2.1. Единствен вистински Бог

2.1. Единствен вистински Бог

„…Верата твоја те исцели!“

Mатеј 9,22

Често Божјето водство во текот на настаните во животот ни изгледа како случајност или неминовност, а неговиот прст во нашиот живот многупати го нарекуваме среќа. Па сепак, како што тешката врата се врти на малечки шарки, така и Бог често ги прелистува големите страници на нашиот живот на малечките тркала на секојдневјето. Во времето на пророкот Елисеј, кога сириската војска заробила една малечка Израелка, тоа на сирискиот војсководец Нееман му изгледало неважно, па сепак во тоа се наѕирал прстот на Провидението.

Војводата Нееман бил прославен војсководец на својата земја. Водел многу битки и извојувал бројни победи, но се разболел од губа и загубил секаква надеж дека ќе се излечи. Губата значела неминовен крај на неговата кариера. Библијата кажува: „Нееман, војвода на сирискиот цар, беше угледен човек пред господарот свој и почитуван… и тој човек беше одличен војник, но лепрозен“ (2. Царевите 5,1).

Овој голем борец не знаел за Бога ниту за неговата грижа за луѓето, ниту пак знаел дека во Божјите очи едно дете е поважно од планина и еден човек од ѕвезда. Божјото провидение и водство ги опфаќа сите пространства на вселената и сета бесконечност на времето.

Малечката заробеничка свртила голема страница не само во животот на овој војсководец, туку и во животот на целиот негов народ. Додека служела во неговиот дом, покажала искрено сочувство кон Неемана со зборовите: „О, да отидеше мојот господар при пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата“ (1. Царевите 5,3).

Девојчето знаело дека врз пророкот Елисеј почива Божја сила, и дека со таа сила може да го изцели и нејзиниот незнабожечки господар. Нееман немал причина да се сомнева во овие зборови што во неговото срце разбудиле надеж во оздравување. Карактерот и однесувањето на оваа малечка Израелка светеле со божествена убавина. Со тукушто родената вера во срцето, војводата му се обратил на својот цар за дозвола да си побара себеси лек на непријателската страна. Приликата била толку единствена, што сирискиот цар му напишал дури и молба на израелскиот цар што звучела скоро како наредба: „Ете, го испраќам при тебе Неемана, мојот слуга, да ја симнеш од него лепрата негова“ (1. Царевите 5,6).

Тркалото на настаните почнало да се движи и никој не можел да согледа каде ќе се запре. Ни царот не можел да знае дека неговиот истакнат војсководец ќе стане Божје дете! Иако тоа далеку го надминува нашето сфаќање, сепак можеме да се осмелиме да веруваме дека Бог се наведнува да види што ни е во срцето. Малечката Израелка верувала и чудото станало можно. За своето посредување во нашиот живот Бог кажува: „Ќе ти го покажам патот, по кој да одиш“ (Псалм 32, 8).

Со „десет таланти сребро, со шест илјади шекели злато и со десет свечени облеки“, Нееман пристигнал во израелската престолнина под бело знаме. Кога израелскиот цар го примил и го прочитал писмото, бил вчудоневиден. „Ја искина облеката своја и рече: ’Зар сум јас Бог да умртвувам и да оживувам, та испраќа при мене да ја симнам од овој човек лепрата негова? Ете, знаете сега и гледајте дека тој бара повод за непријателство против мене“ (2. Царевите 5,5.7).

Веста за возбудувањата на царот веднаш стигнала до пророкот Елисеј. Тој мирно му порачал на царот: „Зошто ја раскина облеката своја? Нека дојде при мене и нека познае, дека има пророк во Израилот“ (2. Царевите 5,8).

Пророкот бил човек кого Бог го обдарил со натприродна сила и го овластил да зборува во негово име. Многу пророци биле и писатели, но Елисеј бил само „говорен“ пророк. Тој рекол „и дојде Нееман со коњите свои и со колите свои и застана пред влезот на Јелисеевиот дом“ (2. Царевите 5,9).

Овојпат војводата стоел пред вистинската врата, но таа не се отворала. Богатата кочија стоела без да се помести. Пророкот ниту излегол од својот дом ниту му укажал гостопримство на војводата. Наеднаш патот се затворил. Но Бог и нас често нè води по нерамни патишта за да нè научи на некоја од најважните животни поуки, што инаку никогаш не би ја научиле. Затоа не треба да се обвинуваме себеси за неочекуваните тешкотии ако нашето делување било правилно. Дури и грешките направени со искрена побуда можат да нè научат да избегнеме поголеми беспатици во иднината.

Нееман сепак добил одговор на своето тропање. Се појавил весник кој му ја пренел пораката на Елисеј: „Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист“ (2. Царевите 5,10).

Генералот на сириската армија се почувствувал длабоко навреден во својата национална горделивост. Уште не бил готов да се очисти од губата. Горделивоста не му дозволувала да ја научи потребната поука за понизноста. Разочарано извикнал: „Зар дамаските реки Авана и Фарфар не се подобри од сите израилски води? Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам? Па се сврти и си отиде налутен“ (2. Царевите 5,12).

Војводата не знаел дека во сите прилики од животот Бог скоро со шепот му зборува на нашето срце, обидувајќи се да ни каже дека ние многу често го отфрламе токму она што најмногу го бараме. Секако, Нееман подобро би се чувствувал на своите реки чиишто брегови начичкани со кипови на незнабожечките божества, но било потребно да ја победи својата горделивост. Патот што му се отворал бил завиткан со таинственост, и тој само што не ја затворил вратата на своето оздравување. Но тогаш скокнале на помош слугите молејќи го: „Татко, да ти кажеше пророкот да направиш нешто потешко, немаше ли да го направиш. А камо ли сега, кога ти рече само: ’искапи се, и ќе бидеш чист!‘“ (2. Царевите 5,13).

Неоправданата горделивост можела да го спречи со желба очекуваното оздравување! Сè што требало да стори Нееман било да научи да го слуша Божјиот глас во сите околности. Божјата волја требало да ја стави над сè. Пророкот зборувал наместо Бога и Нееман можел да се излечи само со извршување на неговите упатства. Неговата вера во Бога била ставена на проба, се колебала, но најпосле победила.

Високиот достоинственик понизно се приклонил кон Божјата волја – тогаш и засекогаш. Седум пати се нурнал во водите на реката Јордан, „според зборовите на Божјиот човек, и телото му се обнови како телото на мало дете и се исчисти“ (2. Царевите 5,14).

Од тогаш војводата Нееман му служел само на вистинскиот Бог.

Многу векови подоцна Исус ја истакнал верата на овој војсководец како поука за сите што велат дека му служат на Бога. Тој рекол: „И имаше мнозина лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман“ (Лука 4,27). Овој незнабожечки благородник со својата вера станал подостоен за Божјите благослови од многу Изреалци кои со своето неверство ја одбиле Божјата спасоносна рака. Колку се едноставни Исусовите зборови упатени до сите што веруваат: „Верата твоја те исцели!“ (Матеј 9, 22).