15.3. Љубовта и разумот
„Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку Божји дар.“
Ефесјаните 2,4-8
Мнозина се прашуваат како може Бог да остане праведен кога ги зел гревовите од човекот како вистински виновник и ги ставил врз својот невин Син! Кога го гледаме распнатиот Христос на крст, треба да сфатиме дека Бог всушност човековата кривица ја зел лично на себе, зашто Христос е Бог во човечко тело. Со тоа Владетелот на вселената покажува љубов и милост, но и правда.
Да се сфати значењето на крстот дваесет векови по Христовото распнување не е лесно. Тоа не било лесно ни тогаш кога Христос бил распнат. Крстот има своја ширина, своја висина и своја длабина. Неговата големина можеме да ја разбереме само ако ни помогне Бог и ако нè просветли со својот Свети Дух и со својата Реч.
Големината на крстот е големина на Божјата љубов кон нас грешниците. Апостол Павле се молел на Бога за своите пријатели во Ефес да можат „да разбирате со сите светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина“ (Ефесјаните 3,18.19) на Христовата љубов. Христос со своето распнување покажал едно ново својство на љубовта што не можел да ја покаже на ниеден друг начин.
Во времето кога апостол Павле пишувал за Христовата смрт на крстот, тој не пишувал за тоа како за некоја интересна вест. Прво, тоа се случило дваесет и пет години порано, а второ, распнувањето на крст во тоа време било обичен настан. Еден римски гувернер се фалел дека само за еден ден распнал на крст повеќе од три илјади луѓе. Смртта на крст во тоа време била толку честа како денеска смртта во сообраќајна несреќа. Но во Христовата смрт на крстот има нешто исклучително. Кога ќе го сфатиме тоа, Христовата смрт за нас нема да биде само „вест“ туку „радосна вест“ за спасение.
Пред да стане христијанин, апостол Павле бил огорчен непријател на распнатиот Христос. Ние денеска пееме за славата на крстот, но за христијаните во самиот почеток на христијанската ера немало никаква слава во крстот. Тој бил симбол на срамот, на поразот и понижувањето, а за Евреите бил и тежок „камен на сопинање“. Тие биле цврсто уверени дека распнатиот Месија воопшто не може да биде Месија. Така мислел и Павле додека уште како фарисеј се викал Савле. Но како обратен христијанин и Христов апостол извикнал не еднаш: „Да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Галатјаните 6,14).
Апостол Павле станал најголем проповедник на Христовиот крст. Тој е еден од најдобрите познавачи на големината на крстот од Голгота. Иако настаните на Голгота ги гледал „како низ стакло, нејасно“ (1. Коринќаните 13,12), сепак сфатил дека тој треба да биде „распнат“, односно да биде мртов за гревот.
На Христовиот крст Павле гледал низ Божјиот закон. Дури така можел да ја сфати вистинската природа на гревот за доволно да го замрази како причина за смртта на Божјиот Син. На Христијаните им објаснувал: „Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата“ (1. Коринќаните 15,3.4).
Апостол Павле своето проповедање на Христа го темелел врз Стариот завет во кој била претскажана Христовата смрт и неговото воскресение. Исполнувањето и објаснувањето на овие пророштва ја откриле дотогаш непознатата длабина на старозаветните Писма.
Пророштвата на стариот завет зборувале дека Откупителот ќе умре и тоа не поради своите сопствени гревови, туку поради гревовите што сме ги сториле ние. Со векови пред христовото распнување пророкот Исаија објавил дека ние сме виновни за неговата смрт со зборовите: „А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме… и Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас“ (Исаија 53,5.6). Бог ја одобрил можноста на замена и пресудата што ни ја изрекол нам поради нашите гревови ја зел сам на своите плеќи. Никој во вселената не можел да замисли дека Божјата љубов е толку голема!
Христовата смрт не била некој несреќен случај. Таа била планирана и извршена како Божја „вечна намера“. Апостол Петар добро го сфатил значењето на крстот. Тој кажува дека Исус бил „предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие го фативте, го распнавте со рацете на беззакониците и го убивте“ (Дела на апостолите 2,23).
Бог го предал својот Син во рацете на беззакониците, но не ги натерал да го распнат. Тоа го сторил кнезот на темнината, ѓаволот. Крстот е негов стравичен изум; но Христос не се исплашил од смртта! Се наредил меѓу грешниците и ја примил нивната плата за гревот за потоа со указ на својата милост да може да ги ослободи од казната, но не и од послушноста на Божјиот закон.
Животот во грев значи духовна смрт. Гревот нас нè осудил на смрт уште пред да дојдеме на светот. И духовната и физичката смрт се последица на престапувањето на Божјата волја. Апостол Павле бил свесен дека никакви добри дела не можат да нè избават од осудата на Законот. А потоа, откако видел дека крстот значи победа и слава, рекол: „Но, Бог, богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нè засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживеа во Христа, и нè воскресна со Него и нè постави на небесата во Христа Исуса, за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христа Исуса, зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку Божји дар“ (Ефесјаните 2,4-8).
Дрвото на кое е прикован Христос има значење на судски документ врз основа на кој Христос со право ја одзел оваа планета од рацете на кнезот на темнината. Таму на Голгота Бог нашол начин да остане праведен: да ја потврди светоста на својот Закон, а сепак да ги спаси грешниците. За да може да го стори тоа, се жртвувал себеси во лицето на својот Син.
Христовото воскресение му дало полно значење на сè она што се случило на крстот и од крстот создало знак на триумф а не на пораз. Затоа Писмата на Новиот завет го повикуваат секого од нас: „Помирете се со Бога! Зашто Оној, кој не знаеше грев, Бог за нас го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја“ (2. Коринќаните 5,20.21).
Кога Чарлс Дарвин бил младич, уживал во песната и музиката. Но по повеќе години работа на теоријата со која се обидел да го побие извештајот на Библијата за создавањето, ја загубил смислата за песна и музика. Кога станал свесен за оваа промена, рекол: „Ако некогаш повторно би почнал да живеам, би настојувал да ја сочувам способноста на сфаќање на она што е големо и убаво во животот“.
Драги пријатели, да почнеме нов живот во нашиот Спасител, Исус. Да го отвориме срцето за звуците на небесната мусика и поезија. Бог нека нè благослови со способност да го сфатиме крстот како најголемо дело што го сторил Исус за нас и „Христовата љубов, што го надминува секое знаење“ (Ефесјаните 3,19).