7.5. Пред небесното Величество

7.5. Пред небесното Величество

„’Кој си ти Господи?‘ Тој одговори: ’Јас сум Исус, кого го гониш ти‘.“

Дела на апостолите 26,15

Дамаск е град во Сирија кој лежи на висорамнина којашто ја потопува реката Авана. Оваа река пред градот се дели на неколку ракави. Нејзините води Дамаск го прават плодна оаза на работ од пустината. Овој град е еден од најстарите градови на светот за кој се знае дека секогаш бил населен.

Дамаск бил град уште во времето на Аврама – пред скоро четири илјади години. Најстариот слуга на Аврама бил од Дамаск (1. Мојсеева 15,2), а сам Аврам морал да помине низ Дамаск на својот пат од Харан во Ханан, зашто тој отсекогаш бил собиралиште и крстосница на многу патишта. За младиот Савле, фанатичен следбеник на јудејската религија и огорчен непријател на христијаните, Дамаск навистина станал и духовна крстосница меѓу општата и личната одговорност пред Бога.

Мигот на обратувањето на Савле се совпаѓа токму со мигот кога тој се наоѓал пред вратата на Дамаск. Пред своето обратување Савле се потпирал врз наследената побожност, а својата лична одговорност пред Бога ја заменил со општо усвоеното мислење на свештениците на ерусалимскиот Храм. Савле се потпирал на вековната традиција на јудејската религија наместо на Христа како свој личен Спасител. Се потпирал врз обредите и формата на богослуженијата и неговата ревност за прататков­ските обичаи го одвоила од верата во Христа. Искрено мислел дека Христос сакал да го укине Божјиот закон и дека „треба да изврши многу работи против името на Исуса Назареецот“ (Дела на апостолите 26,9).

Сѐ додека пред очи го имал авторитетот на првосвештениците, традицијата и наследството, Савле не можел да го види Бога како суштество ниту, пак, чувствувал лична одговорност пред него. Не можел да го разликува доброто од злото, правдата од неправдата и вистината од невистината. Доказите на првосвештениците и поглаварите против Христа ги прифаќал како свои, а националната горделивост го фрлила директно во борба против сопствената совест. Откако заклучил дека свештениците и книжевниците не можат да згрешат, самиот станал огорчен непријател на Христовите следбеници. Во својата фанатична ревност и приврзаност кон авторитетот на Црквата „дојде при првосвештеникот, и измоли од него писма за синагогите во Дамаск, така што, ако таму најде некои што ја следат оваа наука, мажи и жени, врзани да ги доведе до Ерусалим“ (Дела на апостолите 9,1.2).

Мислењето на Савле за Христа и за неговите следбеници се засновувало на општо прифатеното сфаќање на фарисеите, а не на неговото лично уверување. Поаѓајќи од Ерусалим во Дамаск да ги гони христијаните, имал потпис од првосвештениците и тоа му било доволно. Бил храбар, истраен, образован и обдарен со извонредна проникливост. Па сепак, Савловото убедување во сопствените права и должности се темелело на довербата во свештениците а не во Бога и во неговата Реч. Предрасудите во толкава мера го заматиле неговото духовно расудување, што во Исуса од Назарет не можел да го препознае Месија од пророштвото. Така станал пред вратата на Дамаск, каде што од самиот почеток на хрис­тијанството имало многу христијани.

По долгиот и напорен пат низ пустината, Савле забележал плодна рамнина, зелени градини, родни овоштарници и град осветлен со пладневно сонце. Од блиските гори се слевале потоци полни со вода; и самиот поглед насочен кон нив го освежувал уморниот коњаник. Гонејќи ги Христовите ученици, го гонел самиот Христос, но тој уште не бил свесен за тоа. Пред себе го гледал само градот што треба да го очисти од христијаните. И, додека со своите придружници ѝ се восхитувал на убавината на градот, наеднаш „го обзеде светлина од небото“, и, како и самиот подоцна што кажува, видел „светлина посилна од сончевиот сјај“, и слушнал глас: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“ (Дела на апостолите 9,3; 26,13.14).

Придружниците на Савле, исплашени и скоро ослепени од силната светлина, слушнале глас но не виделе никого. Само Савле ги разбрал зборовите што му биле упатени и јасно го видел Оној што му зборувал – лично Исус Христос. Во прославеното Суштество пред себе го препознал Распнатиот. Неговиот лик засекогаш се врежал во душата на исплашениот Евреин. Во мрачните катчиња на неговиот ум проникнал порој светлина. Изненаден и исплашен, прашал: „’Кој си ти Господи?’ Тој одговори: ’Јас сум Исус, кого го гониш ти‘“ (Дела на апостолите 26,15).

Христос се изедначил со своите следбеници. Прогонувајќи ги хри­сти­јаните, Савле го прогонувал небесното Величество. Изнесувајќи против нив невистини и сведочејќи лажно против Христовите ученици, тој го товарел и го обвинувал Спасителот на светот. Изедначувајќи се со своите ученици, Исус повторно покажал дека љубовта е срцевина на неговото битие: Тоа бил најголем доказ на Божјето чувство за правда и израз на љубовта кон неговите созданија.

Кога Савле го видел Христа, наеднаш кај него се разбудило чувство на лична одговорност кон Бога. Само личната одговорност може да нѐ доведе до вистинска преданост кон Божјата волја.

Кога Савле би прашал: „Кој си ти, Господе?“ пред да појде од Ерусалим во Дамаск, би бил поштеден од тие големи душевни страдања и грижа на совеста. Но Христос не му се јавил на Савле за да го уништи, туку да го расветли. Божјата доброта го довела до покајание. Својата подготвеност да го преиспита своето верување во светлината на Божјата волја Савле ја покажал со зборовите: „Господи, што сакаш да направам?“ (Дела на апостолите 9,6).

Од тој миг Савле се ставил под Божјо водство. Неговото внатрешно уво почнало да прави разлика меѓу Божјиот глас и човечкиот. Умот на Савле раскинал секаква врска со човечката волја и се поврзал со Божјата. Ја сфатил својата лична одговорност пред Бога. Увидел дека Христос не го оборил Божјиот закон, туку го прославил. Бил готов со сето срце да ја истражува Божјата волја. Донел одлука и не се грижел повеќе за последиците.

Драги пријатели, Савле паднал пред стариот Дамаск, но станал и ја прифатил својата лична одговорност пред Бога. Поучен со своето лично искуство, како Христов апостол ни ги оставил во аманет овие значајни зборови: „Да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда. Туку со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној, Кој е глава, Христос“ (Ефесјаните 4,14.15).