2.3. Сигурност на патот на Отецот

2.3. Сигурност на патот на Отецот

„И не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“

Рим­јаните 12,2

Принципите на Божјето постапување и однесување кон нас луѓето се дадени во Библијата која е откровение на неговата волја. Но, би било несериозно да се бара Божји одговор на некое наше прашање отворајќи ја Библијата со затворени очи и насочувајќи прст во кој и да е текст.

Бог не очекува од ниедно човечко суштество да верува во „среќа“ или случајност. Почитувањето на Божјата волја и на принципите што се јасно одредени во Библијата претставува единствен вистински пат по кој Бог сака да одиме. Па сепак, често во нас се вовлекуваат по некои суеверни сфаќања и ја разоруваат ткаенината на нашата вера. Примерот на првиот израелски цар Саул покажува дека тој бил сигурен на својот престол сè додека ги почитувал божествените принципи на владеењето.

Од излегувањето на стариот Израел од Египет, до прогласувањето на нивниот прв цар, поминале повеќе од три века. За сето тоа време Бог бил единствен нивни управител преку своите вдахновени посредници како што биле Мојсеј, Исус Навин и судиите. Тие управувале во Божје име и според неговите закони, но без право да издаваат сопствени закони. Последен судија бил Самоил. Кога тој остарел, народот му рекол: „Ете, ти остаре, а синовите твои не одат по патиштата твои. Затоа постави ни цар, кој ќе ни суди, како што е кај другите народи“ (1. Самоилова 8,5).

Уште за време на Мојсеја Бог предвидел дека народот ќе бара да има цар. Согласувајќи се со оваа желба, Бог дозволил да се измени обликот на управувањето, но не ги изменил своите принципи. Неговиот Закон требало и понатаму да биде почитуван како највисок закон, а самиот Тој како врховен управител. Затоа рекол: „Ако речеш: ’Ќе си поставам кнез, како другите соседни народи‘ – постави си кнез, кого Господ, твојот Бог, ќе го избере“ (5. Мојсеева 17,14.15).

За царот да може да управува во Божје име, морал да се запознае со Божјата волја, и со Законот, како и судиите пред него. Затоа на Мојсеја му го дал својот „закон и откровението“ (Исија 8,20) во пишана форма. Новиот цар морал да има свој личен препис на светите списи. Сам Бог заповедал: „А кога ќе седне со власт на престолот, нека си направи препис на овој закон од книгата, што се наоѓа кај свештениците левити, и нека ги држи кај себе и нека го чита во сите денови на неговиот живот, за да се научи да се бои од Господа, својот Бог, и да ги пази и да ги исполнува сите овие заповеди и наредби, за да не се возгордее срцето негово пред неговите браќа, и да не отстапува од законите ни десно, ни лево, за да остане на власт многу години, тој и синовите негови во Израилот“ (5. Мојсеева 17,18-20).

Царот не смеел да владее според угледот на незнабожечките цареви, туку според начелата на Божјите закони. Ние не знаеме кои делови на Божјите закони тој морал да ги препишува со своја рака, но знаеме дека тоа бил „Законот Господен“. Бил должен постојано да го носи со себе и да го чита секој ден. Неговата сигурност и сигурноста на неговото семејство зависеле од неговата послушност на Божјите закони. Царот Давид го имал тоа на ум кога рекол: „Рече Бог Израелов, карпата Израелова ми говори: Оној што господари со луѓето, нека биде праведен, да господари со страхопочит кон Бога. И како што изутрина на разденување, при изгрејсонце на безоблачно небо, од греењето по дожд израснува од земјата трева“ (2. Самоилова 23,3.4).

Кога Израелците првпат побарале над нив да владее цар, Бог му рекол на дотогашниот управител и суди­ја Самоил: „Послушај го гласот на народот за сè што ти говорат. Зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене за да не царувам над нив“ (1. Самоилова 8,7).

Бог му дозволил на својот народ да си избере владетел, но не затоа што тоа бил најдобар облик на владеење, ниту затоа што тоа му било нему по волја! Бидејќи одбиле Тој да ги води, Бог само им дозволил да го остварат своето барање. Самоил му ги открил на народот сите лоши последици на нивната одлука, но тие останале упорни во својата горделивост: „Не, нека има цар над нас, и ние ќе бидеме како другите народи“ (1. Самоилова 8,19.20). За Божјиот став кон оние што барале цар пророкот Осија рекол: „Јас ти дадов цар во гневот Свој, но ти го одзедов во јароста Своја“ (Осија 13, 11).

Израелците не го сфатиле предимството што го имале додека само Бог бил нивни владетел. Биле желни да ги следат околните народи. Но, иако Бог се согласил да изберат владетел, си го задржал правото Тој да го одреди него. Изборот паднал на Саула, синот на Кис, од племето Венијаминово.

Саул почнал да владее придржувајќи се кон Самоиловите совети што биле вдахновени со божествените начела. Меѓутоа, тој лично никогаш не ги прифатил како свои животни правила. Па сепак, сè додека бил послушен, Бог бил со него, и успесите не изостанале.

За жал, тоа не траело долго. Саул почнал себеси да си ги припишува заслугите за своите победи. Во еден решителен миг покажал трагична непромисленост и ѝ се спротивставил на една Божја заповед. Тоа било пресудно. „И Самуил му рече на Саула: Лошо си постапил што не си ја исполнил заповедта на Господа, твојот Бог, која ти беше дадена, зашто денес Господ сакаше да го зацврсти царувањето твое над Изралот засекогаш. А сега твоето царување не ќе може да опстане: Господ ќе си најде маж според срцето Свое и ќе му нареди да биде водач на народот Негов, зашто ти не го исполни она што ти беше заповедал Господ“ (1. Самоилова 13,13.14).

Кога стапил на престолот, Саул имал скромно мислење за своите способности. Бил мал во Неговите очи: „Зар не беше ти мал пред Него“ (1. Самоилова 15,17) и готов да ја послуша речта Господова. Знаел дека единствената негова сигурност лежи во послушноста на Божјата реч. Наспроти јасните Самоилови упатства, тој згрешил, иако знаел за Божјиот принцип на управувањето: „Не треба да правите сè онака… секој, како што му се чини дека е добро“ (5. Мојсеева 12,8). Сега морал да ги слушне зборовите на пророкот: „Поради тоа што го отфрли зборот на Господа, затоа и Он те отфрли, за да не бидеш цар над Израилот“ (1. Самоилова 15,23).

Драги пријатели, кога Саул секој ден би ја читал Книгата на законот, не би живеел според своето мислење, туку според Божјите заповеди. Гледајќи на околностите, заборавил на Божјите начела на правдата. Неговиот далечен имењак – апостол Павле – сметајќи ја Божјата волја како совршен принцип за своето однесување, рекол: „И не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Рим­јаните 12,2). И вас во вашиот живот нека ве водат Божјите начела, а не личните мислења и околности.