26.2. На сите што се уморни

26.2. На сите што се уморни

 „Зошто си овде Илија?“

1. Царевите 19,9

На сите што се уморни и оптоварени Исус им понудил одмор со зборовите: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам…Поучете се од Мене… и ќе најдете мир за душите ваши“ (Матеј 11,28.29).

Еден од најголемите пророци во Библијата одненадеж се почувствувал уморен од животот и посакал да умре, па сепак жив отишол на небото. Тоа бил „Илија Тесвитецот, еден од галадските жители“ (1. Царевите 17,1). Галад е планинско подрачје на Трансјорданија.

Илија бил човек со силна вера и со неустрашива доверба во Бога. Живеел во времето на големиот отпад од Божјиот закон, кога службата на Бога целосно била заменета со служба на ханаскиот бог на Сонцето, Вал. На стотина Валови свештеници и на мноштво народ Илија им го упатил овој храбар повик: „Уште ли ќе храмите на двете страни? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако ли е Ваал – одете по Него“ (1. Царевите 18,21).

Во судирот со Вал и со неговите пророци Илија однел незаборавна победа. Со денови бил пренапрегнат, а потоа, во мигот на најголемиот триумф, се обесхрабрил исцрпен. Го напуштил веќе освоеното бојно поле и победата за Бога ја претворил во свој личен пораз. Библијата вели: „А самиот тој отиде во пустината на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и посакуваше да умре, велејќи: ’Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од моите татковци‘“ (1. Царевите 19,4).

Кога се искачил на највисоката планина на својот живот, Илија ја загубил волјата да живее. Му се сторило како да нема повеќе врвови на кои би вредело да се искачува. Паднал во длабока криза на верата и волјата. Далеку од населбите, седнал под една оголена пустинска смрека.

Илија под смреката е слика на уморниот современ човек и мислител кој го загубил Бога од вид. Загубата на Бога од вид предизвикува чувство на безволност, па дури и желба за самоуништување.

Кутриот Илија! Мислел дека нема повеќе за што да живее. Сторил сè што можел, а му изгледало дека сето тоа било залудно. И не насетувал дека му преостанало уште едно сјајно патување низ вселената и обиколување на вселенските градови и на бесмртните светови. Сè што му било потребно во тој миг, бил краток одмор, вода и леб. Токму тоа Бог и му го испратил преку свој ангел. „И ете, ангел го допре и му рече: Стани, јади и пиј. Илија погледна и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа“ (1. Царевите 19,5.6).

Колку е утешно што Бог не го заборавил Илија! Колку охрабрува сознанието дека Бог не нè заборава дури ни тогаш кога ние ќе го заборавиме него! Колку се драгоцени зборовите што им ги упатува Бог на сите оние што се уморни и оставени дури и од своите најродени: „Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, ЈАС ТЕБЕ НЕМА ДА ТЕ ЗАБОРАВАМ!“ (Исаија 49,15) „И до вашата старост Јас ќе бидам Истиот, до вашите бели коси ќе ве носам; Јас ве создадов и ќе ве носам, ќе ве поддржувам и ќе ве пазам“ (Исаија 46,4).

Ангелот на милоста го допрел Илија уште еднаш: „Стани, јади и пиј, бидејќи те чека долг пат“ (1. Царевите 19,7). Преку ангелот зборувал Бог. Скоро истите зборови им ги рекол Христос со векови подоцна на своите преморени ученици: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку. Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат“ (Марко 6,31).

На сите што се уморни и натоварени, пренапрегнати и потклекнати, Исус им ги упатил овие нежни и длабоки зборови: „Дојдете кај мене сите кои сте уморни!“ Исус овој живот го сметал за почеток на вечниот живот. Кога Илија веднаш би го знаел тоа, никогаш не би посакал да умре. Тој морал да знае дека сегашниот живот неразделно е поврзан со идниот. Кога подобро би го познавал тогаш својот Господ, би знаел дека тоа познавање е почеток на вечниот живот. И затоа Исус рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе единствениот вистински Бог“ (Јован 17,3).

Кога пророкот Илија не би го испуштил Бога од вид, никогаш не би легнал под безлисното дрво во пустината и никогаш не би отишол во пештерата на гората Хорив. Таму Бог го прашал: „Зошто си овде Илија?“ (1. Царевите 19,9).

Штом тргнал по свои патишта наместо по Божјите, Илија паѓал од грешка во грешка. До тогаш Бог бил центар на неговиот живот, но сега Илија побегнал од него на периферија. Меѓутоа, Бог уште имал работа за својот пророк. Илија требало да го оживее Божјиот закон среде народот. Требало да ја подигне верата во Божјите ветувања. Неговото искуство со сопственото разочарување и со падот требало да им користи не само на неговите современици туку и нам денеска. „А Господ му рече: „Врати се по патот свој“ (1. Царевите 19,15).

Патот на разочарување сепак не бил пат без повраток. Обесхрабрувањето никогаш не мора да биде конечно. Никој не отишол толку далеку од Бога за да не може повеќе да му се врати. Пророкот Илија не умрел кога посакал да умре. Колку му бил благодарен подоцна на Бога што неговата молитва не била примена!

Фала на Бога што наместо камен ни дава леб. Не постои граница на исцрпеност во борбата со гревот и со себеси од каде што не би можеле да се вратиме во прегратките на нашиот Творец. Верата во Христа уште денеска значи поседување на вечен живот, зашто Христос рекол дека со вера во него уште денеска имаме живот вечен. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16).

По средбата со Бога за Илија животот добил ново значење. Илија не се плашел повеќе за животот ниту се чувствувал осамен. Ја напуштил смреката и пештерата и се упатил среде народот. Требало да постави уште двајца луѓе за цареви и еден за пророк наместо себе. Кога пошол на патиштата на служба на Бога и на должноста кон ближните, Илија всушност го прифатил Христовото сфаќање на животот изразено во налогот: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16, 15).

Драги пријатели, Илија не умрел кога посакал да умре. Уште повеќе, тој воопшто не умрел! Илија го одвеле „огнена кола и огнени коњи“, „во виорот на небото“ (2. Царевите 2,11). Неговото искуство може да биде и наше. Сите вие, уморни и натоварени, дојдете кај Христа, и Тој ќе ви даде одмор!