24.4. Небесните клучеви на Земјата

24.4. Небесните клучеви на Земјата

„Неговата глава со косата беше бела, слична на бела волна, слична на снег; неговите очи беа како пламенен оган.“

Откровение 1,14

Книгата Откровение или Апокалипса претставува единствена книга меѓу сите книги на Библијата. Таа е книга од Христа, но и за Христа; минато на Црквата, но и нејзина иднина; книга упатена на Црквата, но наменета за цел свет. Таа во целост и во подробности е „откровение на Исуса Христа, кое му го даде Бог, за да им го покаже на слугите свои она што треба да стане скоро. Тој го најави тоа испраќајќи го својот ангел на слугата свој Јован“ (Откровение 1,1).

Христос од Откровението не е повеќе оној презрен и отфрлен Учител од Галилеја. Кога Јован го видел во видение на островот Патмос, Исус бил облечен како Цар и Првосвештеник. Сепак, во небесниот Цар Јован го препознал Синот човечки. „Неговата глава со косата беше бела, слична на бела волна, слична на снег; неговите очи беа како пламенен оган“ (Откровение 1,14).

Но, иако сега бил во небесна слава, Исус сè уште бил оној ист како кога бил на Земјата со своите ученици. Повторно својата пријателска рака ја ставил на рамото на својот остарен и исплашен слуга. Јован вели: „Тој ја стави Својата десна рака врз мене и ми рече: ’Не бој се!‘“ Со ова движење Исус всушност ја ставил својата десница на рамото на својата Црква. Раката на рамото е знак на длабока љубов и пријателство, на заштита и поврзаност. Неговите зборови сведочеле за неговата божествена моќ: „Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови. И ги имам клучевите од адот и смртта“  (Откровение 1,18).

Каква утешна вест за Јована и за Црквата! Сите апостоли веќе биле во своите гробови и мноштво маченици го дале својот живот за Христа. Клучевите од нивните гробови биле во Христовите раце. Клучевите, како симбол на небесното царство, се Христовите зборови.

Во Христовите денови фарисеите го држеле клучот на знаењето. Исус со причина им го зел: „Го зедовте клучот на познанието; сами не влеговте, а и на оние што сакаат да влезат, им попречивте“ (Лука 11, 52).

Клучна вистина на вечниот живот е вистината за Христовата откупителска жртва на крстот и за првосвештеничката служба во небесното Светилиште. Единствено Христос со својот клуч ја отвора вратата на своето царство. Тој рекол: „Не секој што Ми вели: ’Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен…. И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен“ (Матеј 7,21-24).

Земајќи ги клучевите на своето царство – клучевите на знаењето – од рацете на формалистите на своето време, Исус ѝ ги предал на својата Црква таа да им ги раздели на сите луѓе што сакаат да влезат во неговото царство. Но луѓето не можат да влезат во Христовото царство „учејќи науки, што се човечки повелби“ (Марко 7,7).

Клучевите на знаењето Исус ѝ го предал на својата Црква а не на Петар како поединец кога рекол: „Ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство“ (Матеј 16,19). Во ерусалимската црква прв авторитет бил апостол Јаков. Нему Петар му поднел извештај за обратувањето на незнабошците во Ќесарија, но ниту Јаков ниту Петар не биле сопственици на клучевите на Божјето царство. Уште повеќе, апостол Павле еднаш воочил дека Петар не оди „според евангелската вистина“ (Галатјаните 2,14). Клуч на вистината на евангелието била вистината за спасението „преку верата во Христа Исуса“, а не „преку делата на Законот“ (Галатјаните 2,16). Овој клуч бил своина на целата Црква, а не само на еден човек.

Тој час во рацете на Петар не биле вистинските клучеви на Божјето царство. Павле го открил фалсификатот и Петар ја признал својата кратковидост. Небото не можело да се отвори со клучот на Петар според „делата на законот“, туку со верата Христова. Само верата во Христа можела да ги одврзе сите оние што ги врзал гревот. Црквата ги одврзувала синџирите и заблудите на гревот со проповедањето на Христа и ги „врзувала“ обратениците како житни снопови за Христа и за неговото царство. Само во таа смисла Христос ја овластил својата Црква: „Што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“ (Матеј 16,19).

Кога апостолите пошле во светот да проповедаат, требало да ги научат новите обратеници да „пазат сè“ (Матеј 28,20) што учел Христос а не луѓето. Апостолите не биле овластени да „врзуваат“ и да „одврзуваат“ ништо што е надвор од Христовото учење. Кога би ја менувале Христовата наука, тоа би значело дека божествената власт ја заменуваат со човечка власт и Божјата реч со човечка реч. Но апостолите добро внимавале да не го прават тоа. И денеска должност на христијанските учители е да „врзуваат“ и да го учат само она што доаѓа од небото – Божјата реч. Христовата чиста наука е вистинскиот клуч за вистинската врата во рацете на неговата Црква.

Непочитувањето на ова Христово завештание ја довело Црквата во деновите на мрачниот среден век, кога цивилизацијата се наоѓала на претсмртна постела, кога анти-библиските доктрини со својот поклопец ја поклопиле светлината на вистината, кога цутеле разединетост, секташтво и ерес и кога црковното мнозинство го гонело малцинството.

Но наспроти сите свртувања, наспроти расколот и отпадот, Црквата живеела. Клучевите на знаењето и вистината не можеле да се стават под бравата. Вистинската Христова црква е уште тука, уште е жива и силна, со мноштво вистински верници. Клучевите на Црквата, клучевите на вистината и знаењето, денеска се наоѓаат во рацете на оние што „ги пазат заповедите Божји и верата во Исуса“ (Откровение 14,12), и кои го чекаат „блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос, Кој се даде самиот Себе за нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да нè очисти, та да Му бидеме народ избран, ревностен кон добри дела“ (Тит 2,13.14).

Ризниците на божествените благослови се отвораат со клучевите на Божјата реч. Божјата реч е вистински извор на животот на Црквата. Проповедањето на евангелието, соборите и богослуженијата, молитвите и заедницата на светите се потоци на жива вода што ги напојува душите и ги чисти срцата. Псалмистот рекол: „Речните потоци го веселат Божјиот град, Севишниот го осветли живеалиштето Свое. Бог е среде него; тоа нема да се разниша: Бог ќе му помогне уште пред зори“ (Псалм 46,4.5).

Христовата црква го издигнува Исуса Христа. Нејзина главна наука е признавање на верата во него. Кажете и вие денеска како и некогаш Грците кои биле желни за вистинскиот клуч на небесното царство: „Сакаме да го видиме Исуса“ (Јован 12,21). Исус живее во својата Црква. Неговата црква ви ја отвора вратата на неговото царство. Можете ли да кажете како Павле: „Не Го видов ли Исуса Христа, нашиот Господ?“ (1. Коринќаните 9,1) Барајте го Христа и ќе го најдете во Црквата на неговите чекатели!