе биде победоносно и триумфално. Негувале надеж дека Тој ќе го победи целиот свет и ќе владее во сила и слава. Но Христос уште од самиот почеток се приготвувал за конечната битка со кнезот на темнината. Тој се движел кон крстот не со оружје, туку со љубов; не според случајни околности, туку според планот на спасението.

Жртвата сама одела на жртвеникот, свесно и по одреден пат. Исус станал неустрашив кормилар на нашето спасение. Од срамотата на крстот создал слава на нашето спасение, а од поразната смрт бесмртен живот. Во него се сретнале правдата и милоста, а неговите прегратки го опфатиле целиот свет. Неговите раце сè уште се раширени за нас. Зошто да не му појдеме во пресрет?