22.4. На патот на сознанието и радоста

22.4. На патот на сознанието и радоста

 „А тогаш, Филип ја отвори устата своја, започнувајќи да му објаснува од тоа место во Писмото и да му благовести за Исуса.“

Дела на апостолите 8,35

Газа е древен ханански град и еден од петте најважни градови на стара Палестина. Во времето на фараонот Тутмес III Газа била центар на египетската управа и појдовна точка за воените походи на египетските армии. Кога Помпеј ја зазел Палестина, Газа станала дел на римската провинција Сирија. Во Библијата се споменува мошне рано, веднаш по историјата за потопот (1. Мојсеева 10,19). Соломоновото царство допирало до Газа, но самиот град веројатно бил надвор од неговата држава.

Во книгата „Дела на апостолите“ патот во Газа е поважен од самата Газа. На тој пат може да се види Божјиот пат за обратување на еден искрен барател на вистината.

За време додека евангелистот Филип проповедал во Самарија, му се јавил ангел со порака: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст“  (Дела на апостолите 8,26).

Филип во Самарија доживеал голем успех во обратувањето на незнабошците. Апостолите во Ерусалим слушнале „дека Самарија го примила словото Божјо“ (Дела на апостолите 8,14). Сепак, немало никаква пофалба на сметка на Филиповата заложба. Можеби тоа нас нè чуди, но Филип не се чудел. Во заедница со Христа, преку Светиот Дух, имал доволно радост, а средбата со ангелот значела најголемо небесно признание.

Исус Светиот Дух го нарекол Утешител. Изгнаникот Филип бил утешен. Извор на утеха и радост нашол во Светиот Дух. Бил готов на секоја жртва. Лука кажува за него: „Тој (Филип) стана и отиде“ (Дела на апостолите 8,27). Пошол на патот што водел во Газа.

Каков извештај! Послушност без приговор, доброволност без забелешка. Патот од Самарија до Газа бил доволно долг за да се жали на горештините и на осаменоста, но Филип не се жалел. Својата утеха ја имал во себе. Бил полн со Свети Дух, а не со дух на овој свет. Каков пример за нас и какво вдахновение!

Светиот Дух секогаш делувал во право време и преку вистински луѓе. Филип пошол на пат, а Божјиот Дух го водел. Филип се движел низ села и градови, но Светиот Дух бил тој кој го водел неговото движење. Бог ги знае сите патишта и сите движења. Тој ги испитува срцата и ги знае мислите и помислите. Тој знаел сè за Филипа како што знаел сè и за човекот кај кого го испратил.

На пустиот пат од Ерусалим во Газа Божјите очи виделе еден патник што ја барал вистината. Лука кажува: „и ете, еден човек од Етиопија, евнух, висок достоинственик на Кандакија, етиопската царица, кој беше чувар на сите нејзини ризници. Тој дошол во Ерусалим на поклонение, а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија“ (Дела на апостолите 8,27.28).

Книгата на пророкот Исаија е најголема од сите пророчки книги на Стариот завет. Недосегливата убавина на стилот и изразот таа книга ја сторила ремек-дело на целокупната еврејска литература. Возвишеното сфаќање на Исаија за величеството и силата на Божјиот карактер му ја донело титулата „принц на пророците“. Неговото разбирање на личноста и делото на Месија одговарало на неговото лично име што значи: „Господ спасува“. Живеел во осмиот век пред Христа. Повикан е за пророк во својата рана младост. Имал ист Дух како и Господ за кого пишувал: „Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните…Ме испрати да лекувам скрушени по срце… да им проповедам на заробените ослободување“ (Лука 4,18; Исаија 61,1.2).

Етиопјанецот патем во колата ја читал Книгата на пророкот Исаија. Не можел да ги разбере текстовите, но тоа не го обесхрабрило. Бил човек од углед и влијание, но не барал злато туку вистината. Златото може да го најде секој копач, но вистината само истрајниот и вдахновен истражувач.

„Духот пак, му рече на Филипа: Приближи се и застани до колата! Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: Го разбираш ли тоа, што го читаш? Овој одговори: Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати? Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него“ (Дела на апостолите 8,29-31).

Ние не знаеме како го набавил Етиопјанецот овој скапоцен примерок на свитокот или книгата на Исаија, но во тоа можеме да ја видиме невидливата Рака која ги води настаните не само во животот на народите и светот, туку и на поединците. Божјата пророчка Реч била темел за препознавање на Спасителот на светот. Светиот Дух го учел Исаија што да пишува, и Светиот Дух му дал на Филипа способност, да го разбере она што е напишано и да му го објасни на Етиопјанецот.

Дали средбата на Филипа и Етиопјанецот била само чудна игра на случајноста? Дали Библијата е дело на случајот? – Во никој случај! Дури ни местото што го читал патникот во колата не било случајно отворено! Тоа гласело: „Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Тој устата своја не ја отвори. Во неговата понизност Тој беше лишен од праведен суд. А поколението Негово кој ќе го искаже? Зашто животот Негов се одзема од земјата“ (Дела на апостолите 8,32.33).

Кога Светиот Дух ќе го поттикне срцето, тоа прашува како што прашал Етиопјанецот: „За кого ова зборува пророкот, за себе или за некој друг?“ Има многу прашања што не се од Светиот Дух, како и објаснувања што се под секое духовно рамниште. Но ова прашање било по Божја волја. „А тогаш, Филип ја отвори устата своја, започнувајќи да му објаснува од тоа место во Писмото и да му благовести за Исуса“ (Дела на апостолите 8,35).

Исус Христос во Стариот завет! Нели е тоа едно изненадување за вас? Имате ли некое прашање? Поставете го и ќе добиете одговор! Кога ќе дојде Светиот Дух во човечкото срце, тогаш тоа прашува за Исуса и сака да слуша за Исуса. Богатството, положбата, накитот и влијанието можат да ја наполнат куќата, но не и срцето. Срцето е вистинска полица за вистината. Набргу Етиопјанецот можел да каже, полн со радост и утеха, како што рекол и апостол Павле по враќањето од Дамаск: „Се исполнив со утеха, преизобилувам со радост покрај сите наши маки“ (2. Коринќаните 7,4).

На патникот во Газа не му пречела неговата висока положба. Тој ја посочил првата вода крај патот со зборовите: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам? А Филип му рече: ’Ако веруваш од сè срце – можеш.’ Тој одговори и рече: ’Верувам дека Исус Христос е Син Божји.’ И заповеда колата да запре, па слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанецот, и го крсти“ (­Дела на апостолите 8,36-38).

Водата е симбол на Светиот Дух. Крштавањето со вода е само знак на крштавањето со Свети Дух. Ако веруваме дека Исус е Божји Син, тогаш што ни пречи таа вера да ја посведочиме со дела? Етиопјанецот „радосно го продолжи својот пат“ (Дела на апостолите 8,39). Зошто да не му се придружиме и ние?