5.5. Скршена гранка

„Еве го Јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“

Јован 1,29

Иако не ни се јасни сите подробности на првиот грев, знаеме дека непослушноста го одвоила човекот од Бога. Смртта се појавила како последица на тоа одвојување. Со цел оваа вистина длабоко да се втисне во срцата на првите грешници, Бог воспоставил систем на жртвување на животни како симболична замена за грешникот. Адам морал да сфати дека плата за гревот е смрт и дека грешникот или неговиот заменик мора да умре. Но требало да го дознае и тоа дека Бог е не само Бог на правда, туку и Бог на милост. Пред да ги оддалечи како виновници од Едем, Бог Адам и Ева ги облекол во облека од животински кожи. Над тие невини жртви Бог им го одржал првиот час за својата милост.

Сомневањето во Божјата доброта довело до расцеп. Неверувањето значело отцепување или одвојување, а верата накалемување или повторно соединување. Библијата кажала: „А праведникот преку верата ќе биде жив“ (Евреите 10,38). Тоа била вистина во првите денови на човечката раса како што е и денеска. Оваа голема вистина ја истакнал пророкот Авакум шестотини години пред Христовото раѓање, а во Новиот завет апостол Павле ја повторува четири пати. Наспроти огромната пирамида напластено знаење, сегашното поколение христијани го прави истиот грев што го направил и Адам – се обидува да живее одвоено од својот Творец. Човекот прогласил дека самиот себеси си е доволен и почнал да се обожава себеси наместо Бога. Науката се слави како некој нов месија. Иако дваесеттиот век почнал со ласкање кон хуманистичката филозофија и со додворување кон материјализмот, сепак современата наука сите свои резултати ги ѕида на нематеријална основа. Никој не се сомнева во невидливото постоење на атомите, електроните, неутроните и протоните. Атомската наука буквално почива врз невидливите столбови на енергијата.

Библијата веќе скоро дваесет столетија го истакнува постоењето на невидливото. Кога апостол Павле зборувал за тоа, сигурно не можел да знае за чудесните атоми, па сепак во видливото ја видел невидливата божествена сила. Тој рекол: „Она, кое може да се знае за Бога, ним им е познато, бидејќи Бог тоа им го откри. Оти она, што е во Него невидливо, односно вечната негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според Неговите дела, па така тие немаат изговор“ (Римјаните 1,19.20).

Ако човекот го истражува светот на природата, ќе дознае не само дека постои Бог, туку ќе ја запознае и неговата сила. природата и Библијата се две божествени книги што на човечкиот дух му ја откриваат Божјата вечна сила и Божество.

Во еден трагичен миг Адам ја заборавил основната вистина за одржувањето на животот во природата што Библијата ја дефинира вака: „Знај дека ти не го држиш коренот, туку коренот тебе“ (Римјаните 11,18). Коренот на животот е Божјата сила. Едем бил сцена на Адамовото неверување. Апостол Павле кажува за сиот човечки род: „Тие преку неверие се отцепија“ (Римјаните 11,20).

Во Рајот Адам и Ева морале да ја научат првата лекција на верата. Првата смрт во вселената настапила во Рајот. Таа се јавила како последица на нивната непослушност и отуѓеност од Бога. Од тоа време првите луѓе својата вера во Божјата правда и милост ја изразувале со принесување на жртви. Библијата ги опишува жртвените приноси на Каина и Авела. Каин донел градинарски плодови додека Авел донел јагне. Новиот завет се осврнува на нивните жртви со овие значајни зборови: „Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, отколку Каин“ (Евреите 11,4). Зошто таа била „подобра“? Затоа што била принесена со вера во идната Жртва на Голгота каде што Божјето Јагне ќе се принесе себеси како единствен Заменик за човекот.

Библијата кажува дека „верата доаѓа од слушањето на проповедите“ (Римјаните 10,17). Авел требало прво да чуе за потоа да може да ја изрази својата вера. Упатствата и објаснувањата морале да бидат дадени пред принесувањето на жртвата. Без сомнение, Адам ги учел своите синови дека верата е услов за стекнување на Божја милост. Првото јагне на Авела и сите подоцнежни жртви биле симбол на „само една Жртва за гревовите“, предвидена за откуп на целиот свет „со приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш“ (Евреите 10,12.10).
Потполно е разбирливо што животинските жртви не можеле наполно да ја изразат вистината дека духовната и физичката смрт се последица на гревот. Тие не можеле „да ги усовршат оние, кои пристапуваат“ кон Бога (Евреите 10,1).

Физичката смрт е природна последица на духовната смрт. Во мигот кога Адам згрешил, почнала неговата духовна смрт, зашто гревот го одвоил од Бога како извор на животот. Неговиот физички живот бил привремено поштеден за да има прилика да го прифати големиот дар на Божјата милост. На крај Адам морал и физички да умре за својот грев.

Кога Христос дошол на Земјата како вистинска жртва за гревот, со својата смрт ја платил страшната цена на човечкото отуѓување од Бога. Неговите страдања не биле само физички. Исус бил наполно свесен за својата духовна смрт што настапувала како најужасен дел на умирањето. Неговата агонија била неопишана кога од длабината на својата душа извикнал: „Боже Мој, Боже Мој, зошто ме остави?“ (Матеј 27,46).

Исус ги издржал маките на нашата смрт за ние да ја запознаеме радоста на неговиот живот. Но тој дури и во смртта бил победник. Неговата смрт била наша смрт. Со својата смрт и воскресение го отворил патот во животот. Неговата жртва на Голгота го помирила светот со Бога. Таа ѝ дала сигурност на целата вселена дека еден ден гревот засекогаш ќе биде отстранет.

Исус умрел за човекот како негов заменик. Казната за сите гревови на светот на сите времиња е извршена врз Исуса. Верувајќи во Христа како човекот заменик, секој Адамов потомок и денеска може да добие спасение. Никој нема да го загуби небото поради Адамовиот грев. Исус им донел ослободување од вечната смрт на сите оние што со вера ќе ја прифатат неговата милост. Накалемувањето со вера е единствен начин да го примиме животот.

Во огнот на Божјата љубов студениот јаглен на човечкото срце се пробразува во жар на верата. Голгота е огниште на вечниот оган на Божјата милост. Јован Крстителот рекол: „Еве го Јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1,29) Верата е гледање, а животот соединување со Христа. Да гледаме во Христа за да живееме!