14.5. Размислување под крстот
„Тој, кој не го поштеди ни својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, како да не ни подари со Него сè?“
Римјаните 8,32
Подножјето на Христовиот крст на Голгота е единственото место на светот каде што веќе уште сега сме сите еднакви. Во подножјето на крстот сите луѓе доаѓаат како грешници и под него сите можат да станат праведници. Крстот го менува срцето. Ние мораме да имаме спасител, некој што е готов да умре за нас и наместо нас, инаку ќе бидеме неповратно загубени. Без оглед дали сме богати или сиромаси, христијани или нехристијани, морални или неморални, Христос умрел за нас. Тоа е најважната вест за сите смртници. На секого од нас му е потребно спасение. За секого од нас Исус платил иста цена. За сите нас крстот значи исто: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5,8).
Во историјата се забележани случаи на такви што биле готови да умрат за друг. Апостол Павле знаел за такви случаи иако тие се мошне ретки. Мислејќи на тоа, тој рекол: „За добар, можеби, некој и да се реши да умре“ (Римјаните 5,7). Но Христос сторил нешто повеќе. Тоа можел да го стори само Бог. Исус умрел за сите нас без разлика, „уште додека бевме непријатели“ (Римјаните 5,10). Тој умрел за оние што се побожни. Апостол Павле не бил лажно скромен кога себеси се вброил во втората група: „Оти, уште кога бевме немоќни, Христос во определеното време умре за безбожниците“ (Римјаните 5,6). Иако бил фанатичен истомисленик на својата религија, пред средбата со Христа Павле всушност бил без Бога.
Крстот на Голгота е жив знак на оваа несфатлива Божја љубов. Во подножјето на крстот смртникот ја гледа љубовта на Христа кој се откажал од својата бесмртност за да може да умре за него. Над крстот гласот на Божјиот закон од Синај се претворил во глас на љубов. „Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела на апостолите 4,12). Исус е единственото име, а подножјето на крстот единственото место за спасение. Тоа ни кажува дека Христос нема да се умори ниту да се обесхрабри додека сите негови грешни деца не најдат мир и спасение со неговото име и со неговиот живот. „Тој, кој не го поштеди ни својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, како да не ни подари со Него сè?“ (Римјаните 8,32).
Љубовта е најголемата сила, а крстот нејзин најголем израз. Во светлината на Божјата љубов крстот претставува најмоќна привлечна сила во вселената. Тој ја опфаќа не само Земјата туку и небото. Љубовта не може да се објасни како што не може да се објасни силата на Земјината тежа, чиешто делување го чувствува секој. Христос укажал на својот крст како на најголем магнет во вселената. „И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе“ (Јован 12,32). Исус нема да ги напушти луѓето за кои умрел. Ако не го оставиме ние, Тој никогаш нема да нè остави нас. Крстот ја открил вредноста на нашето спасение. Дури преку него човекот ја добил својата вистинска вредност. Крстот на Божјиот Син е цена за човечката душа.
Исус бил член на човечкото семејство, човек но и Бог. Божјата реч кажува дека Тој „во почетокот беше во Бога“ (Јован 1,2). Никој од обичните луѓе не би можел да го стори она што го сторил Исус. Не само што го претскажал своето раѓање со векови однапред, туку ја претскажал и својата смрт и своето воскресение. Целата Библија зборува за тоа. Основна мисла на неговата вест за вечен живот била веста за неговата смрт што ќе овозможи живот. Тој умрел за ние да живееме. Дури го објавил и начинот на својата смрт: „А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре“ (Јован 12,33).
Целата наука за спасението на светот е изградена врз жртвата на Исуса Христа. Крстот бил светлина на животот а не на смртта, иако бил казна а не пофалба. Смртта на Божјиот Син на крстот ни ја покажува нам на грешниците светоста на Божјиот закон, но не само нам туку и на сите жители на вселената. Крстот е вистинско човечко сознание за Бога и за неговиот карактер. Целата Библија е основана на натприродното Исусово раѓање, на неговиот свет и безгрешен живот, на неговата доброволна смрт за гревовите на светот, на неговиот закоп и воскресение, на неговото вознесение и повторно доаѓање.
Духовната преродба на човечкото суштество почнала во подножјето на Христовиот крст. И пред и по него големите филозофи се обидувале да го променат човечкото срце. Воспитувачите, научниците и социолозите дале свој придонес за благосостојбата на човештвото. Но, наспроти напредокот на сите подрачја, светот сè уште не е слика на вистината, на љубовта и мирот. Надвор од досегот на Христовиот крст човекот не може да ја промени својата природа. Потребно е нешто повеќе од образованието и благосостојбата за човекот да се ослободи од гревот. Апостолите знаеле дека е потребна натприродна сила од небото за да се измени човечкото срце. Бог им го рекол тоа. Затоа тие поминувале низ светот објавувајќи ги Христовиот живот и смрт, гробот и воскресението. Таа вест изменила милиони човечки суштества и секој ден ќе ги менува додека Христос не дојде по вторпат.
На крајот од едно богослужение еден современ верник критички се осврнал на проповедта што ја слушнал. Му пристапил на проповедникот и му рекол: „Воопшто не ми се допаѓа ваквиот начин на проповедање. Воопшто не ме интересира Христовото умирање на крст за загубените. Подобро би било наместо за Христовата смрт да зборувате за Христа како учител или како пример“.
Проповедникот му одговорил со прашањето: „Дали сте готови да го следите Христа ако ви зборувам за него како за наш голем Пример?“
„Секако“, одговорил критичарот.
„Тогаш“, продолжил проповедникот, „да го сториме првиот чекор!“
Го отворил Светото писмо и го прочитал текстот за Христа во 1. Петрово послание 2,22: „Тој не стори грев“. „Можете ли да го направите овој прв чекор?“
Критичарот се збунил, но бил искрен. „Не“, рекол, „не можам, зашто не сум без грев. Тоа го признавам“.
„Добро“, рекол проповедникот, „гледате ли дека Христос прво ни е потребен како Спасител, па дури тогаш како пример“.
Драги пријатели, каде и да се наоѓате, не можете да отидете премногу далеку од Божјата љубов. Во подножјето на крстот ќе се видите себеси онака како што ве гледа Бог. Христовата смрт ја покажува вредноста на вашиот живот. Силата на спасението и мирот се наоѓаат во верата дека „Христос умре за нашите гревови“ (1. Коринќаните 15,3). Тој умрел и воскреснал за сите нас за да може да нè повика: „Дојдете при мене сите и изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28). Кажете како загубени синови и ќерки: „Ќе станам и ќе отидам при татка си!“ (Лука 15,18) Бог нека ја благослови вашата одлука!