2.5. Творец на небото и Земјата

2.5. Творец на небото и Земјата

„Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.“

1. Мојсеева 1,1

Некои патнички агенции продавале билети за патување во вселената уште многу пред првите космонаути навистина да тргнат на пат кон ѕвездите. Многу имотни луѓе си осигуриле билети за место во идниот вселенски автобус, иако всушност веќе патуваат низ вселената „со вселенско возило“ – со нашата прекрасна Земја.

Од каде доаѓа нашата планета? Каде оди? Кој е нејзин конструктор? Кога е пуштена во сообраќај? Тоа никој не го знае. Ниедно човечко око не го видело нејзиното поаѓање. Сведоци нема и ниеден новинар не може да пишува за тоа. Ниту најголемите научници не можат да ни кажат ништо за тоа, зашто тие зборуваат само за она што го виделе, што го провериле ѝ што го докажале експериментално. Ако нешто можеме да дознаеме за вистинското потекло на Земјата, за нашиот дом во вселената, тоа можеме да го дознаеме само од Библијата, клучот за решение на вселенските тајни.

Библијата, како единствен толкувач на тајната на настанокот на нашиот свет, зборува за неговиот почеток со овие зборови: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1,1).

Тоа е единствен вистински одговор на прашањето за потеклото на нашата планета. Во Библијата Бог зборува за Земјата, но и Земјата зборува за својот Творец. Човекот може да го разбере и немиот говор на природата. Со Земјата можеме да разговараме на многу начини. Библијата кажува: „Но, прашај го добитокот, и ќе те научи, запрашај ја небеската птица, и ќе ти објасни. Или разговарај со Земјата, и таа ќе те поучи, прашај ги морските риби, и тие ќе ти кажат. Кое од сите созданија не знае, дека раката на Господа го создала сето тоа?“ (Книгата за Јов 12,7-9)

Бог го создал светот. Творецот на светот исто така е и Автор на божественото откровение, Библијата. Бог зборувал, а пророкот запишал: „Зашто вака вели Господ, кој го создаде небото, Он, Бог, кој ѝ даде облик на земјата и кој ја создаде; Он ја зацврсти, не ја создаде пуста; Он ја создаде за живеење. Тој вели: Јас сум Господ, и нема друг. Не говорев тајно Јас, не во темно место на земјата; не му реков на Јакововото племе ’напразно Ме барате‘. Јас сум Господ, кој изрекува правда, кој ја открива вистината“ (Исаија 45,18.19). Библијата зборува право не само за Земјата и за нејзиниот Творец, туку и за сопствениот настанок: „Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“ (2. Петрово 1,21).

Многу стари астрономи научници тврделе сфаќања за Земјата. Некои сериозни научници тврделе дека Земјата е рамна плоча. Се тврди дека Леукип, грчки филозоф сметал дека Земјата има валчест облик, а Пиндар, најголем грчки лиричар, мислел дека светот стои на столбови. Најголемите научници на Стариот век не можеле да го замислат обликот на Земјата ниту да сфатат како се одржува таа во просторот. Од почеток мислеле дека плива над вода како остров, потоа дека се одржува на некоја џиновска желка или на некаков силен џин – Атлас. Секако, ние денеска знаеме дека Земјата не лежи на ништо, туку дека лебди во просторот како птица во воздухот. Пред научниците да ја откријат оваа восхитувачка вистина, Библијата кажала петнаесет векови пред нашата ера: „Го послал Он северот над празнината, ја закачил земјата на ништо“ (За Јов 26, 7).

Тоа бил единствениот начин Земјата да се постави во вселената и Бог постапил токму така. Никакви челични носачи не би можеле да ја издржат огромната тежина на Земјата од 5.977 трилиони тони, со зафатнина од 1.083 милијарди кубни километри.

Од каде некој пред современата астрономија можел да знае дека Земјата лебди во просторот? Тоа Јов не можел да го открие со голо око. Тој немал ниту телескоп ниту какви било помошни инструменти. Тој „разговарал“ со Земјата, а потоа Бог стапил во дијалог со него и му открил ненасетени тајни.

Додека скоро незабележано патуваме со нашето „вселенско возило“ низ тивките пространства на Сончевиот систем, на командната табла пред нас читаме дека Земјата се врти околу себе со брзина од 465 метри во секунда или со 1.674 км на час, а на патот околу Сонцето јури со страшна брзина од 107.170 км на час, со средна брзина од 29,77 км во секунда. И така со векови, без задоцнување и отстапување од својот пат.

Зошто се сменуваат ноќта и денот, темниот и светлиот дел од денот? – Затоа што Земјата се врти околу себе и Сонцето ги осветлува сите краишта на нејзината шарена облека. Зората, утрото, пладнето и вечерта се последица на тоа Земјино вртење околу својата оска. Во разговор со Јов, Бог го прашал: „Си му дал ли ти некогаш во животот свој заповед на утрото и си го посочувал ли на зората местото нејзино, за да ги опфати краиштата на земјата и да ги истресе од неа безбожниците, за да се измени под преса и да стане како разнобојна облека“ (За Јов 38,12-14).

Почетокот на денот или утрото настапува секогаш во одредено време поради кружното вртење на Земјата. Бог му кажал на Јова дека Тој го создава утрото, зашто Тој го одржува вртењето на Земјата. Да ги погледнеме подобро овие значајни зборови: „Да ја претвори во глина што прима отпечатоци“.

Во старо време на Средниот Исток глинените таблички спаѓале во приборот за пишување и секој деловен човек имал свој личен печат со името и со титулата. Печатот имал тркалезен облик испишан по работ и кога се вртел од десно на лево, оставал траги од буквите врз глината. Печатот се вртел во иста насока како што се врти Земјата околу себе…

Во Библијата има многу големи вистини за Земјата како наше „вселенско возило“, но ние ќе се задржиме само на неколку. Ве повикуваме и вас, драги патници и читатели, со зборовите од еден Давидов псалм: „Дојдете и видете ги делата Божји, колку е страшен во одлуките Свои за синовите човечки“! (Псалм 66,5).

Еден астроном рекол: „Изгледа дека светот го испланирал чист математичар. „Бог бил Оној кој ѝ ги определил мерките? Знаеш ли кој го оптегнува јажето околу неа?“ (За Јов 38, 5). Кога Бог би ја создал Земјата малку помалечка, силата на гравитацијата би била премногу слаба да ја задржи околу себе воздушната обвивка, толку неопходна за опстанок на човекот. Кога би била малку поголема, на пример, како Јупитер или Сатурн, силата на гравитацијата би била толку јака што човекот тешко би се движел. Кога океаните на Земјата би биле само за половина помалечки, светот би бил пустина, а да се само за една осмина поголеми, Земјата би била мочуриште. Сето тоа Бог го создал со цел оваа планета да биде чо­веков дом.

Некој водел сметка за нас! Растителниот покривач на Земјата не е неопходен за човекот само како извор на храна, туку и како извор на кислород. Кога Сонцето би греело само малку посилно, би нè испекло, да грее само малку послабо, ние би се смрзнале!…

Драги пријатели! Патувајќи на Земјата низ вселената во текот на целиот свој живот, да се сетиме дека најголемото патување е допрва пред нас. Еден ден ќе го промениме правецот на патувањето и ќе се упатиме „на облаците, за да се сретнеме со Господа во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господа“ (1. Солуњаните 4,17). Тоа е патување за кое вреди да се приготвиме!