10.2. Вистински постар брат

10.2. Вистински постар брат

„Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“ 

Mатеј 9,12.13

Исуса ништо не го болело толку колку несреќата на еден разорен дом. Неговото царство на милоста се темелело на несебичната братска љубов. Тој дошол повторно да го состави семејниот круг и да ги врати кај Отецот неговите загубени синови и ќерки. Со својот расказ за загубениот син Исус пред нетрпеливите верски водачи на своето време го ставил огледалото на својата милост кога рекол: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“ (Матеј 9,12.13).

Повеќе надеж има од еден пропаднат, злогласен грешник, отколку од еден тесноград, љубоморен „правед­ник“. Некој може да биде исправен надворешно, а внатрешно потполно да биде отуѓен од луѓето, па дури и од својот роден брат. Кога некој нешто ќе украде, може да биде осуден на затвор, но ако истиот е лошо настроен и со тоа ја краде детската радост и семејната среќа, останува на слобода иако кражбата на некои работи може да биде многу помалечко злосторство од љубоморната, незадоволна и избувлива природа. Во расказот за загубениот син постариот брат е слика на едно лице што може со нас да живее со години одземајќи го мирот и среќата на целиот дом.

Иако постариот син од расказот бил беспрекорен пред светот, тој, како и неговиот помлад брат, мислел само на себе. Она што го сторил помладиот правејќи зло, постариот го сторил правејќи „добро“. Обајцата се оградиле од својот татко со ѕид на себичност. Постариот горделиво му рекол на таткото: „Никогаш не престапив ниту една твоја заповед“ (Лука 15,29). Меѓутоа, неговото одвојување било далеку побезнадежно затоа што поради самољубието не можел да ја сфати својата вистинска состојба и потреба. Со својот расказ Исус покажал дека нас од Бога може да нè одвои не само порокот, туку и една особина што е плод на непреродената природа.

Односот на фарисеите кон другите и односот на постариот брат кон помладиот биле сушта спротивност на Христовиот. Кој можел да биде среќен покрај еден студен, себичен и избувлив фарисеј каков што бил постариот брат? Поради таквиот немилостив однос на фарисеите дури и спрема своите најблиски, Исус не можел да го раскаже расказот за загу­бениот син онака како што сакал. Истиот расказ би можел да биде посреќен, да има ист почеток: „Еден човек имаше два сина“ (Лука 15,11), но продолжението и крајот да гласат поинаку, приближно вака:

„Помладиот син го побара својот дел од имотот и го доби. По неколку дена отиде во далечен свет. Поминуваа денови и месеци, но тој никому не му се јави. Срцето на неговите мили во домот ги притискаа тага и жалост. Една ноќ, неговиот постар брат, додека се враќаше од соседниот град, виде светлина во домот и си помисли дека мајка му се разболела. Го натера коњот во галоп, но набргу утврди дека светилката не гори во собата на мајка му, туку на катот, во собата на неговиот загубен брат. ’Се вратил дома!’, си рече и потрча по скалите со цел што побргу да го прегрне.

Кога ја отвори вратата, светилката беше запалена, постелата наместена, но собата празна. Братот го немаше. Разочаран, постариот брат седна крај постелата и со часови размислуваше припомнувајќи си за сите жалосни денови по заминувањето на својот брат.

Кога осамна, слезе на појадок. Беше ненаспан, но решителен. Ќе им каже на родителите каква намера има. Крај трпезата раскажа што се случило синоќа и како во своето одушевување брзал прескокнувајќи по неколку стапала на скалата со надеж дека ќе го види брата си. Обраќајќи ѝ се на мајка си, ѝ кажа: ’Сигурен сум дека ти си ја запалила светилката‘.

’Да, сине‘. потврди мајка му со очи полни со солзи. Потоа продолжи со треперлив глас: ’Откако отиде брат ти, секоја ноќ во неговата соба гори светлина. Сакав мојот мил син да знае дека секогаш со копнеж  го очекуваме да се врати!‘

Тогаш постариот син се сврте кон татка си и рече: ’Татко, пред неколку дена те видов како од ритчето гледаш кон патот по кој замина брат ми. Забележав дека плачеше додека клечеше на молитва. И јас плачев додека ја орав нивата. Не можам да издржам повеќе. Морам да одам и да го најдам брат ми!‘

’О сине, немој да одиш! Не оди!‘, заплака мајка му прегрнувајќи го со рацете околу вратот. ’Веќе го загубивме едниот син; не смееме да те загубиме и тебе!‘

Синот нежно ѝ ги симна рацете од вратот и гледајќи ги нејзините солзни очи рече: ‚Мајко, ние не можеме повеќе да живееме без него. Јас морам да одам да го најдам!‘ Откако ја оседна камилата, постариот брат се упати на долг, тежок и опасен пат да го бара својот брат. Повремено родителите можеа да слушнат нешто за него. Поминуваа месеци а неговото трагање беше напразно.

Еден ден, додека стариот татко гледаше на патот во далечината, му се стори дека нешто гледа. Неговото срце почна да чука од радост. ’Дали е тоа можно?!‘, извикна. ’Ми се чини дека тоа е нашата стара камила. Да, таа е! На неа се двајца! Моите деца! Тие се враќаат дома!‘

Им истрча во пресрет, повикувајќи ги попатно слугите да приготват богата вечера. Набргу куќата беше полна со радосни пријатели.

Среде најголемата веселба таткото стана да каже нешто. ’Пријатели мои‘, рекол, ’вие знаете дека секогаш го сакав мојот постар син. Никогаш не ме ожалости. Но вечерва ми е помил од кога и да е порано. Ако не беше тој, нашиот семеен круг не ќе беше целосен!‘ Тогаш се сврте кон својот постар син и му рече: ‚Сине мој! Сè, сè што имам, од денеска е твое!‘

Постариот син бргу скокна на нозе и прегрнувајќи го татко си изјави: ‚Не, татко, јас не се согласувам! Брат ми и јас разговаравме за тоа додека се враќавме дома. Тој ми рече дека се надева оти ќе го примиш како слуга, зашто не заслужил да се нарекува твој син. Но јас му реков: – Не, ти си мој брат, и сè што е мое, и твое е! За мене нема поголема радост отколку сè што имам да го делам со тебе, зашто се врати дома! – Тоа му го реков на брат ми и тоа пак го кажувам сега!‘

На сите очите им се наполнија со солзи, но тоа беа солзи радоснички затоа што двата сина и таткото повторно се соединија во семејна заедница.“

Исус сакал вака да го раскаже својот расказ за загубениот син, но тоа не можел да го стори затоа што фарисеите се граделе праведни, а одбивале да ја примат Божјата милост и да ја покажат кон својот брат.

Нашиот вистински постар брат, Исус, копнеел сите грешници да ги доведе назад на вистинскиот пат, во царството на својот Отец. Не е важно колку далеку сме отишле од него, важно е дека можеме да се вратиме. Враќањето секогаш е можно, но патот на враќањето е пат на покајание и признавање.