17.2. Од десната страна на Бога

17.2. Од десната страна на Бога

„И додека фрлаа камења врз Стефана, кој се молеше и велеше: ’Господи Ису­се, прими го духот мој!‘ А штом падна на колена, извика со висок глас: ’Господи, не примај им го ова за грев!‘ И штом го рече тоа, тој почина.“

Дела на апостолите 7,59.60

Вистината никогаш не е обична, а вистината за Христа е не само необична туку и величествена. Таа обичните луѓе ги вдахнува со необична сила. Божјата вистина е необична вест со необичен сјај. Под нејзината светлина гласот на рибарите од Галилејското Море станува Божји глас. Под нејзино влијание во човекот се случува нешто натприродно. Умот се просветлува со божествената светлина и мислите течат според природните закони, но под контрола на натприродна сила.

Најголемата вистина по вис­ти­ната за Христовото воскресение и вознесение е вистината за негова­та првосвештеничка служба на небото. За прифаќање на таа вистина како и за нејзиното проповедање била потребна сила поголема од говорничката вештина. За таа сила Христос им рекол на своите апосто­ли: „Туку ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух, и ќе Ми би­дете сведоци“ (Дела на апостолите 1,8).

Прв ѓакон на Христовата црква во Ерусалим бил Стефан, еден од „чесните луѓе, исполнети со Дух Свети и мудрост“ (Дела апостолски 6,3). Чесноста е необична природа на обичните луѓе наполнети „со вера и Дух Свети“ (Дела апостолски 6,5). Стефан бил еден од таквите. Не само што зборувал во силата на Божјата вистина, туку бил и истражувач на пророштвата и познавач на сите делови на Стариот завет. Иако бил по потекло Евреин, зборувал грчки и проповедал меѓу грчките Евреи. Учените рабини и доктори на еврејското црковно право стапиле со него во јавна дискусија очекувајќи лесна победа. Меѓутоа, се случило обратното; набргу биле поразени со Стефановото застапување на вистината за Христа како Божје Јагне. „Но не можеа да се спротивстават на мудроста и Духот со кои тој зборуваше“ (Дела на апостолите 6,10).

Стефан не се вбројувал меѓу апостолите, но и неговиот ум бил расветлен. Светиот Дух му го открил вистинското значење на Христовата земна служба. Со восхитувачка сигурност Стефан ги објавува до тогаш непознатите подробности на библиската вистина. Неговите мисли се преточувале во пламени зборови на лично убедување. Иако Христос бил во човечко тело, Стефан за него зборувал како за Бог. Неговото лице зрачело Христов мир. На него се обвистиниле зборовите на Христовото ветување: „И затоа врежете во вашите срца, да не размислувате однапред што ќе одговорите, зашто Јас ќе ви дадам речитост и премудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници“ (Лука 21,14.15).

Бидејќи свештениците и кнезовите не можеле со докази да ја обезвредат Стефановата јасна, мирна и несоборлива логика и мудрост, решиле засекогаш да го замолкнат со сила. Ги поткупиле римските власти да не се мешаат во нивната пресметка со Стефана. Го уапсиле и го извеле пред Синедрионот. Но испитувањето на Стефана пред Синедрионот се претворило во негов триумф наместо во пораз. Кај Стефана натприродната сила на вистината се покажала во полна светлина. Дури и неговото лице засветлело со нејзиниот необичен, божествен сјај. „Тогаш сите што беа во Синедрионот го вперија погледот во него и видоа дека лицето негово му беше како лице на ангел“ (Дела на апостолите 6,15).

Кога Стефан почнал да зборува во своја одбрана, неговиот глас бил чист и ѕвонлив, силен и јасен. Со светло лице и со огнен јазик се свртел кон историјата на Божјиот народ. Во нема тишина на овој непријателски собор се слушнал радосниот одглас на Мојсеевите зборови на вера во Христа како Месија: „Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене, – Него слушајте го!“ (5. Мојсеева 18,15).

Стефан ја посведочил својата верност кон прататковскиот Бог и кон прадедовската вера укажувајќи им на Законот кој можел да ги сочува од неверството, но „не сакаа да му се покорат“ ниту тие ниту „нашите татковци… туку го отфрлија со срцата свои и се свртеа кон Египет“. Тој го поврзал Исуса Христа со целата старозаветна историја, со богослужението во Шаторот за состанок и во Соломоновиот храм, а потоа одненадеж го цитирал пророкот Исаија: „Но Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот: ’Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите,‘ вели Господ, ’или кое место е за Мојата почивка? Не го направи ли сето ова Мојата рака?‘“ (Дела на апостолите 7,48-50).

Членовите на Синедрионот во тој миг како да биле швркнати со молња и од сите страни се слушнала подмолна грмотевица на нивниот бес. Во Стефановите зборови за Храмот ги препознале Христовите зборови: „Ете, ви се остава вашиот дом пуст“ (Матеј 23,38). Гледајќи ја нивната разјареност, Стефан знаел дека сега го дава своето последно сведоштво. Иако стигнал само до средината на својата беседа, морал нагло да ја заврши.

Во нивните гневни очи Стефан ја читал својата пресуда, но не се поколебал. За него не постоел веќе страв од смртта. Неговиот поглед се пренел на сјајната сцена на небесната визија. Нему му се подотворила вратата на небото и тој го видел Божјиот храм и Христа како станува од својот престол да го подржи својот слуга. Стефан победоносно извикнал: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога“ (Дела на апостолите 7,56).

Тоа било повеќе отколку што неговите слушатели можеле да поднесат. Ги задушиле неговите зборови со својот викот и „ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него. И, кога го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења, а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле“ (Дела на апостолите 7,57.58).

Стефан умрел под дожд од камења за најголемата вистина по вистината за воскресението и вознесението: за вистината за Исуса Христа на неговиот престол. Каков драматичен миг за вистината за Христа како Првосвештеник, Бранител и Застапник на човечкиот род на небото! „И додека фрлаа камења врз Стефана, тој се молеше и велеше: ’Господи Ису­се, прими го духот мој!’ А штом падна на колена, извика со висок глас: ’Господи, не примај им го ова за грев!‘ И штом го рече тоа, тој почина“ (Дела на апостолите 7,59.60).

Драги пријатели, вистината за Христовото свештенство е толку необична колку и Христовото раѓање, но и толку природна, колку и неговото воскресение и вознесение. Вистината е чудо во земјата на заблудите, но толку природна во светот на вистината. Вистината за Христовата првосвештеничка служба во небесниот Храм е апостолска вистина. За таа вистина го дале својот живот сите апостоли „имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исуса, кој… претрпе крст… и седна од десната страна на престолот Божји“ (Евреите 12,2). Оваа вистина преобразува. Таа натприродното го прави од природно, необичното од обично и праведникот од неправедник. Тоа преобразување го прави Исус за вас на својот престол.