1.2. Со вера низ животот
„Сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде.“
Марко 11,22-24
Прочуениот виенски лекар и професор Карл Јунг еднаш рекол: „Заменувајќи ја верата во Бога со материјална сигурност, со општа благосостојба и со хуманизам, современиот човек увидува дека стигнал во безизлезна положба.“ На еден свој вознемирен и обесхрабрен пациент му рекол: „Вие боледувате од недостаток на вера во Бога и во идниот живот.“
„Но, докторе“, се изненадил пациентот, „дали вие навистина мислите дека христијанското учење е точно?“
Професорот одговорил: „Тоа нека ви го каже Библијата! Јас сум лекар а не свештеник. Единствено што можам да ви кажам јас е тоа дека ќе оздравите ако ја обновите својата вера. Ако не го сторите тоа, вие сте загубен.“
Скоро две илјади години пред Јунг, Исус рекол: „Имајте вера во Бога!“ (Марко 11,23) Меѓутоа, вистинската вера во Бога значи многу повеќе од едноставното признавање дека Бог постои. Што би мислеле за својот пријател кој на вашето прашање дали ви верува би ви рекол: „Секако, верувам дека ти постоиш!“
Основа на верата е вистината и знаењето, но верата во Бога не спаѓа само во подрачјето на разумот. Човекот од вистинска вера му се предава на Бога не само со разумот туку и со срцето. Верата не е некоја замена за вистинското сознание, туку, напротив, негов неразделен дел. Но, ако верата ја сметаме само за некој вид сознание, тогаш таква вера би можел да има и најокоравениот неверник. Во таа смисла Библијата кажува дека „и злите духови веруваат, а треперат“ (Јаков 2,19). Па сепак, злите духови, демоните остануваат онакви какви што се. Нивното знаење за Бога не можеме да го наречеме вера. Чудно е но точно дека верникот не мора да биде истовремено и човек од вера – ако одбива да живее онака како што верува. За таквите „верници“ Исус рекол: „И зошто Ми велите: ’Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам?“ (Лука 6, 46).
За да се установи разликата меѓу вистинската и лажната вера во Бога, потребно е грижливо истражување. Иако вистинската вера неразделно е поврзана со сознанието, сепак тоа не може да ја замени верата како што не можат да го сторат тоа ниту чувствата. Иако чувствата се поврзани со верата, изедначувањето на верата со чувствата значи обезвреднување на верата, кога верата би можела да се изедначи со чувствата, тогаш таа би можела да се создаде со помош на таблетки што влијаат врз расположението. Тогаш верувањето во текот на денот би се менувало како барометарски притисок и во зависело од пријателството или непријателството на нашите ближни. Верата во Бога ни донесува мир не врз основа на она што го чувствуваме, туку врз основа на она што го веруваме. „оправдани преку верата, имаме мир со Бога“ (Римјаните 5,1).
Како што гледаме, знаењето и чувствата можат погрешно да се наречат вера, но исто така некој може верата да ја смета за волшебно стапче што ги присилува небесните сили да извршуваат некои негови, лични, себични барања. За жал, некои имаат вакво погрешно сфаќање за верата затоа што површно ја читаат Библијата, особено извештајот што го дава евангелистот Марко за еден настан од Христовиот живот. Кога се исушила неродната смоква затоа што Христос изговорил неколку збора и кога учениците му се восхитувале на Исуса поради тоа чудо, Исус им рекол: „Имајте вера во Бога. Оти, вистина ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ’Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете: и ќе ви биде“ (Марко 11,22-24).
Учениците поголемо внимание ѝ обрнале на исушената смоква отколку на поуката што требало да ја научат. Исус го пренасочил нивното внимание од смоквата кон она што може да го постигне вистинската вера. Секако, Исус никогаш не ги поместувал планините ниту, пак, очекувал тоа да го сторат неговите ученици. Тој зборувал во преносно значење мислејќи на неволјите и тешкотиите што можат да се издигнат како планини.
Голем дел од современиот религиски свет напнато очекува да види чуда, погрешно мислејќи дека само чудата се доказ на вистинската вера. Меѓутоа, верата не е магична ламба за создавање волшебства. Всушност, верата е најреална кога ќе стане дел на животот и кога не се случува никакво чудо.
Некој може да каже: „Сакам да верувам и да живеам според мое лично уверување!“ Но верата не може да биде израз на нечија волја нешто да верува а нешто да не верува. Ако веруваме во она што го сакаме, не осврнувајќи се на доказите во Библијата, тогаш таа вера е израз на наша лична одлука, но тоа не е вера за која зборува Библијата. Вистинската вера не се потпира врз себе, туку врз Божјата реч. Сигурноста на вистинската вера произлегува од сигурноста во Божјата вистина, а не во себе или во други!
Вистинската вера е библиската вера и таа подразбира предавање на целиот човек на Бога според примерот на Исуса Христа. Верата значи доверба исто толку колку и верувањето. Еден човек од вера му ја доверува на Бога својата душа и срце, своите мисли и патишта – целото свое суштество.
Кога Исус рекол: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, кој ме пратил и да го извршам Неговото дело“ (Јован 4,34) – тоа била вера!
Кога на центурионот од Капернаум му се разболел слугата, тој му се обратил на Исуса: „Ги прати при Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов… И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги прати пријателите свои при Него, говорејќи: ’Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив; затоа и сам себе не се најдов достоен да дојдам при Тебе – туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави; оти и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: Оди! – и тој оди; на другиот: Дојди! – и тој доаѓа; и на слугата свој: Направи тоа! – и тој прави.’ Штом го чу тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: ’Ви велам, ни во Израилот не најдов толку голема вера!’ Испратените кога се вратија, го најдоа болниот слуга здрав“ (Лука 7,1-10). Тоа била вера!
Кога Тома ги повикал другите ученици, ако е потребно да умрат за Христа извикнувајќи: „Да отидеме и ние да умреме со него“ (Јован 11,16) – тоа била вера!
Кога врзаниот Петар им одговорил на своите судии: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ – тоа исто така била вера.
Верата е доверба и преданост, потполна посветеност на целиот живот. Верата е верување наспроти последиците, а не наспроти разумот. Таа нѐ води од мракот во светлина по пат на кој ни укажува разумот. Кога разумот ќе стигне до своите крајни граници, верата може да ја сфати стварноста што е над разумот. Верата е мост од разумот до Бога кој единствено го знае вистинското значење и целта на животот, зашто Тој е „Зачетникот и Довршителот“ (Евреите 12,2) и на животот и на верата со која му се доверуваме.
Драги пријатели, сè што ни е потребно – тоа е едноставна вера во Божјите ветувања. Послушајте ги уште сега Христовите зборови: „Верувајте во Бога!“, и Тој ќе ве води од овој – во вечен живот!