21.4. Слегувањето на Бог-утешителот
„Но тие Го задржаа, велејќи: ’Остани со нас, зашто денот одмина и наскоро ќе се стемни!‘ Тој влезе и остана со нив.“
Лука 24,49
Еврејската Педесетница била педесетти ден по празникот Пасха. Тоа бил голем празник на побожните Евреи. Оваа еднодневна свеченост била една од трите годишни свечености кога секој Израелец бил должен да „се јавуваат пред Господа“ (2. Мојсеева 23,17). Овој празник се викал исто така Празник на жетва или „Празник на седмиците, празникот на почетокот на жетвата на пченицата“ (2. Мојсеева 34,22). Многу Евреи од сите краишта на светот се враќале во татковината на своите предци за да го прослават тој ден во Ерусалим. Мнозина од нив туѓите јазици ги знаеле подобро од прадедовскиот јазик.
Оваа разновидност на јазици можела да биде сериозна пречка за проповедањето на Христовата наука. Затоа Бог токму на денот Педесетница ги оспособил Христовите ученици да зборуваат на најразлични јазици. Тоа била чудесна манифестација на силата и дарбите на Светиот Дух со цел „многуликата мудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на началствата и властите небесни, според предвечната одлука, која Тој ја изврши во Христа Исуса нашиот Господ“ (Ефесјаните 3,10.11).
Уште пред да дојде на Голгота како Божје Јагне, Исус ги запознал своите ученици со својот заменик, со Светиот Дух. „Подобро е за вас Јас да си отидам“, им рекол Исус, „оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас… А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина; но од Себе нема да зборува, туку ќе говори што чуе, и ќе ви ја најави иднината“ (Јован 16,7.13).
Излевањето на Светиот Дух било исполнување на Исусовото ветување: „И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора“ (Лука 24,49).
Уште од патријархалните времиња Светиот Дух делувал преку луѓето на спасение на човечкото семејство. Меѓутоа, дури во деновите на апостолите делувањето на Светиот Дух се открило во полнина. Вистината за работата на Светиот Дух зазема централно место во историјата на Христијанската црква. Но секој обид за филозофско толкување на природата на Светиот Дух доведува до искривоколчување на погледите. Апостолите повеќе сакале да се облечат во „сила одозгора“ отколку таа облека да ја рашиваат по шевовите.
Осведочувањето за делувањето на Светиот Дух е поважно од секоја човечка дефиниција за неговата природа. Иако природата на Светиот Дух останува тајна, неговото делување не е тајна. Тоа се гледа од Христовите зборови: „А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд“ (Јован 16,8). Значењето на зборот „изобличи“, во оригиналот, е „увери“.
Додека бил на Земјата, Исус ги осведочувал мажите и жените за нивниот грев. Тој рекол: „Јас сведочам за него, дека делата му се лоши“ (Јован 7,7). Светиот Дух на ист начин го осведочува човечкото срце за неговата грешност. Излевањето на Светиот Дух нема ништо заедничко со сензационализмот ниту со емоционалните изливи. „Така и вие, ако со јазикот свој не изговарате разбирливи зборови“, пишува Павле, „како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе бидете како оние кои говорат во ветер“ (1. Коринќаните 14,9).
Исус на своите ученици им рекол да чекаат на излевањето на Светиот Дух. „Јован крштаваше со вода“, им рекол Господ, „а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух“ (Дела на апостолите 1,5). Чекањето не било пасивно. На крштевањето со Дух требало да му претходи сериозно самоиспитување на срцето, признавање и покајание. Тоа требало да претставува почеток на новиот живот во кој гревот нема да има повеќе место. За тоа апостол Павле рекол: „Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме… Така и ние да одиме во обновен живот“ (Римјаните 6,3.4).
Големата група Христови ученици – мажи и жени – чекале во Ерусалим да се исполни Христовото ветување. Во Горната соба „сите апостоли беа заедно“ (Дела на апостолите 2,1) понизни на молитва. О, кога би можеле пак да го видат Исуса! Никогаш повеќе не би го жалостеле со своето неверување и честољубие. Колку длабоко го сакале! Колку искрено жалеле што се бореле за први места!
Одеднаш, без никаква претходна објава, од небото се излеал Светиот Дух. „Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да зборуваат“ (Дела на апостолите 2,2-4).
Сиот Ерусалим ја слушнал оваа необична бучава и мнозина виделе како слегува една огнена топка која се разделила на огнени јазици. Луѓето од сите страни побрзале да видат што се случило. „Кога се создаде тој екот, народот кој се насобра многу се збуни, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот сопствен јазик. И сите вџашени и восхитени, говореа: ’Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци? Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик?’“ (Дела на апостолите 2,6-8)
Учениците до неодамна биле полни со страв и со неверување. Наеднаш, десет дена по Христовото вознесение, истите тие луѓе станале неустрашиви и решителни во своето верување. Тие не само што почнале да зборуваат туѓи јазици, туку и зборувале на нов начин, „како што им даваше Духот Свети да зборуваат“.
Храброста, решителноста и способноста на знаење на јазици дошле во нив однадвор, на натприроден начин, со доаѓањето на Светиот Дух. Светот можел да се чуди и да се восхитува гледајќи небесен печат на лицето на преродените Христови ученици.
Полни со Свети Дух, апостолите не се проповедале себеси, туку „Божјите дела“. Свештениците и кнезовите биле огорчени посматрајќи го ова необјасниво збиднување, но не се осмелиле да ја покажат својата злоба. Некнижевните Христови ученици од „незнабожечката“ Галилеја зборувале за животот и за работата на Исуса Христа на сите јазици. Свештениците се обидувале даровите на Светиот Дух да ги објаснат со божемно пијанство на вдахновените проповедници од Горната соба. Природно, тоа била злобна лага во која мнозина веднаш проникнале.
Тогаш станал Петар и со еден текст од Стариот завет го објавил раѓањето на Црквата на Новиот завет. Го цитирал пророкот Јоил и објавил: „Но ова е претскажаното преку пророкот Јоил: ’И ете во последните дни… врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат“ (Дела на апостолите 2,16-18).
Светиот Дух од Стариот завет празникот Педесетница го претворил во роденден на апостолската Црква. Светиот Дух на старите пророци ги вдахнувал сите говорници и писатели на Новиот завет. Тој сака да се излее и во нашите срца. Исус вели: „Барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“ (Лука 11,9). Апостолите барале и добиле. Барајте и вие и ќе добиете!