6.1. Необјаснива трагедија

6.1. Необјаснива трагедија

„Место да ми возвратат со љубов, тие стануваат против мене… ми враќаат зло за добро, омраза – за љубов.“

Псалм 109,4.5

Авесалом бил син што се дигнал против својот татко, царот Давид. Неговото име значело „мојот татко е мир“, но Авесалом не држел до тоа. Бил прочуен по својата убавина, но на неговото убаво лице ништо не кажувало дека ќе стане смртен непријател на својот татко. За убавината на Авесаломовото лице и за неговата става Библијата кажува: „Меѓу сите Израилци немаше таков убавец како Авесалом, ни толку пофалуван како него: од петиците на нозете до врвот на главата негова во него немаше недостаток“ (2. Самоилова 14, 25). Но освен таа надворешна убавина, друга немало.

Авесалом надворешно бил без мана, но однатре наполно го изопачила љубомора кон родениот татко. Историјата на овој принц, кој станал против своите родители, ја покажува сета необјаснива драматика на потеклото на гревот и на неговиот конечен неуспех.

Царот Давид имал неограничена доверба во својот син. Му давал сè што барал, и Авесалом веќе се однесувал како иден цар. Народот исто така почнал да го гледа во него својот иден владетел. Само неговите најблиски пријатели знаеле за неговите заговорнички планови. Авесалом се преправал дека ги застапува интересите на својот татко, додека во исто време мошне лукаво покажувал несогласување со неговата управа. Изразувајќи жалење поради слабостите на земните судии, ги придобивал парничарите за себе со зборовите: „О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! При мене би доаѓал секој, кој има расправија и поплака, и јас би судел по правда.“ И „со тоа Авесалом ги придобиваше срцата на Израелците за себе“ (2. Самоилова 15,4.6).

Врв на Авесаломовото лукавство и лицемерие бил мигот кога го замолил својот добар татко да му дозволи да отиде во блискиот град Хеврон да „му принесам жртва на Господа“ (2. Самоилова 15,18). Не насетувајќи ништо, царот му дозволил да оди, и уште го благословил. Истовремено „Авесалом испрати тајни гласници меѓу сите израелски племиња“ (2. Самоилова 15,10), за во одредено време да затрубат и да го прогласат за нов цар. Историјата кажува: „И почна буна голема, и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалома“ (2. Самоилова 15,12).

Од Хеврон бунтот бргу се приближувал кон вратата на Ерусалим. „Тогаш стигна гласник кај Давида и му соопшти: „Срцето на Израел му се приклони на Авесалома“ (2. Самоилова 15,13). Во тој пресуден миг Давид покажал дека навистина е „татко на мирот“. Го погледнал царскиот град и решил Ерусалим да не го изложува на ужасите на граѓанска војна. Наредил да се напушти престолнината: „Поитајте бргу, за да не биде тој побрз… и да не го погуби градот со острилото на мечот!“ (2. Самоилова 15,14).

Без круна и без обувки, царот го оставил својот престол и излегол од градот на пат кон реката Јордан. Каква слика! Царот доброволно го напуштил престолот под притисок на својот роден син! Народот пошол по него во долга колона што изгледала како погребна поворка. „И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустината“ (2. Самоилова 15,23).

Откако го поминал потокот Кедрон, „Давид се искачуваше по нагорништето на Маслиновата Гора, искачувајќи се плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос“ (2. Самоилова 15,30). Неговиот предавнички син му бил зад петици, готов да го убие. Многу векови подоцна еден друг цар – Христос – ќе го премине потокот Кедрон по истиот пат искачувајќи се на Маслинската гора. И Давид и Христос можеле да кажат едно исто: „Дури и пријателот мој, во кого имав доверба, кој јадеше мој леб, ја крена ногата против мене“ (Псалм 41,9).

Зошто Авесалом станал против својот татко? Зошто Јуда го предал Христа? Зошто најголемиот херувим на небесата се побунил против својот Творец, Исус Христос. Псалмистот одговорил: „Место да ми возвратат со љубов, тие стануваат против мене… ми враќаат зло за добро, омраза – за љубов“ (Псалм 109,4.5).

Библијата нè известува за смртта на Авесалома: Јавајќи низ шума, „маската навлезе под гранките на еден голем даб, косата на Авесалома му се заплетка во гранките од дабот, и тој почна да виси меѓу небото и земјата, а маската, што беше под него, избега“ (2. Самоилова 18,9). Тука Авесалом и загинал, погоден со стрела во срцето од лакот на царевиот војвода Јоав.

Како ја пречекал Давид веста за трагичната смрт на својот син Авесалом? Иако овој убав принц бил негов смртен непријател, Давид – како секој татко – ја оплакувал неговата смрт. Давидовата тажанка спаѓа меѓу најтрогателните текстови во Библијата: „Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!“ (2. Самоилова 18,33).

Да го свртиме за миг нашиот поглед од Давида кон Христа, кон Оној што е многу поголем од Давида. Против него станал Луцифер, водачот и галеникот на небесните ангели, кој ги навел на бунт и нашите прародители. За да го откупи човечкиот род, небесниот цар – Христос – го оставил својот божествен престол и дошол како човек на Земјата. Кога против него како Божји Син бунтот кулминирал, Исус исто така преминал преку потокот Кедрон. Искачувајќи се на Маслинската гора, гласно плачел под неопишаниот товар на човечките гревови на својата душа. Но и Давид и Христос им одолеале на своите противници. Бунтот и на Авесалома и на Луцифера неславно пропаднал.

Кога царот Давид се приготвувал да се врати на својот престол, кнезовите од царското племе не брзале да го сретнат царот и да го вратат во царскиот град. Гледајќи го тоа, царот им порачал на своите соплеменици: „Вие сте мои браќа, вие сте моја коска и моја плот, зошто сакате да бидете последни за враќањето на царот во домот негов?“ (2. Самоилова 19,12).

Зборовите на царот ги возбудиле нивните срца. „И тој ги поколеба срцата на сите Јудини мажи како на еден човек. И тие испратија да му кажат на царот: „Врати се ти и сите твои слуги“ (2. Самоилова 19,14). Подоцна, кога другите племиња им префрлиле што им го „украле“ царот, тие им рекле: „Затоа што царот ми е род мене“ (2. Самоилова 19,42). Ниту во еден библиски настан нема да најдеме повеќе симболика што се однесува на Христа како Божји Син и Син човечки, кој исто така нам ни е род.

Еден ден злото ќе биде искоренето и Луцифер како архибунтовник ќе биде уништен заедно со сите свои приврзаници. Тоа ќе биде необична работа за Бога. Тагата на Давида за Авесалома е слика на Божјата тага за своите побунети синови и ќерки. Но вселената мора да биде очистена. „Зашто Господ ќе се крене… за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши својата работа, својата таинствена работа“ (Исаија 28,21).

Драги пријатели, наскоро Исус како небесен цар ќе се врати на оваа Зем­ја. Тој ни кажува: „Вие сте мои браќа… зошто да бидете последни што ќе го доведат царот назад?“ Сега е вистински миг да му излеземе во пресрет и да му одговориме: „Да, дојди, Господи Исусе!“ (Откро­вение 22,20).