20.3. Единствено време за подготовка

20.3. Единствено време за подготовка

„Му служам на Бога на нашите татковци, дека верувам во сè што е напишано во Законот и во Пророците, дека се надевам на Бога, дека ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните.“

Дела на апостолите 2,14.15

Феликс бил римски намесник и царски судија во Јудеја и во Самарија во првата половина од првиот век на нашата ера. Неговото полно име било Марко Антониј Феликс. Како ослободен роб му служел на императорот Клаудиј. Заземал висока положба во Палестина. Но неговиот карактер бил мошне низок. Се женел три пати. Неговата прва жена била Еврејка по име Друсила. Така се викала и последната – внуката на Римјанинот Антониј и на Египќанката Клеопатра.

Римскиот историчар Тацит кажува за Феликса дека како човек бил суров и дрчен, а како владетел дека владеел „со сила на еден цар а со побуди на еден роб“. Се смета дека го поттикнал убиството на еврејскиот првосвештеник Јонатан, а неколку еврејски бунтови против неговото деспостско управување задушил на свиреп начин. Изгледал неустрашив, но се исплашил пред еден сед роб во синџири. Наместо обвинетиот, се стресол судијата. Извештајот за тоа кажува: „Додека Павле зборуваше за правдата, за чистотата и за идниот суд, се исплаши Феликс и му рече: ’Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам‘“ (Дела на апостолите 24,25).

Името на апостол Павле на латински значи „малечок“, но тој имал големо срце и карактер.  Еврејски се викал Савле, но неговото римско име Павле кажува дека бил римски граѓанин. Во раното детство живеел во Тарс, град во Мала Азија. Поради својот углед и влијание, неговиот татко, иако Евреин, добил римско државјанство.

Павле се нашол во затвор во Ерусалим каде што по враќањето од мисионерското патување, бил уапсен врз основа на лажно обвинување од страна на еврејските старешини. Клаудиј Лисие, кој во тоа време бил воен трибун и командант на римскиот гарнизон во Ерусалим, го испратил Павла како римски граѓанин во Ќесарија, римски центар во Јудеја, да му се суди пред судијата Феликс.

Пет дена потоа во Ќесарија стигнале и неговите тужители на чело со првосвештеникот Ананија и адвокатот Тертул. Кога добил збор, Тертул почнал да го обвинува Павла фалејќи го Феликса: „Секогаш и насекаде со голема благодарност признаваме дека преку тебе, многупочитувани Феликсе, кај нас има полн мир, а преку грижите твои – на овој народ му се дели вистинска правда“ (Дела на апостолите 24,2.3).

Тертул сметал дека повеќе ќе постигне со ласкање отколку со едноставно изнесување на факти. Евреите всушност сакале да го убијат Павла поради верска нетрпеливост. Но Тертул тоа поинаку го претставил: „Утврдивме дека овој човек е чума и дека крева бунтови против сите Јудејци по вселената и дека е предводник на назарејската ерес“ (Дела на апостолите 24,5).

Павле во својата одбрана не трошел зборови на додворување на судијата. Знаел дека Феликс е доволно прониклив да ги прочита намерите со пофалбите на Тертула. Почнувајќи ја својата одбрана, Павле му се обратил на Феликса со едноставната вистина: „Бидејќи знам дека од пред многу години си му судија на овој народ, со послободно срце ќе зборувам во моја одбрана“ (Дела на апостолите 24,10).

Павле бил достоинствен апостол и проповедник на Исуса Христа. Тој бил сведок а не адвокат. Некогаш, како фанатичен фарисеј, и самиот го рушел Христовиот пат и ги прогонувал христијаните. Меѓутоа, сега Павле го проповедал Христовиот пат, но не ги врбувал патниците. Тоа можел да го докаже. Изјавил: „Но не ме најдоа ниту во храмот некому да зборувам, или бунт да кревам меѓу народот, ни по синагогите, ниту, пак, во градот“ (­Дела на  апостолите 24,12).

Феликс за христијаните зна­ел повеќе отколку што прет­по­ставувале Евреите. Исто така ја познавал и еврејската религи­ја и нивните обичаи. Ласкањето не можело да го прелаже. Го од­ложил судењето надевајќи се по­крај другото „дека Павле ќе му да­де пари за да го пушти“ (Дела на апос­толите 24,26). Карактерот на робот не му дозволил да постапува како цар.

Неколку дена потоа, „дојде Феликс со жената своја Друсила која беше Јудејка, та го повика Павла и слушаше од него за верата во Христа Исуса“ (Дела на апостолите 24,24). Павле овој состанок го сметал за дар од Бога. Знаел дека стои пред човек кој има власт да го погуби или да го ослободи, па сепак не ѝ се обратил на оваа царска двојка ниту со пофалби ниту со ласкање. Знаел дека од неговите зборови зависи нивната вечна иднина. Заборавил на својата опасна положба и сторил сè кај Феликса и Друсила да разбуди чувство на опасност поради животот во гревот. Ги свртел со лицето кон Исуса Христа, сегашниот Спасител а идниот Судија.

Робот Павле го изнел пред своите сјајно облечени слушатели Христовиот карактер – неговата правда и чистота, Законот и судењето. Им покажал дека должност на човекот е да живее во согласност со одредбите на Божјиот закон. Во однос на Божјиот закон и Христа како Откупител, Павле бил правоверен Христов следбеник. Можел да ги повтори зборовите од поранешното судење: „Му служам на Бога на нашите татковци, дека верувам во сè што е напишано во Законот и во Пророците, дека се надевам на Бога, дека ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела на апостолите 2,14.15)

Феликс и Друсила го гледале и го слушале внимателно. На судниот ден ќе воскреснат од мртвите и грешниците! Феликс никогаш до тогаш не ја слушнал таа вистина. Павле им открил дека ниту богатството, ниту положбата, ниту титулата, па ниту самата смрт не можат грешникот да го ослободат од вината и од судот. Им покажал дека сегашниот живот е единствена прилика за подготовка и помирување со Бога. Друго време на проба нема да се даде.

Божјиот Дух го осведочил срцето на Феликса за правдата и за судот, и тој почувствувал дека зборовите на Павле се вистина. Се потсетил на своето грешно минато. Неговата душа се исполнила со ужас кога сфатил дека ќе му биде судено според неговите дела, според неговите мисли и побуди. Судијата Феликс се почувствувал обвинет! Се видел себеси пред вечниот Судија. Но наместо да дозволи ова убедување да го доведе до покајание, Феликс нагло го скратил Павловото излагање. Приликата ја отфрлил, а гревот го задржал. Го одбил последниот повик на милоста. Се стресол, но не се покајал. Стравот на судијата Феликс бил страв од казна, а не од гревот. Тоа бил човечки страв, а не Божји.

Ако го слушаме Христа, нема да се плашиме од судот. Исус рекол: „Кој го слуша Словото мое и верува во Оној кој ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот“ (Јован 5,24). Кога Христос ќе дојде по вторпат, неговото доаѓање и суд нека бидат награда, а не казна!