8.1. Пред сѐ — почеток

8.1. Пред сѐ — почеток

„Јас постојам уште пред да се роди Аврам.“

Јован 8,58.25

Вселената носи печат на волјата и на умот на Божјата личност. Редот во физиката, поредокот во хемијата, одот на човекот и летот на птиците, разновидноста и разнообразноста во светот на животните и рибите, создава кај нас уверување дека Бог е суштество, а не безживотна, механичка причина на постоењето на материјата и животот. Во природата сѐ зборува за Бога, а во Библијата Бог зборува за себе.

Да го погледнеме светот околу себе и потоа да ја земеме Библијата. Уште од самиот нејзин почеток пророкот Мојсеј зборува за Бога, но и Бог зборува преку својот пророк. Мојсеевото сведоштво за Бога е негово лично осведочување за Божјата личност, зашто „Господ зборуваше со Мојсеја лице в лице, како што човек зборува со пријател свој“ (2. Мојсеева 33,11). Бог, со кој се сретнал и се запознал Мојсеј, бил Христос, иако таа средба се одиграла петнаесет столетија пред Христовото раѓање во Витлеем. Овој извештај јасно кажува дека Христос е Бог кој станал човек, но отсекогаш бил Бог. Кога Мојсеј, како наследник на фараоновиот престол, се определил за верата во Бога, почнало неговото страдање, но и неговата големина. Иако бил научен „на целата мудрост египетска“ и бил „силен во зборови и во дела“. Од тие зборови Мојсеј побегна и стана „придојден во земјата Мадијамска.“ Таму, во пустината на Синајската гора, „му се јави ангел Господов во огнен пламен во една капина“ (Дела на апостолите 7,22.29.30).

Кога Мојсеј имал осумдесет години Бог му се јавил во пламен на капина која горела а не согорувала. Тоа бил Христос кој му се покажал како Бог под своето полно име Бог Седржител: „Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. А Мојсеј го сврти лицето свое, зашто се плашеше да погледа во Бога“ (2. Мојсеева 3,6).

Во овој текст за зборот „Бог“ во оригиналот на Библијата е употребуван зборот „ЕЛОХИМ“. Тој збор во Стариот завет се споменува околу 2500 пати. „Елохим“ е Божје име што се наоѓа во првиот стих на Првата книга Мојсеева во реченицата: „Во почетокот Бог ги создаде небото и Земјата.“ Истиот збор, односно име, Бог-Отецот му го дал на својот Син Исус Христос кога рекол: „Твојот престол, Боже (Елохим), е вечен и Жезалот на правдата е жезал на царството Твое“ (Евреите 1,8). Божјето име Елохим значи Божје Триединство и ја означува полнината на силата и моќта на неговата личност.

Мојсеј пишувал за настанокот на светот по виденијата во кои ја видел Божјата семоќ. Во неговиот извештај за создавањето Божјата семоќ и сезнаење одат заедно. Семоќта подразбира и сезнаење. Кога Бог не би бил семоќен, не би бил ниту сезнаен Бог. За Божјето сезнаење исто така зборува апостол Павле во Новиот завет: „Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов“ (Дела на апостолите 15,18).

Друго име за Бога  исто така во Стариот завет – е „ЕЛ“. Тоа се јавува во тој дел од Библијата повеќе од 200 пати, главно во псалмите, во Книгата за Јов и во Книгата на пророкот Исаија. Ова име често е здружено со придавките што значат „семоќен“ или „највисок“. Во нашиот јазик „ЕЛ“ се преведува со зборовите Бог и Господ. Со своето име Ел, Христос му се јавил на Јакова на патот од Харан во Ханан: „Јас сум Бог (Ел), кој ти се јави во Ветил, каде што го прели каменот и ми направи таму завет“ (1. Мојсеева 31,13).

Библијата содржи многу тврдења за Божјата семоќ. Јов рекол за Бога: „Знам дека Ти сè можеш и дека намерата Твоја не може да биде неизвршена“ (За Јов 42,2). Слично сведоштво дал и псалмистот во Псалм 135,6: „Господ прави сè што ќе посака, на небото и на Земјата“.

Божјето сезнаење ги вклучува и најситните подробности. За своето сезнаење Христос кажал: „А вам и влакната на главата ви се изброени“ (Матеј 10,30). Господовото сезнаење ги опфаќа не само минатото и сегашноста туку и иднината. Преку пророкот Исаија Господ објавил за себе: „Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало“ (Исаија 46,10).

Размислувајќи за Божјето сезнаење и за неговото сеприсуство, псалмистот признал: „Се восхитувам на Твоето знаење – тоа е превисоко, не можам да му пријдам!… Колку ми се недостапни Твоите мисли, Боже, колку се многубројни!“ (Псалм 139,6.17).

Мојсеј немал повеќе прашања за Божјата личност и за неговото име кога го слушнал и третото Божје име: „’Јас сум Оној, кој вечно постои!‘ Па продолжи: ’Така ќе им кажеш на синовите израелски: Оној, Кој вечно постои (Јахве), ме испрати кај вас‘“ (2. Мојсеева 3,14). Оној „Кој е“ за апостол Јован е „Алфа и Омега, почеток и крај… Кој е, Кој бил, и Кој иде, Седржителот“ (Откровение 1,8). Христос го открил своето божествено потекло кога им рекол на Евреите: „Јас постојам уште пред да се роди Аврам“. Уште порано на нивното прашање: Кој си Ти? Исус им одговорил: „Почеток, како и што ви зборувам“ (Јован 8,58.25). Во Божјето име (Елохим, Ел, Јахве) се наоѓа значењето на сѐ што учи Библијата за Бога.

Драги пријатели, ние не сме сами во вселената. Бог знае сѐ за нас. Тој нѐ љуби и нѐ води низ животот ако му веруваме. Затоа животот вреди да се живее. Бог не може да се истражи со разумот и да се опфати со знаењето, но може да се љуби, зашто „Господ Бог е вистина. Он е жив Бог и вечен Цар. Од Неговиот гнев трепери земјата, и народите не можат да го издржат Неговото негодување. Така речете им: боговите што не ги направиле небото и земјата ќе исчезнат од земјата и од под небесата. Он ја создаде земјата со силата своја, ја утврди вселената со мудроста своја и со разумот свој ги распростре небесата“ (Еремија 10,10-12). Зар Тој не е достоен и за вашата љубов и доверба?