26.1. Обвинет за надевањето

26.1. Обвинет за надевањето

„Ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал… Но ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените.“

1. Коринќаните 15,16.20

Аголен камен и главен потпирач на апостолското проповедање била Христовата победа над гробот и смртта. Уште од самиот почеток, „апостолите, пак со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа“ (Дела на апостолите 4,33). Сведочењето на Христовото воскресение влевало доверба и надеж во вечен живот.

Поради надежта во воскресение на мртвите апостол Павле бил фатен во Ерусалим. Евреите сакале „да го убијат“. Павле навистина би бил и каменуван да не го спасил заповедникот на ерусалимскиот гарнизон на римската војска, Клаудиј Лисие. Дури на негова интервенција Евреите „престанаа да го бијат Павла“ (Дела на апостолите 21,31.32).

Со спасувањето на апостол Павле од рацете на разјарените Евреи Клаудиј Лисие влегол во христијанската историја. Не знаејќи од почеток за што станува збор, Лисие го оковал Павле и дури тогаш „праша: кој е тој и што направил?“ (Дела на апостолите 21,33). Потоа ги повикал и еврејските старешини: „сакаше да узнае во што всушност го обвинуваат Јудејците“ (Дела на апостолите 22,30).

На тој собир на највисоките претставници на свештенството и на римската власт Павле рекол поради што е обвинет и уапсен. Извикнал: „За надеж во воскресение на мртвите ми се суди!“  (Дела на апостолите 23,6).

По ова испитување, Клаудиј Лисие го упатил Павле кај судијата Феликс во Ќесарија со следниот извештај: „Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се јавив со војска и го одзедов… Дознав дека го обвинуваат по прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужувал смрт или окови“ (Дела на апостолите 23,27.29).

Меѓутоа, судијата Феликс намерно одолговлечувал да го ослободи Павле. По две години него го заменил судијата Фист. При повторното судење, претставувајќи му го на царот Агрипа, судијата Фист рекол дека обвинението на Евреите зборува „за некој си Исус, Кој умрел и за кого Павле тврди дека е жив“ (Дела на апостолите 25,19).

„За таа надеж, царе Агрипа, ме обвинуваат Јудејците“ (Дела на апостолите 26,7), му се обратил Павле на царот кога добил дозвола да се брани. Павле со длабоко уверување изјавил не само дека Исус е жив, туку и дека тој лично го видел.

Агрипа II бил правнук на Ирод Велики. Иако пораснал и бил образован во Рим, добро ја познавал религијата на Евреите и нивните верски расправи. Меѓутоа, за Фист како Римјанин сето тоа било ново и непознато. Историјата на својата средба со распнатиот и воскреснат Христос Павле ја почнал со прашањето: „Зарем вие мислите дека не може да се верува оти Бог воскреснува мртви?“ (Дела на апостолите 26,8).

Павле бил сведок и неговото сведоштво било силно. „Посред бел ден, царе“, сведочел Павле, „на патот видов светлина, посилна од сончевата светлина, која ме огреа од небото мене и овие, што одеа со мене“ (Дела на апостолите 26,13). Овој податок лесно можел да се провери. Уште биле живи Павловите вооружени придружници на патот за Дамаск. Но царот не барал сведоци. Немал причина да не верува. На крај Агрипа искрено му рекол на Павле: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин“ (Дела на апостолите 26,28).

Павловото евангелие било едноставно, но несоборливо излагање на она за што самиот тој бил сведок. Токму таа средба со живиот Христос, кој бил распнат и кој умрел, Павле го покренала на одлука да стане христијанин. Тоа била и темата на неговото апостолско проповедање: „Дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата“ (1. Коринќаните 15,3.4).

Пред Феликса и пред Синедрионот, пред Фиста и пред Агрипа, Павле сведочел под заклетвата: „Но ти признавам дека според учењето, кое тие го нарекуваат ерес, му служам на Бога на нашите татковци, дека верувам во сè што е напишано во Законот и во Пророците, дека се надевам на Бога, дека ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните, кое и тие сами го очекуваат“ (Дела на апостолите 24,14.15).

За овој пат и за ова надевање Павле бил не само обвинет, туку подоцна и погубен во Рим. Со својата смрт ја посведочил својата надеж во воскресение на мртвите. Павле живеел и умрел за таа надеж. Тој објавил дека воскресението на праведниците ќе се случи при второто Христово доаѓање: „Бидејќи Сам Господ со заповед, при глас на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскрес­нат мртвите во Христа“ (1. Солуњаните 4,16).

Павловото апостолско учење за воскресението на мртвите и за преобразувањето на живите праведници при второто Христово доаѓање не може да се замени со идејата за некоја етерична душа која полетува од телото со последниот здив и живее некаде во облаците. Телото е носител на животот и со неговата смрт престанува животот на целиот човек. Христовото второ доаѓање на сите праведници ќе им донесе нов живот во ново тело, воскреснато и преобразено. Тоа ќе биде прво воскресение или воскресение за живот.

Библијата кажува: „Блажен е и свет е оној, кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада години“ (Откровение 20,6).

Евреите го нарекле еретик и го обвиниле за еретичко учење за воскресението на Исуса Христа, но Павле не бил еретик туку Христов апостол. Пред своите судии на судот во Ќесарија рекол: „Им сведочам на мали и на големи, зборувајќи само за она што беа го зборувале Пророците и Мојсеј дека треба да се случи: дека Христос мора да пострада и, откако прв ќе воскресне од мртвите, на народот и на незнабошците ќе им проповеда светлина“ (Дела на апостолите 26,22.23).

Додека на Павле вистината за Христовото воскресение му била светлина на животот, на Римјаните Фист му се чинела неверојатна. „Си полудел ли, Павле“, извикнал Нероновиот претставник, „многубројните книги те довеле до лудило“ (Дела на апостолите 26,24).

Но Павле за воскресението зборувал со најдлабока логика: „Ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал… Но ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените“ (1. Коринќаните 15,16.20).

Драги пријатели, воскресението ќе биде не само ослободување од гробот, туку и победа над смртта. Тогаш ќе се „збидне зборот напишан:  Победата ја проголта смртта“ (Дела на апостолите 15,54). Надежта во победата над смртта и гробот е повредна од поминливиот живот. Таа надеж нека биде светлина и на вашиот живот!