22.2. Во Исусово име

22.2. Во Исусово име

„Но Петар рече: сребро и злато јас немам, а – што имам, тоа ти давам – во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!“

Дела на апостолите 3,6

Трем или ходник во нашиот јазик е израз кој одговара на грчкиот збор „стоа“ или на римскиот „вестибулум“. Стоа или вестибулум означувал низа високи столбови ставени под покрив. Еврејскиот историчар од првиот век на нашата ера, Јосиф Флавие, во својата книга „Јудејски старини“ дава опис за Соломоновиот трем. Тој се наоѓал на источната страна од ерусалимскиот Храм. Бил напра­вен од два реда високи столбови и му припаѓал на надворешниот дел од Храмот во кој имал пристап секој. Тремот служел како зборно место. Христовиот ученик, Јован, опишува еден таков собир на празникот Обно­ву­вање на Храмот. Тој кажува: „Беше зима. И одеше Исус во храмот, по тре­мот Соломонов“ (Јован 10,22.23).

Овој ден останал длабоко врежан во сеќавањето на Христовите ученици. Тој ден и во тој трем Исус на своите соговорници им ја објавил најголемата вистина за себе како Бог со зборовите: „Јас и Отецот едно сме“ (Јован 10,30).

Во овој Христов разговор со Јудејците зборот „Отец“, што го употребил Исус, немал општ туку личен карактер. Евреите не верувале во Исусовото божество. Разгневени, зедоа камења да Го убијат“ (­Јован 10,31). Меѓутоа, Божјиот Син им одговорил мирно и логично: „Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми; а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да разберете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него“ (Јован 10,37.38).

Ништо полесно отколку да им се верува на делата! Сепак, Евреите „Сакаат пак да го фатат, но Тој им се истргна од рацете нивни“ (Јован 10,39). Исусовото бегање не значело слабост, туку познавање на волјата на Отецот. Тој ќе дозволи да го фатат на местото и во времето што самиот ќе ги одреди. Но Евреите не го разбрале ниту Христовото бегање ниту Христовото самопредавање.

Кога Соломоновиот трем е споменат по вторпат во Библијата, Христовата Црква веќе била родена. Апостолите го продолжиле Христовото дело. Светиот Дух наново ги родил и тие ги правеле чудесата што порано можел да ги прави само Исус, Бог во човечко тело.

Во тие денови Црквата немала сопствени простории, немала ниту пари ниту углед. Била без заштита и без поткрепа. Немала ниту училишта, ниту академии, ниту свештенства, ниту историја. Сè што можела да изнесе пред светот била новата вера во распнатиот и воскреснат Исус. Имала само два обреда и јазик сличен на пламен. Понижувана, прогонувана, несфатена и непризната, таа сепак го потресла светот. Ерусалим се тресел од темел. Епицентарот бил Горната соба, а Соломоновиот трем станал сведок на силата на Светиот Дух.

Тогашниот Храм бил втор според времето на ѕидање, Зоровавелов според градителот, а Иродов според реконструкцијата. Во тоа време бил стар повеќе од 500 години. Поправката и реконструкцијата ги почнал Ирод околу дваесет години пред Христа. Во текот на следните десет години Ирод го доградил надворешниот дел кој го добил името Царски трем. Тогаш е изграден и Соломоновиот трем.

Во истиот тој Храм Исус бил посветен како новороденче и во него се сретнал со црковните великодостојници во својата дванаесетта година. Од него ги истерал купувачите и трговците, менувачите и посредниците. Сите негови ѕидови го виделе и го слушале Христа, неговите чудеса и учења, а сега ги гледале делата на неговите ученици. Пред убаво украсената врата, „наречена Красна“ (Дела на апостолите 3,2). Петар и Јован го исцелиле и го подигнале на нозе човекот парализиран од раѓањето. Тоа било чудо што го привлекло мноштвото, „сиот зачуден народ во тремот, наречен Соломонов“ (Дела на апостолите 3,11).

Како се случило тоа големо чудо? Се случило со силата на Светиот Дух во име на Исуса Назареќанецот. Не во име на апостолите кои биле говорници, ниту во име на Светиот Дух кој бил Исцелител, туку во име на Исуса од Назарет. Светиот Дух дошол на Земјата како Христов Заменик да зборува и да делува во Христово име а не во свое. Во исцелувањето на одземениот човек пред Красната врата се исполниле Христовите зборови за Светиот Дух: „Он Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави“ (Јован 16,14).

Куциот човек питал „милостина од оние што влегуваа во храмот“. Ја подал раката кон Петар и Јован како и кон секого што влегувал во Храмот. Лука кажува: „Но Петар рече: сребро и злато јас немам, а – што имам, тоа ти давам – во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!“ (Дела на апостолите 3,6).

Иако зборувал Петар, тоа го сторил Светиот Дух. Човекот знаел за Исуса Назареќанецот, поверувал и скокнал на нозе како секогаш да можел да го прави тоа. Петар бил силен, но силата не била негова, туку Божја. Во Соломоновиот трем му рекол на собраното мноштво: „Што се чудите на ова, и вие што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да оди?“ (Дела на апостолите 3,12).

Светиот Дух вниманието на сите собрани го насочил кон Исуса. Духот Божји го насочувал вниманието на сите луѓе и на сите генерации само кон Исуса. Нашиот поглед треба исто така да биде насочен кон Исуса. Петар сите погледи на своите слушатели ги насочил кон Исуса со зборовите: „Бог… Го прослави својот Син Исус, кого вие го предадовте и од кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој реши да Го пушти“ (Дела на апостолите 3,13).

Куциот човек постојано ги придружувал Петар и Јован. Стоел покрај нив на нови нозе. Зрачел до ново здравје. Се радувал и го славел Бога. Сите го виделе и го чуле. Христос се прославил со верата на еден сиромав. Колку дури би можел да се прослави преку нас кои одиме уште од раѓање! Исус бил Началник на животот, а Светиот Дух Творец на животот. Со својата животворна сила Светиот Дух сведочел за Христа „Кого Бог Го воскресна од мртвите“ (Дела на апостолите 3,15).

Бог, кој делувал и зборувал преку апостолите и пророците, бил Бог Светиот Дух. Петар рекол: „Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“ (2. Петрово 1,21). Светиот Дух ги учел, зашто тие биле готови да учат, а потоа и да зборуваат. Тие зборувале по Божја волја, а не по своја. Прво морале да учат па дури тогаш да зборуваат, а не да измислуваат.

Од Соломоновиот трем Петар е одведен во Синедрионот да ѝ објави на целата нација: „Тогаш нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израелски, дека овој стои здрав пред вас во името на Исус Христос од Назарет… Тој е оној камен што од вас ѕидарите беше отфрлен, Кој стана камен темелник“ (Дела на апостолките 4,10.11). Петар стоел на тој Камен и никој не можел да го сруши. Да застанеме и ние со помош на Светиот Дух на Карпата на спасението. „Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела на апостолите 4,12).