14.3. Крстот како победа

14.3. Крстот како победа

„Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата, дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата.“

1. Коринќаните 15,3.4

Победничкиот извик на крстот гласел: „ТЕТЕЛЕСТАИ“, што значи: „СЕ СВРШИ!“ Овој драматичен извик од Голгота одекнал и на небото и на Земјата и стигнал до Божјиот престол, објавувајќи дека Христос е победник. Така на крстот Божјата правда и милост се прегрнале. Казната за гревот била извршена и правдата задоволена. Сега Божјата милост можела Христовите заслуги да му ги засмета на секој грешник што ќе поверува во него. Бог можел да погледне на Жртвата што издивнувала на крстот и да каже: „Се сврши! Човечкиот род има уште една прилика да застане на страна на правдата“.

Тоа бил глас на победата! Веста за најголемиот настан на сите времиња одекнала од галаксија до галаксија, од грешниот свет до безгрешните светови во вселената. Христовиот победоносен извик ја урнал тиранијата на гревот и го разобличил изумителот на злото. Цената за човечкото избавување е платена. Сатаната како молња паднал од небото. Во вселената се заорила победоносната химна: „Достоен е закланиот Агнец да ја прими силата и богатството, премудроста и моќта, честа, славата и благословот!“ (­­Откровение 5,12)

„Се сврши!“ биле последни зборови на големата молитва за спасението на светот што почнала со молбата: „Оче, прости им!“ Таа проникнала во гробовите на оние што изумреле со надеж во вечен живот. „Гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа“ (Матеј 27,52). Тоа биле првите плодови на победата на крстот.

Извикот „Се сврши!“ го запрел времето и одекнал далеку во минатото објавувајќи дека Бог го проштава секој грев за кој човекот се покајал и побарал проштавање уште од времето на првиот човечки пад. Потоа одгласот на овој извик пошол во иднината да ја објави истата славна надеж во проштавање на сите што ќе живеат до второто Христово доаѓање во слава. Христовото воскресение станало славен венец на главата на Победникот, и крстот станал победа а не пораз.

Љубовта нашла пат за спасението на човекот уште пред да бидат положени темелите на Земјата. Тој пат одел преку Голгота. Договор за тоа веќе постоел меѓу Отецот и Синот, и планот за спасение на човекот од смртната опасност уште тогаш веќе бил создаден. Знаејќи дека Адам ќе згреши, Бог го подготвил патот на спасението. Последните зборови од крстот покажуваат дека Исус бил свесен оти со својата смрт го исполнил заветот што го дал.

Христос со својот крст го овозможил проповедањето на евангелието. Науката на апостолите не била ниту филозофија ниту психологија, туку силна спасоносна вистина. Апостолите не го проповедале распнувањето, туку Христа кој е распнат и воскреснал, кој се вознел на небото и кој пак ќе дојде. Нивната вест го потресла „сиот свет“ (Дела на апостолите 17,6) на незнабожечката Римска империја.

На своите пријатели во Коринт апостол Павле им напишал: „Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата, дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата“ (1. Коринќаните 15,3.4). Оваа вест била прва и најважна вест што апостолот му го проповедал на целиот тогашен свет. Христовиот крст е забоден над најголемата толпа на гревот и нема ниту еден грешник чиишто гревови не ги наткрилува Божјата милост.

Христовата праведност му се нуди и на најголемиот грешник.

Христовата смрт и воскресение им овозможиле на првите христијани да го видат животот во наполно нова светлина. И ние денеска, по дваесет векови, можеме да го разбереме значењето на Христовата победа извојувана на крстот. Кога на Голгота ѓаволот би успеал да го победи Божјиот Син, светот би бил изложен на уништување. Но, кога на крстот е добиена последната битка против гревот и непослушноста, царството на сатаната ја загубило силата.

Кога Христос извикнал: „Се сврши!“, го истерал ѓаволот не само од небото туку и од срцето на сите небесни жители. Во тој миг конечно е симната маската од лицето на сатаната и разоткриен е неговиот злосторнички карактер. Сатаната бил тој кој сковал заговор против Христа, го приготвил неговото предавство во Гетсиманија и го поттикнувал мачењето и распнувањето на Божјиот Син. Бидејќи сè му поаѓало од рака, не успеал на време да сфати зошто Бог бил толку стрплив. Било доцна кога сфатил дека Бог го разобличил со тоа што му дозволил да ја покаже сета своја свирепост. Божјите ангели биле обземени со ужас кога виделе дека еден од нивните редови паднал толку длабоко што можел да стори такво ѕверство над невиниот Божји Син. Со Христовиот последен извик кај нив згаснало и последното чувство на сомилост кон некогашниот ангел.

Христовиот крст ја обелоденил сета грдост на карактерот што го криел сатаната во себе. Злосторството кон невиниот Божји Син било толку гнасен грев вперен против целата вселена, што сите негови жители се згрозиле од ужас. Ѓаволот ја подигнал раката и го убил Оној над кого немал никакви права, и тоа конечно потполно го разобличило.

За човештвото од тој миг почнала нова ера и отворен е нов пат на животот. Христовото „Се сврши!“ било сигнал дека невидливата рака ја раскинува завесата во ерусалимскиот Храм и дека на сите им отвора директен пристап кон престолот на Божјата милост. Божјата слава станала достапна за сечиј поглед и не ѝ бил повеќе потребен посредник од редовите на свештениците. Со тоа е отворен „нов и жив пат“ (Евреите 10,19) за сите луѓе без разлика. Секој грев може да биде простен ако грешникот директно му се обрати на Исуса Христа во молитва, ако се покае и ако престане да прави зло.

За време на Втората светска војна, по бомбардирањето на еден град, спасителите четири дена и ноќи претражувале една срушена зграда барајќи ги несреќните. Кога на крај си помислиле дека повеќе нема никој жив под урнатините, слушнале слабо плачење на дете. Во прв миг не можеле да поверуваат дека некој би можел да го преживее студот и гладот, уште помалку некое дете. Па сепак, токму тоа се случило! Кога го пронашле и го спасиле, детето било уште свесно, иако настинато и изгладнето.

„Тоа беше чудо на мајчинската љубов“ раскажувал еден од спасувачите. „Детето беше заштитено со телото на својата мајка која во мигот на опасноста се фрлила врз него и го засолнила. Кога зградата паднала, таа го примила ударот, но под нејзината заштита нејзиниот малечок син останал неповреден!“

Оваа храбра мајка го жртвувала својот живот за да го спаси своето дете. Но Бог се жртвувал самиот себеси за да ги спаси своите непријатели – оние што го мразеле. „Но Бог ја покажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5,8). Кога е така, зошто и ние да не живееме за него денеска и секогаш?