18.3. Пред да дојде
„Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.“
Матеј 24,3.33
Небото е нешто многу повеќе отколку блажена состојба на духот и душата; тоа е место. „Одам да ви приготвам место“ (Јован 14,2), рекол Исус. Небото е место каде што се живее: „Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив!“ (Откровение 12,12). Небото исто така е место каде што живее сам Бог, „од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос“ (Филипијаните 3,20). Небото исто така е и град на спасените: „Затоа и Бог не се срами да се нарече нивен Бог; бидејќи им има приготвено град“ (Евреите 11,16). Исус им рекол на своите ученици: „Кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14,3).
Кога Христос влегол во небото, пред него се отворила вратата на небото и на вечноста: „Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, за да влезе Царот на славата… Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ!“ (Псалм 24,7.8). Кога повторно ќе се спушти на Земјата, ќе помине низ истата врата. На прашањето од своите ученици: „Кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот на Твоето доаѓање“, Исус им открил некои небесни знаци на своето второ доаѓање и заклучил: „Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата“ (Матеј 24,3.33).
Врата на небото! Можеме ли уште сега да ја видиме? Некои мислат дека таа се наоѓа во соѕвездието Орион. На фотографиите добиени со помош на џиновските телескопи на тоа место се гледаат милиони распрскани „дијаманти“ од кои секој претставува едно брилијантно сонце, неспоредливо поголемо од нашето. Гледано со голо око, овој голем ѕвезден остров се гледа како нејасна ѕвездена група. Меѓутоа, гледано низ телескоп, пред астрономите се отвора огромен отвор со ходник во кој би можел да се смести целиот наш сончев систем. Дали Христос ќе помине низ таа врата? – Сосема е можно.
Но без оглед каде се наоѓа небесната врата и патот по кој Христос ќе се врати на овој свет, неговото второ доаѓање апсолутно е сигурно. Апостол Павле зборува со непоколеблива сигурност: „Бидејќи Сам Господ со заповед, при глас на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господа, и така секогаш ќе бидеме со Господа“ (1. Солуњаните 4,16.17).
Астрономијата со векови ги привлекувала и ги восхитувала луѓето. Сè до неодамна луѓето се задоволуваа да ги посматраат ѕвездите низ леќите на телескопите, но денеска не се задоволуваат повеќе само да гледаат. Денеска научниците се обидуваат лично да ги истражат ѕвездените простори. На нашето поколение Бог му вели: „Ќе покажам знаци на небото и на земјата… пред да настапи денот Господен“ (Јоило 2,30.31).
Знаци на небото! Светот се наоѓал на крај од осумнаесеттото столетие. Се завршувала ерата на прогонство на Христовите следбеници – времето на големата неволја „каква што не била од почетокот на светот“ (Матеј 24,21). Зборувајќи за таа неволја, Исус го цитирал пророкот Данило. Таа почнала 538 година од нашата ера и траела до 1755, кога е ослободен и последниот Хугенот кој бил осуден да робува под палубата на една галија.
Најавувањето на своето второ доаѓање Христос го продолжил со следните зборови: „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат“ (Матеј 24,29).
Според пророштвото од Откровение 6,12 на овие знаци на небото требало да им претходи еден исклучително тежок земјотрес: „Настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв“. Ова пророштво се однесувало на големиот Лисабонски земјотрес што се случил на 1 ноември 1755 година, кога за шест минути шеесет илјади луѓе го загубиле животот.
Половината од човештвото го почувствувало овој земјотрес и цел свет се загрижил. Театрите останале празни, а црквите се наполниле. Потресот се случил токму во времето на владеењето на рационализмот и скептицизмот и ги свртел човечките мисли кон Бога. Судбината на Лисабон не им давала сон на многу жители и на најоддалечените краишта на Европа.
А потоа настапил големиот мрачен ден на 19 мај 1780 година над северноамериканскиот континент точно според редоследот и во времето што било претскажано со пророштвото. Ги покрил северните и источните делови на Земјата и траел околу четиринаесет часа. Затемнувањето почнало околу десет часот пред пладне со молскање на молњи и со подмолни татнежи на громови. Неколку минути подоцна, тежок тепих на натприроден мрак ја покрил Земјата. Луѓето се вратиле од работа. Училиштата биле распуштени. Птиците се повлекле на вечерна починка. Луѓето биле збунети и барале објаснение. Меѓутоа, Месечната не била причина на ова затемнување. Мнозина мислеле дека настапува крај на светот. Таа ноќ Месечната била црвена како крв.
Педесет и три години подоцна, на 13 ноември 1833 година, паѓал најголемиот метеорски дожд во историјата. Ноќта веќе изминувала. Одненадеж, од едно место на небото, во близината на соѕвездието Лав, почнал највеличествениот огномет. Метеорите се распрскувале во сите правци и како сјајни небесни весници ја исполнувале небесата со невидена слава, а човечките срца со восхитување и со страв. Мнозина се сетиле на Христовото пророштво и на паѓањето на ѕвездите гледале како на најавување на неговото второ доаѓање.
Секоја пролет знаците во природата нè потсетуваат дека пред врата е летото како и Христовото второ доаѓање. „Со смоквата направете споредба: штом се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото; така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата… бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ“ (Матеј 24,32.33.42).
Драги пријатели, Христос е пред вратата на небото, но и пред вратата на нашето срце. Тој вели: „Ете, стојам пред вратата и чукам“ (Откровение 3,20). Од нашиот одѕив зависи нашиот живот. Иако не ги разбираме сите Божји планови, можеме да бидеме меѓу оние што Исус ќе ги прими кога ќе се врати. Љубовта е посилна од синџирите на околностите. Да му ја отвориме денеска на Христа вратата на нашето срце!