15.2. Крстот во вистинска светлина

15.2. Крстот во вистинска светлина

„Кој верува во Мене, и да умре, ќе живее! И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека.“

Јован 11,25.26

Сè што знаеме за светлината на животот знаеме од  Исуса. „Беше Вистинска Светлина, која го осветлува секој човек, што доаѓаше на светов“ (Јован 1,9). Тоа видело е Исус Христос. Пред да се појавиме на светот, ние сме биле во целосен мрак. Христос е единствената светлина што ни светли меѓу два големи мрака – меѓу раѓањето и смртта. Раѓањето е голема промена. Животот бргу минува, и ние скоро наеднаш се соочуваме со другата голема промена што луѓето ја нарекуваат смрт.

Зар животот е сцена на светлината само затоа за повторно да се најдеме во мрак? За нас кои веруваме Христос е Сонце на животот, а крстот е негов пладневен сјај. Оние што гледаат во Исуса го гле­даат „воскресението и животот“, зашто Тој рекол „кој верува во Мене, и да умре, ќе живее! И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11,25.26).

Кога го гледаме Христа на крстот, ја гледаме светлината на животот. Секој од нас има малку од таа светлина. Секој маж, жена и дете, родени на овој свет, имаат внатрешно чувство на одговорност. Дури и оние што никогаш не слушнале за Христа, „иако немаат Закон, сами од себе вршат сè по Законот“ (Римјаните 2,14).

Чувството на одговорност е зрак на Христовата светлина во нашиот живот. Бог секого го прави одговорен според светлината на сознанието што ја има или што можел да ја има. Тој ги чита нашите срца и знае сè за нас. Во Бога нема неправда, зашто Тој е љубов, а љубовта „не прави што е непристојно“ (1. Коринќаните 13,5). Според степенот на сознанието на Божјата волја, „секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14,12).

За мнозина Христовата смрт на крстот изгледа како пораз. Крстот навистина бил пораз но не Исусов, туку на сатаната. Мракот на гревот е растеран со светлината на Христовиот крст. Војските на демоните се распрскани. На улиците на светот повторно стапила вечната правда. Од крстот дошла светлината на животот, на мирот и спасението.

Во таа светлина ние крстот го гледаме како симбол на победата, исто како и апостол Павле: „Бидејќи бев решил да не знам меѓу вас ништо друго освен за Исус Христос, и тоа – Распнатиот“ (1. Коринќаните 2,2).

Овие зборови апостолот ѝ ги упатил на црквата во Коринт. Некои од верниците на таа црква скршнале од патот и потонале во неморалот на незнабошците. Ним Христовиот апостол им укажал на распнатиот Христос како на единствен вистински лек против гревот.

Многу учители се обидувале со разни лекови да ја лекуваат болеста на умот и на срцето што Библијата ја нарекува грев. Меѓутоа, само Оној што е распнат на крст може да го излечи човекот од болеста на гревот. Од наклоноста кон гревот и од самиот грев можеме да се ослободиме само ако го гледаме распнатиот Христос на крст. Крстот е оној голем небесен клуч што ширум ги отворил темниците на гревот.

Христа како „воскресение и живот“ можат да го примат само оние што веруваат во распнатиот Христос за гревовите на светот. Тие признаваат дека нивните гревови го приковале на крст. Крстот покажува колку беззаконието е одвратно и гревот грд.

Божјата правда секогаш била вдахната со љубов. Бог е против гревот а не против грешникот. Иако човекот паднал во грев, никогаш не го загубил наполно божественото чувство за правда и за одговорност. Луѓето сè уште во своите срца чувствуваат вечен глад за правдата.

Во распнатиот Христос се соединила Божјата правда со неговата љубов. На крстот се соединиле не само милоста и правдата, туку и човекот со Бога. Човекот никогаш нема да стекне мир, спокојство и сигурност додека не дојде кај Христа кој е распнат за него.

Дали некогаш сте присуствувале на некое судење на кое тужителот барал смртна казна за обвинетите? Дали можеби извесно време сте ги посматрале лицата на обвинетите? Дали сте го забележале кршењето на нивните раце и очајот на бледото лице во мигот кога е изречена смртната пресуда? Дали сте се замислувале себеси во таква положба?

За нашата одговорност пред Бога и за неговата правда ни зборува не само совеста туку и Библијата. Таа ни сведочи дека секој од нас мора „да се јави пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ (2. Коринќаните 5,10). Апостол Павле објавува дека судии ќе ни бидат не само нашите дела, туку и „тајните“ (Римјаните 2,16). Според тоа, лесно можеме да заклучиме дека нема ниеден невин. Библијата кажува: „Сите тргнаа по лош пат, станаа еднакво расипани, нема кој да прави добро, нема ниеден“ (Псалам 53,3).

„Ако е така“, ќе каже некој, „тогаш нема надеж за мене, зашто јас знам дека никогаш не сум го правел она што требало да се прави“. Тоа е вистина, но да го подигнеме погледот кон Христа! Крстот е објава на милоста а не само на Божјата правда, не само осуда туку и сјај на спасението.

Кога ќе чуеме дека „плата за гревот е смрт“, да погледнеме веднаш во Исуса. Тој платил за нас. Христовата смрт на крстот ја осветлиле вселената со радост, не затоа што Тој умрел, туку затоа што нè спасил нас. Изјавата за смртта како плата за гревот се завршува со ветувања за живот, а не со гроб, зашто Библијата објавува: „А благодатниот Божји дар е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6,23).

Во една парница пријателите му советувале на тужениот да земе за бранител еден познат адвокат, но тој долго се колебал. Најпосле решил и затропал на неговата врата. Му го објаснил својот случај и го замолил да го застапува на судот.

„Жалам“, одговорил прочуениот адвокат, „да дојдевте вчера, јас би се согласил да бидам ваш застапник, но денеска сум одреден за судија во вашата парница“.

Распнатиот Исус денеска е наш Спасител, но наскоро ќе ја преземе уло­гата на Судија. Бог дал сè, дури и самиот себе, за да нè спаси, но нас не нè присилува да се спасиме. Тој повикува со татковски глас: „Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2. Коринќани­те 6,2). Да го предадеме нашиот живот и нашата иднина во негови раце. Денот на спасението свети со пладневната светлина на Христовиот крст!