20.2. Време на големо разделување

20.2. Време на големо разделување

„И ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од јарците.“

­Матеј 25,31.32

Времето на големото разделување е време на второто Христово доаѓање. Сам Господ Исус Христос ги рекол овие знаменити и судбоносни зборови: „Кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од јарците“ (­Матеј 25,31.32).

Божјиот суд е непристрасен, оправдан и разбирлив. Како пастирот што ги разделува овците од јарците, така Бог ќе ги раздели праведниците од неправедниците. Тој рекол како највисок Судија: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Езекиел 18,4), зашто „гревот, извршен, раѓа смрт“ (Јаков 1,15). Тоа е во согласност со Божјата љубов и со неговото сфаќање на правдата.

Кога е во прашање толку сериозна работа како што е разделувањето на сите народи пред лицето на Семожниот, единствен сигурен извор на сознание е Божјата реч. Мораме да се ослободиме од секое цитирање на незнабожечките или еврејските апокрифни учења и објаснувања. Во нашето верување не смее да се заплетка ниедно мислење што не е цврсто засновано на Библијата.

Според Божјата реч, сите луѓе мора да дојдат на Божјиот суд, но до денеска ниту ангелите ниту луѓето не примиле казна за своите престапи. Мнозина мислат дека праведниците и грешниците веднаш по смртта го примаат она што го заслужиле, но Библијата го тврди токму спротивното.

Големото разделување на сите народи претстои дури во иднина – при второто Христово доаѓање. Денот на славата ќе биде исто така и ден на „гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога, кој секому ќе му даде според неговите дела“ (Римјаните 2,5.6). Библијата јасно учи дека едните ќе добијат „живот вечен – слава, чест и бесмртност“, а другите „јарост и гнев“ (­Римјаните 2,7.8). Лошите ангели денеска сè уште „пазени за судот“ (2. Петрово 2,4), како и лошите луѓе кои исто така се чуваат „за судниот ден“ (2. Петрово 2,9). Дури при второто Христово доаѓање тие ќе ја слушнат страшната пресуда: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели“ (Матеј 25,41).

Тоа не се случува секојпат кога некој ќе умре. Тоа Ќе се случи дури кога Христос ќе дојде во својата слава. Пред Божјиот престол апостол Јован гледа во видение „мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги… и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според нивните дела. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои“ (Откровение 20,12.13).

Зборот „пекол“ што се употребува во текстовите на Стариот и Новиот завет е превод на грчкиот збор „хадес“, што всушност значи „гроб“ или „место на мртвите“. Со зборот „пекол“ исто така се преведува грчкиот збор „гехена“ (еврејски: Долината Хинон“), што значи „огнено езеро“. Дали „пеколот“ навистина значи бескрајно мачење во неискажани маки? Дали потоа „мачениците од пеколот“ ќе го наследат рајското блаженство?

Учењето за вечни маки во пекол не е во согласност со библискиот поглед на човековата природа. Библијата ни кажува дека човекот во почетокот е создаден смртен а не бесмртен. Ниту во еден текст во Библијата душата не се нарекува бесмртна. Ниту во Стариот ниту во Новиот завет нема ниту еден збор за тоа дека човекот или неговиот дух е бесмртен. Напротив, во Книгата на Јов читаме за човековата смртност: „Зар човекот е поправеден од Бога? И почист ли е од својот Создател?“ (За Јов 4,17). Библијата кажува дека само Бог има бесмртност: „Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, кого никој од луѓето не го видел, ниту може да Го види. Нему нека Му е чест и слава во сите векови“  (1. Тимотеј 6,16).

Мнозина веруваат дека Бог човекот го создал бесмртен така што ни самиот не може да го уништи. Дали затоа Бог решил човекот вечно да го мачи во пекол? Со олеснение и со радост можеме да кажеме дека таквото верување е наполно спротивно на Светото писмо, на апостолите и на самиот Исус Христос. Апостол Павле учи дека смртта е конечно уништување на целиот човек кога кажува: „Оти, платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6,23).

Според Божјата реч, постои казна и големина на казната, но во никој случај пресудата на Божјиот суд не е поправна мерка. Казната е неотповиклива и конечна. Исус со болка, но и јасно рекол: „Кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе биде врз него“ (Јован 3,36). Кога Христос зборува за пеколот, тогаш Тој зборува за смртта на целиот човек: „Не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку бојте се повеќе од Оној, кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!“ (Матеј 10,28). За смртта на душата не можеме да зборуваме без солзи во срцето и без болка во гласот.

Времето на големото разделување при второто Христово доаѓање е време на повикување на одговорност на секого за сè што сторил во животот. Гревот е страшна работа како и казната за гревот. Мнозина уште сега, на овој свет, примаат плата за своите недела и за злосторствата, но тоа не е сè. Земната правда може да се избегне со самоубиство, но сепак мора да се застане пред Божјиот суд. Библијата недвосмислено кажува: „Како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд“ (Евреите 9,27). Во времето на второто Христово доаѓање секој ќе добие според заслугата, бидејќи „што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6,7).

Спасувањето на градовите Содом и Гомора претставува слика на дејството „на вечниот оган“. Казнувањето на овие, по зло познати градови, не траело долго иако Библијата кажува дека овие градови „беа накажани со вечен оган“ (Јуда 7). Уште повеќе, пророкот Еремија кажува дека Содом „беше срамнет за миг, и раце човечки не се допреа до него“ (Плачот на Еремија 4,6). Вечниот оган и сулфурното огнено езеро во кое се нашле овие грешни градови не значи дека тие и сега горат. „Вечниот оган“ е вечен по резултатот а не по траењето.

Тогаш како може човекот, како што сме ние, неправеден и осуден, да ја одбегне осудата и да се најде на Христова страна во времето на големото разделување на сите народи? – Патот е едноставен и за сите достапен: „Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш“ (Дела на апостолите 16,31).

Ако веруваме во Христа, Бог е готов да ни ги прости сите наши гревови и да ни додели живот и бесмртност. Денеска е време на одлука. Од нашата денешна одлука зависи Божјето големо разделување во иднината. Да кажеме со апостол Петар: „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда“ (2. Петрово 3,13).