12.4. Послушен до смрт

12.4. Послушен до смрт

„И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.“

Лука 22,43

Гетсиманија била градина на послушноста а не на бунт, градина на Божјата волја а не на човечката. Во тоа се разликувала од Едемската градина, градината на човековата непослушност. Гетсиманија ја открива стравотијата на гревот повеќе од најгрешните градови на стариот свет, Содом и Гомора. Во таа градина Христос „Иако беше Син, Тој се научи на послушност“ (Евреите 5,8).

Во Гетсиманија Исус уште еднаш ја потврдил својата решеност да ја прими на себе кривицата за нашата непослушност. Осудата не можела ни да се намали, а камо ли да го заобиколи дури ни тогаш кога Синот на Бесконечниот Бог, свртен со лицето кон земјата и оросен со крвава пот, се молел: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како Ти“ (Матеј 26,39).

Во Гетсиманија Исус докажал дека бил готов да умре за човекот „страдајќи несправедливо“ (1. Петрово 2,19). Во таа стара маслинова градина Исус покажал совршена послушност. Иако бил еднаков со Бога, во Гетсиманија најдобро се видело дека „иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; но сам себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; сам себе се понизи, послушен сè до самата смрт, смрт на крст“ (Филипјаните 2,6-8). И сето тоа го сторил „оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2,21). Христовите траги се траги на послушност што на патот до Голгота поминале низ Гетсиманија.

Онаа последна пасхална ноќ во Горната соба во Ерусалим, Исус го цитирал пророштвото на пророкот Захарија: „О, мечу, подигни се против Мојот пастир и против Мојот ближен, вели Господ Саваот: порази го пастирот и овците ќе се распрснат!“ (Захарија 13,7). Ова пророштво го применил на себе. Тој знаел дека во Гетсиманија ќе го снајде нешто полошо отколку што е човечкиот гнев и исмевање; Тој очекувал таму поради нас да биде „поразуван, казнуван и понизуван од Бога“. Тој знаел дека Бог него, „својот другар“, „кој не знаеше за грев, Он место нас Го направи грев“ (2. Коринќаните 5,21).

Тоа била основната причина што Исус во Горната соба со тажен глас рекол: „Смртно е нажалена Мојата душа“ (Матеј 26,38). Тоа бил последен одглас на Давидовото пророштво за тој миг: „Тагува душата моја во мене… сите Твои води и Твои бранови навалија на мене“ (Псалм 42,6.7).

Нас засекогаш би нè оборил ударот само на еден бран, но врз Исуса се урнале сите бранови на Семожниот. Вселенскиот океан на Божјиот гнев против гревот и непослушноста го удирал Божјиот Син како наш Заменик. Ниеден бран на Божјиот презир спрема злото што го нарекуваме грев не се запрел пред неговите нозе.

Од Горната соба Исус излегол со химна кон Бога на своите чисти усни, а во Гетсиманија ја заменил со чаша на горчина, болка и жалост. Во Гетсиманија, градина на послушноста, Исус доброволно пател заради Адамовата непослушност во Едем. Сите гревови на светот се ставени врз неговите плеќи. Планината на сите гревови на светот се урнала врз него.

Под тежината на гревот Исус потонал во најцрна темнина. Овие гревови не биле негови; тоа се гревовите на светот. Притисокот на проклетството на гревот го кршел однатре како самиот Тој да бил проклет. Гетсиманија за него била стварност. Тоа не било симболичко застапување на убијци, развратници, насилници, ограбувачи и измамници. Ниеден грев не бил изземен од товарот на неговата душа.

Исусовата човечка природа потклекнувала под ужасното чувство на кривицата за гревот. Нему гревот му бил најодвратна појава во вселената, па сепак морал себеси да се изедначи со најголемите грешници. Но Христос не е наречен грев затоа што уживал во него, туку затоа за да го разоткрие и да го уништи. Тој не го поделил гревот со нас, туку го понел наместо нас. Тоа го сторил со цел никогаш повеќе во вселената да не се појави грдото лице на гревот и злото. Тоа е пораката на Гетсиманија.

Иако сите Евангелија ја опишуваат стравотијата на Христовата борба со гревот во Гетсиманија, Лука, кој бил лекар, додава уште еден податок: „Бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата“ (Лука 22,44). Поткожните капилари биле до таа мера проширени и станале пропустливи, што од неговото лице капела пот помешана со крв. Во мигот кога Исус веќе скоро издивнувал, „му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше“ (Лука 22,43). Но ангелот не дошол да ја земе од Исусовите раце чашата на Божјиот гнев против гревот, туку да го охрабри да ја пие, уверувајќи го во љубовта на Отецот. Тој дошол да му ја врати силата на божествено-човечкиот Страдалник во Гетсиманија.

Уште еднаш Исус се молел: „Оче Мој, ако не може да одмине од Мене оваа чаша, да не ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“ (Матеј 26,42) Исус требало да ја вкуси смртта поради гревот на сите луѓе. Врз него паднале сите смртни сенки и го чекал отворен гроб. Тој ја запознал сета стравотија на одвојувањето од Бога.

Сепак, Исус не се молел како некој кој во борба со посилен е срушен на колена. Неговата молитва не била беспомошно препуштање на околностите. Тоа била молитва на доверба и преданост, на послушност и верност. Тој бил Божји Син и Син човечки. Како Божји Син Исус ја прифатил волјата на својот Отец; како Син човечки бил биен наместо нас. Лежејќи ничкум на студената земја, напуштен и отфрлен, морал сам да им преодолева на налетите на силите на темнината. Само ноќната роса капела како солзи на сочувство на природата кон својот Творец.

Исус стигнал до таа точка од која немало повеќе враќање. Со треперливи раце ја принел горчливата чаша кон своите усни и ја испил до дно.

Зошто го сторил тоа? И што значи Гетсиманија? – Таа е градина на послушноста. Во неа била добиена битката за човекот. Сите интелигентни суштества во вселената виделе колку е гревот одвратен во Божјите очи. Кога Исус се вратил кај своите ученици, тие спиеле.

Исус сето тоа го поднел во Гетсиманија не заради добрите луѓе, туку заради лошите. Тоа не го сторил за праведниците туку за грешниците. Гетсиманија станала градина на послушноста и на надежта. Само љубовта дава толку. Само Бог толку прави што „Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен“ (Јован 3,16). Гетсиманија нека нè вдахне со Христовата вера и послушност!