13.1. Нареден меѓу злосторници

13.1. Нареден меѓу злосторници

 „Дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници. Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предаде.“

Марко 14,41.42

Од почетокот до крај на својот живот на Земјата Исус со небесна точност ги исполнувал пророштвата што зборувале за тоа што ќе стори Тој за спасението на човекот. Исус потполно ја сфатил својата божествена улога во големата драма на нашиот откуп. Со векови однапред Божјиот Син ги одредил сите настани од Витлеем до Голгота, ги објавил преку пророците и тогаш сам како човек ги исполнил. Тој морал да го изврши како човек сè она што го одредил како Бог.

На еврејскиот кнез Никодим му рекол: „И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустињата, така треба да се издигне и Синот Човечки“ (Јован 3,14). На своите ученици им кажал дека „Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне“ (Марко 8, 31). А непосредно пред да биде предаден рекол: „На Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ’И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува“ (Лука 22,37).

Исус морал да биде предаден во рацете на грешниците, морал да биде распнат и морал да стане во третиот ден, зашто самиот така решил пред своето доаѓање на оваа Земја.

Исус јасно укажувал дека предавството, неговата смрт на крст и неговото воскресение од мртвите, ќе се случат како исполнување на пророштвата. Божјиот план морал да се исполни. Десетина пророштва за Христовото страдање се исполниле во еден ден. Се исполнило и она првото пророштво од Рајот дека Спасителот на светот ќе биде „каснат во петицата“ (1. Мојсеева 3,15) – неговите нозе биле прободени со римски клинови. Сите настани во последните часови од Христовиот живот на Земјата се исполнение на она што е кажано дека ќе се одигра, вклучувајќи го и неговото фаќање на полноќ.

Кога завршил првиот обред на Господовата вечера, Исус со своите ученици излегол во Гетсиманија. Се приближувала полноќ, но Тој не спиел. Станувајќи од молитва, им пристапил на учениците, толку мили на неговото срце. Им рекол: „Дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници. Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предаде“ (Марко 14,41.42).

Џагорот на толпата не можел да го надгласа Христовиот глас кој последен пат ги разбудил учениците. Тие успеале да ги видат факлите и ножевите, копјата и мечевите, свештениците и војниците –  мрачниот џган предводен од предавникот. Додека тие се повлекувале, Исус истапил напред.

„Кого го барате?“ ги прашал.

„Исус од Назарет!“ одговориле.

Со храброст на херој Исус рекол: „Јас сум!“

Исус бил големото ЈАС СУМ кој толку пати на сите ним им ја открил својата божествена природа. И сега, кога се изговорени оние големи зборови, толпата ја засенила необична светлина. Библијата вели: „Се повлекоа назад и паднаа на земјата“ (Јован 18,4-6). Исус можел да побегне. Сите лежеле пред него, но Спасителот не сакал да ја искористи таа прилика. Предавникот Јуда прв се созел и му пристапил со семејниот поздрав: „Рави! – и го бакна“ (Марко 14,45).

„Пријателе, зошто си дошол?“ (Матеј 26,50) го прашал Христос наместо отпоздрав. А тогаш, со глас што треперел од тага, додал: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ (Лука 22,48). Ова прашање требало да ја разбуди совеста на Јуда, но тој веќе ги погазил сите чувства на честа, на верноста и на човечките обѕири. Му се продал на кнезот на темнината и немал повеќе сили да му се спротивстави.

Јуда не можел да се спротивстави, но Христос не сакал да се брани! Само ден-два порано Исус им рекол на Грците: „Но, заради тоа и дојдов на овој час“. Тоа била Божја волја и Исус ја извршувал. Тоа бил Божји план и Тој го извршувал. Можел да побегне, но останал. Исус дошол да страда за нас; со него да се постапува онака како што сме заслужиле ние, за со нас да се постапува онака како што заслужил Тој како свет, безгрешен и праведен Божји Син.

Исус бил најнеобичниот затвореник на светот! Кога Петар со меч му го пресекол увото на слугата на свештеничкиот поглавар, Исус се наведнал, го подигнал увото и го излекувал ранетиот. Тоа било негово последно чудо. Во самиот миг на своето незаконито апсење Исус нашол прилика да биде милостив, дури и спрема својот непријател. Во тој миг со полно право можел да се спасува себеси а не друг. Зошто не ги повикал на помош легиите на своите ангели? Рекол дека ја има таа власт, но веднаш додал: „Но како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“ (Матеј 26,54).

Зошто сето тоа морало да биде? Зошто таа ноќ неговите свети раце биле врзани и Тој останал без сон, без вода, без храна, шибан, плукан и тепан? – Тој ја трпел „платата на гревот“ што сме ја заслужиле ние, безгрешен за грешниците, праведник за неправедниците. Тој го сторил тоа за на ниеден „кој верува во Него да не му се суди“ (Јован 3,18).

Било неопходно потребно земјата и небото да ја сфатат вистинската природа на гревот. Гревот ја прекинал врската на Земјата со небото, го разделил човекот од Бога, па дури и Божјиот Син од неговиот отец.

Кога џганот дошол да го фати, бил изненаден со неговиот мир. Исусовото држење можело од почеток да изгледа како слабост, но тие бргу увиделе дека тоа не била слабост. Тоа била љубов што нашла пат за нашето ослободување.

Исус дошол на светот да го прими на себе Божјиот гнев против гревот и да прими смрт за секој маж и жена, за секое момче и девојче. Дали некогаш сте му заблагодариле на својот Спасител за таа бескрајна љубов? Кажете: „Нема повеќе да грешам. А она што јас не знам, научи ме; ако сум направил беззаконие, нема повеќе да правам“ (За Јов 34,31.32).