7.4. Откритие над откритијата
„Ти си Христос, Син на живиот Бог.“
Матеј 16,16
Денеска во светот повеќе од кога и да е се расправа за личноста на Исуса Христа. Сѐ уште можат да се слушнат и различни мислења. Некои во него гледаат еден од многуте великани како што биле Буда, Платон, Заратустра, Августин или Лутер. Повеќето историчари ја признаваат неговата улога и неговото влијание во светската историја. Други пак изјавуваат дека Исус се наоѓа „во првите редови на големото семејство на вистинските Божји синови“.
Но сите тие гледишта многу се разликуваат од вистинското евангелско гледиште. Исус е не само голем човек, туку и Откупител на светот. Тој е „Учител дојден од Бога“, како што го нарекол кнезот Никодим, членот на Синедрионот. Тој навистина бил Учител – најголем од сите учители. Но Тој е многу повеќе отколку само „Учител дојден од Бога“. Тој е Бог „откриен во тело“. Ниту една друга библиска вистина нема поголема важност од оваа.
Матеј во своето Евангелие го бележи Христовиот разговор со учениците за неговото божествено потекло. Тоа било во Ќесарија Филипова, во северна Палестина.
Ќесарија Филипова била еден од најубавите градови на Истокот. Кратко пред Христовото раѓање градот го обновил цезарот Август и му го дал како подарок на Ирод Велики. Тогаш Ирод, во чест на цезарот, изградил храм од светликав мермер. Иродовиот син Филип продолжил да го разубавува градот. Градот бил слика на величеството на Римската империја.
Ќесарија заземала важно место во старата израелска историја. Овој град бил познат како главно упориште на незнабожечкото идолопоклонство на богот Вал. Токму на такво место Господ Исус ги довел своите ученици за подобро да ја сфатат својата должност кон незнабошците. На таа сцена на празноверието на стариот свет и на горделивоста на тогашната римска моќ, Исус од своите ученици побарал одговор на најсудбоносното прашање кое кога и да е им е упатено на луѓето: „За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?“ Старешините на еврејската црква во Ерусалим биле полни со омраза кон Исуса. Исус знаел дека тие бараат да го убијат. Затоа сакал своите ученици да ги приготви за настаните што ќе се одиграат наскоро. Одговарајќи на Исусовото прашање, учениците почнале да го повторуваат сето она што го слушнале од разни страни и на различни места. Некои зборувале дека Исус е Јован Крстител, други го сметале за пророк Илија, а некои во него го гледале пророкот Еремија.
Луѓето што Исус ги подготвувал да ја однесат неговата наука во сите краишта на светот требало да бидат цврсто уверени во Исусовото божество. Продолжувајќи го разговорот за тоа, Исус ги прашал: „А вие, што мислите, кој сум Јас?“ (Матеј 16,15) Исус не им рекол кој е Тој; сакал тие сами да ја откријат тајната на неговата личност врз основа на своето сопствено осведочување.
Сѐ во животот зависи од одговорот на ова Исусово прашање. Вистинско познавање на Исусовата личност се стекнува од Божјата реч, врз основа на лична средба со Христа, а не според туѓо кажување.
Петар без колебање одговорил: „Ти си Христос (Месија), Синот на живиот Бог“ (Матеј 16,16). Во неговото срце немало сомневање. Тој одговор го изразувал уверувањето на сите ученици. Затоа Петар станал претставник на Христовата црква – на заедницата на сите луѓе кои признаваат дека Исус е Божји Син.
„Блажен си ти, Симоне“, одговорил Исус, „оти тело и крв не ти го открија тоа, а мојот Отец, кој е на небесата“ (Матеј 16,17).
Ова откровение може да се добие само од Бога. Петар бил готов да ја објави својата вера. Членовите на оваа малобројна група ученици, заедно со Петар, биле првите весници на евангелието и на Христовото божество.
Во посебна смисла Петар станал вратар на Христовото духовно царство. Иако се откажал од својот Господ во дворот на Кајафа, на денот Педесетница Петар во својот говор му ја отворил небесната врата на својот народ изнесувајќи ја трогателната вистина за распнатиот и воскреснат Господ.
Во десеттата глава на Делата апостолски повторно го гледаме Петар како отвора една друга врата, но сега не повеќе на својот народ, туку на незнабошците, крштавајќи го римскиот капетан Корнелиј со целото негово семејство. Подоцна, на соборот во Ерусалим, Петар широко му ја отвора вратата на Црквата на целиот незнабожечки свет (Дела на апостолите 15,14).
Разговорот во Ќесарија Филипова претставува пресвртница во развојот на христијанството. Учениците го признале Исуса како Божји Син и Бог кој се јавил во тело. Во овој град, толку значаен во еврејската историја, Исус од своите ученици добил признание што ќе се објави во сите краишта на светот: Божјиот Син, Исус, а во неговата личност откриен Отецот, Бог толку го љубел „светот, што го даде својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16). Оваа радосна вест за спасението во својот центар го имала Исуса, неговата личност и неговото дело.
Во Ќесарија Филипова светот добил одговор на прашањето кој е Исус. Одговорот на Петар всушност бил Божји одговор. Бог проговорил со својот глас преку вдахновениот Петар. Не поминале ниту шест дена а небесниот Отец повторно проговорил на Гората на преобразувањето, но сега со свој глас. Петар, Јаков и Јован слушнале зборови од небото: „Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!“ (Лука 9,35)
Тоа е небесниот одговор на сите претпоставки за Исусовата природа. Тоа е радосен глас за спасението на секоја душа што ќе го признае Христа за свој божествен Спасител. Сѐ зависи од нашиот одговор на Христовото прашање: „А вие, што мислите, кој сум Јас?“
Да одговориме како и Петар: „Ти си Христос, Син на живиот Бог“.