4.1. Исус, Творец

4.1. Исус, Творец

„Во почетокот беше Словото… и Бог беше Словото… Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето…“

Јован 1,1-4

Бог ги повикува сите луѓе да го запознаат како Творец на небото и Земјата. Во последната книга од Библијата се наоѓа најголемата причина за обожавање на Бога: „И поклонете Му се на Оној, кој го создал небото и земјата, морето и водните извори!“ (Откровение 14,7).

Кој го создал светот? Библијата кажува: „Бог, кој создаде сè преку Исуса Христа“ (Ефесјаните 3,9). На оваа величествена вистина не ѝ треба коментар. За Христа како олицетворена вистина апостол Јован посведочил: „Во светот беше и светот преку Него настана, но светот не Го позна“ (Јован 1,10). Светот не го познал во Христа својот Творец, но библиската вистина за него како Спасител и Творец на светот е јасна и непобитна.

За жал, милиони денешни христијани малку знаат за улогата што ја имал Христос како Творец на светот. Тие знаат дека Тој е Спасител, но Исус не би можел да биде Спасител ако не е и Творец. Својата книга за Христа апостол Јован ја почнува со истите зборови со кои Мојсеј ја почнува својата историја за создавањето. Тој пишува: „Во почетокот беше Словото… и Бог беше Словото… Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, што стана. Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето“ (Јован 1,1-4).

Зборувајќи за Исуса Христа како Откупител и Творец, апостол Павле кажува: „Во кого имаме откуп преку крвта Негова и опростување на гревовите, и кој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар, бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо… – сè е преку Него и за Него создадено“ (Колошаните 1,14-16).

Самиот Бог-Отец му рекол на својот Син „преку кого и светот го создаде“: „Во почетокот Ти, Господи, си ја основал земјата, а и небесата се дело на Твоите раце“ (Евреите 1,2.10).
За Христа како Творец пророкот Мојсеј напишал на првите страници од Библијата: „И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што си создаде. И го благослови Бог седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде“ (1. Мојсеева 2,2.3).

Мнозина се изненадени кога ќе слушнат дека Христос е Бог кој го создал светот. Дури во светлината на оваа вистина стануваат јасни зборовите што ги изговорил сам Исус додека „одеше во сабота низ посеви“. Своите ученици кои „кинеа патем класје“ ги одбранил од обвинувањата на ферисеите со својот божествен авторитет кога рекол: „Синот човечки е господар и на саботата“ (Марко 2,23.28).

Господарот на светот е господар и на саботата. Творецот саботата ја воспоставил како доказ на својата творечка сила во првите шест дена на создавањето. Саботата осамнала кога било создадено сè и кога „виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (1. Мојсеева 1,31). Седмиот ден станал специјален празник. Бог го благословил и го посветил за посебна задача. На човештвото, што се состоело само од Адама и Ева, Бог можел да му го каже истото она што им го кажал на фарисеите: „Саботата е создадена за човекот“ (Марко 2,27).

Саботата е создадена во Едем, кога уште немало ниту еден Евреин. Саботата на човекот во Рајот му била не само потреба туку и благослов. За првиот маж и жена саботата била доказ дека ги создал Бог, но исто така и израз на нивната љубов кон Творецот. Христос бил Бог кој ја создал саботата и ја ставил во центарот на својот морален Закон. Од таа причина Христос рекол дека со држењето на заповедите ние покажуваме љубов кон него: „Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам“ (Јован 14,21).

Најстариот извештај на Библијата е извештај за создавањето и за саботата. Саботата е создадена за Адама и Ева како претставници на целиот човечки род. Знаејќи однапред дека човечкото семејство ќе биде наклонето да го заборави својот Творец, Бог ја создал саботата да нѐ потсетува на Творецот и на создавањето.

Саботата е дадена во Едем пред појавувањето на гревот, зашто Христос сакал веднаш да го поврзе срцето на човекот со себе како Творец. А кога човекот згрешил, саботата и понатаму останала како знак кој јасно укажува на Христа како Творец.

Саботата укажува не само на првото создавање, туку и на идното, второто создавање. Христос дошол на светот за уште еднаш да нè создаде според својот лик. Затоа саботата не е само знак на Христовата љубов кон нас, туку и на нашата љубов кон него. Познавајќи ја саботата, ние ја исповедаме нашата вера дека Исус е наш Творец и Откупител. Саботата е споменик на првото создавање, но и на второто, новото создавање што ни го овозможил Христос со своето отелотворување, со смртта и со воскресението.

Кога Христос бил на Земјата вистинската природа на саботата не можела да се види под пластовите на традицијата на еврејската црква. Наместо да биде благослов, саботата станала товар. Прва Христова задача била својот свет ден да го ослободи од човечките толкувања. Малку луѓе околу Христа знаеле дека Тој во празнувањето на саботата гледа најголем израз на Љубовта кон својот небесен Отец. Уште помалку имало такви кои знаеле дека заповедта за празнување на саботата ја напишал сам Христос.

Христос бил Бог кој на Синај на камена плоча напишал со свој прст: „Помни го денот саботен, за да го празнуваш. Шест дена работи и сврши ги во нив сите работи свои; а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе, оти за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го посвети“ (2. Мојсеева 20,8-11).

Како човек, Исус го празнувал седмиот ден. Мошне е значајно што Исус ја празнувал саботата и тоа според „својот обичај“, а не според црковните преданија. Еден ден, кога наминал во Назарет, градот во кој пораснал, Исус „по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па застана да чита“ (Лука 4,16). Старешината на црквата мошне добро го познавал Исуса и неговиот обичај во сабота да биде во црква, затоа му укажал доверие да го води богослужението.

Исус како човек не ја променил саботата што ја дал како Бог. Саботата е дадена како доказ на неговата божествена моќ да создава. Бог не се менува. Исус Христос е ист вчера, и денеска и секогаш (Евреите 13,8). Саботата е траен знак на неговата непроменливост. И ние не треба да ја менуваме!