13.4. Христос на местото на Варава

13.4. Христос на местото на Варава

„’Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?‘

Тие одговорија: ’Варава!‘“

Матеј 27,17.21

Варава бил осуденик што Пилат го осудил на смрт. Единствена негова надеж на живот бил Христос, но тој не го знаел тоа. Кога бил повикан пред Пилата, мислел дека тоа му е последен повик во животот. Знаел дека го чека смрт на крст. Тој видел многу крстови и знаел што значи постепено умирање на крст. Наеднаш се нашол во судницата покрај еден затвореник кого никогаш порано не го видел. Отворените рани на него му зборувале дека бил измачуван. Обземен од страв, Варава слушнал како Пилат ѝ се обраќа на зовриената толпа: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ (Матеј 27,21)

Сите четири писатели на Евангелијата зборуваат за Варава. Всушност, повеќе е кажано за Варава, отколку за Јуда. Неговото име значи „син на својот татко“. Кога се родил, Варава бил мошне сличен на својот татко. Затоа тој нè претставува сите нас како Адамови потомци. Откако згрешил нашиот прататко Адам, целото човечко семејство поминува низ мрачната куќа на гревот. Мечот на смртта виси над синовите и над татковците. Зар не сме со самото наше трагично наследство одговорни за бунтот против Бога? Варава станал злосторник во полна смисла на зборот, разбојнички водач, силеџија и убиец. Бил виновен и осуден на смрт, но додека чекал на извршувањето на пресудата, некој друг го презел неговото место.

Било околу девет часот пред пладне кога Пилат го пуштил Варава а Исуса го предал да се распне. Варава не знаел кој е Исус, но себеси добро се познавал. Уште од своето детство ги знаел Божјите заповеди. Знаел дека е злосторник и непријател на Законот. Знаел дека заслужил смрт како престапник. Бил не само виновен и осуден, туку не можел на ништо повеќе да се надева. Варава се судрил со Божјиот праведен Закон и бил потполно беспомошен – како што сме и сите ние, синовите и нашите татковци. Неговото ненадејно спасение апостол Павле го објаснил со оваа кратка реченица: „Оти, уште кога бевме немоќни, Христос во определено време умре“ (Римјаните 5,6), за него, како и за сите нас.

Бил обичај за празникот Пасха римскиот судија да пушти еден затвореник и да им го предаде на Евреите. Обидувајќи се да го ослободи Исуса, Пилат се сетил за таа можност. Бил наполно уверен дека Евреите ќе го изберат Христа, а ќе го препуштат Варава да се распне. Бил мошне изненаден кога толпата со викотници одговорила на неговото прашање: „’Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?‘ Тие одговорија: „Варава!“ (Матеј 27,17.21)

Варава и Исус ги замениле своите места пред Законот. Варава не бил помалку изненаден од Пилата. До тој миг стоел врзан, без никаква надеж на спасение сè додека не се нашол покрај Христа. А сега, наеднаш бил помилуван одврзан и слободен да си оди каде што сака. За безнадежноста на сите луѓе што стојат пред Законот без Христа, апостол Павле им пишувал на некогашните незнабошци: „Затоа помнете… дека во она време бевте без Христа… без надеж и безбожници во светот“ (Ефесјаните 2,11.12). Никогаш не треба да го заборавиме тоа. Христос е единствената надеж на живот пред лицето на Божјиот закон.

На судот пред Пилата му е судено на Христа, на крајот бил ослободен Варава. Никој не очекувал таков исход на судењето, па сепак се случило тоа. Варава бил единствениот човек на светот кој можел да каже дека Исус буквално го зазел неговото место на крстот. Но Исус не го зазел само неговото место туку и нашето, зашто „Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас“ (Исаија 53,6). Кога Исус тој ден бил распнат, Тој умрел не само на место Варава, туку и наместо секој маж и жена, за сите возрасти и за сите поколенија.

Варава не бил само обвинет туку и осуден, како и човештвото во целина. Кога ќе погледнеме во Божјиот закон и ќе сфатиме што зборува тој, тогаш „знаеме дека сè она, за што зборува Законот, се однесува на оние, што се под Законот, за да се затвори секоја уста, и така целиот свет да стане виновен пред Бога“ (Римјаните 3,19). Законот го открива гревот и го покажува виновникот.

Варава не можел да стори ништо за своето ослободување како и ние за нашето спасение. Варава неоспорно бил грешник како што е тоа и секој од нас. Само неговата смрт можела да го окае злото што го сторил. Одејќи по Христа, можел да види други двајца разбојници што исто така биле осудени на крст и оделе на местото на своето распнување. Варава требало да биде трет во оваа група осуденици на смрт. Но крстот резервиран за Варава бил положен на ранетите и окрвавени Христови плеќи.

Слободата во вистинска смисла за него значела живот. Му се чинело како повторно да се родил. Законот не го товарел повеќе, неговата вина била пренесена врз друг. Тој навистина бил ослободен, но не затоа за повторно да дојде во судир со Законот. Ослободувањето не му давало право повторно да греши. Законот останал во сила, само неговиот удар, наместо врз Варава, паднал врз Христа. Христос нашата слобода ја платил со својата смрт.

Варава бил помилуван да живее според Законот а не против него. Повторното апсење за него би значело неотповиклива пропаст. Варава сега повторно можел да бира како слободен човек меѓу послушноста и непослушноста, меѓу правдата и неправдата. Нему како и нам, на синовите на своите татковци, апостол Павле ни го упатува својот срдечен повик: „Стојте така во слободата, со која Христос нè ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем!“ (Галатјаните 5,1)

Меѓу очајот и надежта, меѓу смртта и бесмртноста да гледаме на Христа како на единствена надеж на животот. „Враќајте се во тврдината вие, затвореници, полни со надеж!“ (Захарија 9,12), повикува Божјата реч. Слободата во Законот е слобода од гревот. Христос нека биде наша надеж и слобода сега и засекогаш!